Ден откако неговото име беше објавено на црниот список на Американскиот Стејт департмент Беџети не се појавил на работа бидејќи зел денови од годишен одмор, потврдија од скопска Апелација за Канал 5.
Иако во информацијата со која Беџети и Артан Груби беа означени како непожелни во САД не е децидно наведено за кој случај станува збор, сепак наводите дека двајцата биле вклучени во значителна корупција со прифаќањето мито за нарушување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда за поранешнениот шеф на УБК Сашо Мијалков, сугерираат дека станува збор за предметот со незаконското масовно прислушување „Таргет-Тврдина“, кој Беџети го чуваше девет месеци во фиока и проднесе до негово застарување.
За ова Судскиот совет лани во јануари формираше комисија со која потврди дека Беџети намерно го развлекувал предметот, но на крај за неговото нестручно и несовесено работење беше казнет само со 20 проценти од неговата плата во времетраење од шест месеци.
Името на Енвер Беџети се наведуваше како главна за ескалациите во Судскиот совет, кога лани во април наместо на дневен ред да се стави иницијатива за поведување на дисциплинска постапка против него, се случи скандалозното незаконско разрешување на тогашната претседателка Весна Дамева, по предлог на тогашниот нејзин заменик Селим Адеми, кој се поврзува со ДУИ.
Останува неизвесно дали Судскиот совет, во кој поголемиот дел од членовите се истите од пред една година сега по наводите од Стејт Департментот може да отворат нова постапка за Беџети. За ова Канал 5 побара одговор од заменик претседателот Ханиф Зендели, кој во телефонски разговор кусо одговори дека ова тело ќе ги преземе сите законски мерки по што ќе ја информира јавноста, без да прецизира за што конкретно станува збор.
Дополнително, до застарување на предметот за масовното прислушување и ослободување на Мијалков допринесоа и измените на Кривичниот законик. Сега во судот единствено се води повтроена постапка само за делот од предметот којшто се однесува на уништување на опремата за прислушување, а во кој обвинети се Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, и бегалците Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Случајот е во фаза на завршни зборови, но ако до 2025 година не биде донесена правосилна пресуда, и овој случај целосно ќе застари.