Трипуновски во Платежната агенција за неисплатени субвенции на земјоделец од Арачиново

Земјоделецот од Општина Арачиново, Зејнула Сулејмани две години чека институциите да кажат зошто не добил субвенции.

За ова, тој наводно му се пожалил на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Образложувајќи го случајот на Сулејмани, Трипуновски денеска даде изјава за медиумите пред Платежната агенција, при што повтори дека до 12 април, кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори, постојано ќе биде меѓу земјоделците и ќе помага да се решаваат нивните проблеми.

– Денеска сум во Платежната агенција на барање на еден земјоделец кој дојде до мене во Министерството и побара помош. Се работи за предмет што од 2018 година тапка во место, а загрижениот земјоделец е Зејнула Сулејмани кој две години го чека одговорот за своите редовно заслужени субвенции. Јас во разговор со него одлучив директно да дојдам во Платежната агенција и да се информирам лично од прва рака за целата ситуација, односно зошто на овој човек не му се исплаќаат субвенциите, рече Трипуновски.

Дополнителниот заменик-министер го лоцираше проблемот во менаџерскиот тим на Агенцијата иако во неа, како што истакна, работат многу вредни и чесни луѓе.

– Ова е само еден доказ дека она што го зборуваме изминатите години дека имаме некомпетентни луѓе на работни позиции во институциите доаѓа на дело. Ова е еден доказ дека институциите работат споро по налог на овие менаџери. Овој човек си ги чека редовно заслужените субвенции, чека одговор, дури и да му се каже дека не му следуваат со објаснети причини, па понатаму нека ги бара во судските инстанции да види дали навистина е во право или можеби институцијата е крива, напомена Трипуновски. /МИА

Битолскиот театар на меѓународен фестивал во Рума, Србија

Актерите на НУ Народен театар-Битола, Викторија Степановска Јанкуловска и Никола Стефанов вечер во Рума, Србија на тамошниот меѓународен театарски фестивал ќе ја одиграат претставата „Кислород“ во режија на Иван Јерчиќ.

Фестивалот е со натпреварувачки карактер и освен македонските актери во конкуренција се и актери на театри од Унгарија, Романија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и домаќинот Србија.

Театарската претстава „Кислород“ е фокусирана на проблемите во животот, потребата на човекот да живее, или како што велат битолските актери, да се живее живот полн со љубов, среќа, емпатија и солидарност.

Претставата „Кислород“ почнува во 21 часот и ќе се одигра на сцената на Градски театар во Рума. /МИА

Бајден со помош на Обама и Клинтон собра рекордни 25 милиони долари за својата кампања

 Кампањата за собирање средства за американскиот претседател Џо Бајден со поранешните претседатели Барак Обама и Бил Клинтон генерира над 25 милиони долари, најголема собрана сума досега во историјата на САД.

Бајден синолќа со Обама и Клинтон учествуваше во дискусија во познатата њујоршка „Радио сити мјузикл хол“, модерирана од водителот на „Лејт шоу“ (The Late Show) Стивен Колбер.

Но, настанот неколку пати беше прекинуван од демонстрантите во салата, кои скандираа против политиката на Бајден за поддршка на Израел во војната со Хамас. Еден од демонстрантите извика „Срам да ти е, Џо Бајден“. Тие исто така го прекинуваа и говорот на Обама.

Демонстрантите го прекинаа и настапот на музичарите Квин Латифа, Лизо, Бен Плат, Синтија Ериво и Леа Микеле.

Влезниците за вчерашниот предизборен митинг на Бајден чинеа од 250.000 и 500.000 долари. Дел од донаторите позираа со претседателите, а фотографиите ги направи славната фотографка Ени Лејбовиц. /МИА

Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел, се откажав од надомест

Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки, вели Петровска.

Како што ветив транспарентност од почеток до крај на процесот против изнесените лаги, клевети и навреди од страна на Драган Ковачки врз мене сакам да Ве известам дека Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста. Ова го објави предмалку министерката за одбрана Славјанка Петровска на нејзиниот фејбук профил.

- Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки. Како што кажав и на почетокот во медиумите: "Пари од нечесник не сакам" и Ве известувам дека се откажав од паричниот надомест, напиша Петровска.

На ФБ министерката за одбрана напиша дека секој го прави тоа што најдобро го знае, „тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“.

притисни ентер