Тој вели дека најновиот Извештај на американскиот Стејт департмент, во кој се забележува отсуство на судска независност и драстично намалена доверба треба сериозно да се сфати и да се работи на подобрување на состојбите.
„ Ние секои четири години имаме акциски план за реформи во правосудството но тој план секогаш го потенцираат нашите политичари кога треба да добијат политички поени и да на некој начин само декларативно се прикаже на меѓународната заедница дека ние преземаме нешто конкретно во правосудството. Но, очигледно овој последен Извештај на Стејт департментот сето тоа го демантира и верувам и убеден сум дека тие располагаат со сознанија кои се исклучително кредибилни за да направат ваков извештај и да изнесат ваков тип на конкретни констатации. “-Владимир Туфегџиќ – Адвокат.
Во документот, според податоците од Судскиот совет, е нотирано дека корупцијата се должи на тоа што судиите намерно ги одложувале судењата за да овозможат застареност , особено во случаи од висок профил во кои се вклучени богати и влијателни бизнисмени или политичари, а освен ова се наведува и тоа дека има судии кои соработуваат со адвокати за поткуп или тргување со влијание. Ваквите спреги, Туфегџиќ вели прават огромна штета и треба веднаш да се расчистат.
„ Огромниот број на судии и јавни обвинители кои чесно си ја работат својата работа, треба да си ја преземат и одговорноста да расчистат со една мала група на луѓе која очигледно и во овој извештај е детектирана за да се намалат штетните последици бидејќи очигледно е дека дејствијата на една мала група на несовесни и судии и јавни обвинители прави една голема штета на правосудниот систем.“ Владимир Туфегџиќ – Адвокат.
Во Извештајот се нотираат одлуките на скопска Апелација во кои беа укинати затворските казни за „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ во кои е обвинет поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков. Во документот се наведуваат и спогодбите со обвинителството за случајот „Империја“ на Мијалков и бизнисменот Орце Камчев по кои тие беа преместени да ги издржуваат казните во отворениот затвор во Струга.