Турција преку апликација ќе ги следи заболените со коронавирус

Турските власти ќе го следат движењето на лицата кои се позитивни на коронавирус и членовите  на нивните семејства преку апликација за телефони, соопшти владата во обид да го спречи брзото ширење на епидемијата во Турција.

Ако пациентот или контактираното лице го напушти нивниот дом, тие ќе добијат СМС порака, а потоа автоматски телефонски повик со кој ќе побараат да се врати, соопшти канцеларијата на турскиот претседател во видео презентација на мерката.

Ако тој не го почитува или го повтори делото, полицијата ќе биде известена и ќе следува казна.

Веста за мерката што треба да стапи на сила оваа недела доаѓа во време кога повеќе европски земји размислуваат за употреба на телефони во борбата против „Ковид-19“, без да се загрози приватноста.

Кабинетот на турскиот претседател тврди дека овој мониторинг ќе се изврши во согласност со законите за заштита на личните податоци и дека сите собрани информации ќе бидат уништени кога ќе помине епидемијата.

„Благодарение на слични проекти, другите земји во светот постигнаа одлични резултати во борбата против Ковид-19“, велат од канцеларијата.

Епидемијата се шири брзо во Турција веќе неколку дена. Погодени се повеќе од 38.000 луѓе, од кои 812 починале.

Поради оваа ситуација, претседателот Реџеп Таип Ердоган воведе голем број мерки: затворање на училиштата, баровите и културните институции, прекинување на воздушниот сообраќај и ограничување на патувањата.

Но, опозицијата и лекарите го повикуваат Ердоган да воведе општ карантин, што претседателот го одбива затоа што не сака да ја парализира ослабената турска економија.

Засега, само над 65-годишните и под 20-годишните лица и хроничните пациенти не смеат да ги напуштаат куќата, дури и да не купуваат храна.

притисни ентер