Три деца меѓу жртвите на свлечиштата од монсунските дождови во Непал (ВИДЕО)

Пет лица, меѓу кои и три деца, загинаа во лизгање на земјиштето во Непал, пренесува Ројтерс.

Така, бројот на загинати во сезоната на монсуните, што започна во мај, се искачи на 175, објавија тамошните власти.

Лизгање на земјиштето предизвикано од поројните дождови однесе куќа во областа Гулми, западно од Хималаите. Во неа биле сместени 30-годишна жена со три деца на возраст од 10 месеци до девет години. Сите починале.

Покрај тоа, уште едно лице починало во лизгање на земјиштето што се случило во источен Непал. Од почетокот на сезоната на монсуните, 108 лица исчезнале, а 52 други се повредени.

Околу 8 милиони луѓе се раселени во двете најсиромашни индиски држави, Бихар и Асам, поради монсуните од мај, а 110 починале.

Алпинистички техники се користат за висински работи како бојадисување фабрички оџаци

Надир Мурсели од Тетово е еден од малиот број луѓе во државата кои благодарение на своето алпинистичко искуство можат да ја изведуваат таканаречената „висинска работа" како што се бојадисување фабрички оџаци високи по стотици метри, разни видови работа поврзани со одржување, градежни зафати или поправки на згради, мостови, брани, облакодери, ветерници, силоси, односно секаде каде е тешко достапно да се работи поради височината.

Надир има 44 години, а со планирење и алпинизам почнува да се занимава уште во средношколските денови. Специјалност во алпинизмот му е искачување на мразови. Највисоко стигнал на Хималаите на Ајланд Пик на 6200 метри надморска височина, како и МекКинли и Аконкагва.

Како и во алпинизмот така и во оваа работа, успехот според животното мото на Надир е кога жив и здрав, алпинистот ќе се врати дома. Затоа тој ги потенцира неколку најважни поенти при извршување на ваква работа како што се придржување до протоколите за безбедност, високата персонална концентрација и соодветна опрема.

-Алпинистичката техника која ја познаваме е таа која ни помага и ни овозможува да се доближиме и да ја вршиме таа одредена дејност на високо место или објект. Скоро сите што работат се алпинисти. Опремата малку се разликува од таа што се користи за качување на карпи, но суштината е иста. Важна е опремата за заштита почнувајќи од најосновите работи специјален шлем со визир, јаже, појас, објаснува Надир.

Потребно е големо значење да се даде на безбедноста, односно минимализирање на опасносите при извршување ваква работа.

-Безбедосната е важна затоа што само еднаш може да се падне или само еднаш може да те удри нешто. Се што не е врзано на висина, се паѓа. Ако оставиш на балкон или покрив било каков предмет ако не е врзан со време паѓа, а не па луѓето. Ако човек не е врзан, ниту кацига има, безбедноста е нула, а ризикот е максимален. Пад и од 2,5 метри може да биде фатален. Дали се плашиш од висина, најчесто не прашуваат. Секако дека постои доза на страв. Но одговорот е дека јас се обезбедувам со опрема и така верувам дека ќе успеам. Секако и со моето познавање се минимизира опасноста и стравот, па тоа е разлика меѓу мене и некои што веруваат дека лесно може да се изведе оваа работа, вели 44-годишниот тетовец.

Покрај личната одговорноста кон опремата Надир ја потецира и потребата да се биде внимателен кога дува ветер или пак има појава на грмотевици. Тогаш работата се прекинува веднаш.

-Треба да се биде физички и психички подготвен, да се биде разумен кога и како да се работи. Освен познавање на техниките за искачување и одржување на безбедноста треба да се знаат и одредени „занаетски вештини", да знаеш да сечеш со моторна пила, да заваруваш, да бушиш, да користиш алат и слично. Познавање на техника, физика, уметност, па дури и на креативност би рекол затоа што е потребно некогаш да се адаптираш на тоа што е на самото место, рече Надир.

Највисок објект на кој што работел се оџаците на РЕК Битола.

-Оџаците на РЕК Битола се на 250 метри и требаше да се бојадисаат. Сега на самиот оџак има скали, ама да се искачат тие 250 метри во височина потребни се околу 30-40 минути. Важен е тука и транспортот на материјалите за работа, железа, бои и слично. Се работи од горе надолу.Тоа трае со денови. Тие се фарбаат со црвена и бела боја за да бидат видливи за хеликоптери. И светилките кои се користат навечер се менуваат, раскажува соговорникот.

Тој има неверојатно искуство од Швајцарија каде порано живеел од аспект на почитување на правилата.

-Две години во Швајцарија работев за фирма која работи на кастрење на дрвјата. Но таму ми овозможуваа само да бидам помошник и да помагам околу безбедноста, опремата и материјалите. Дрвјата и гранките можеа да ги сечат само луѓе со соодветно образование нешто како шумарски факултет. Затоа што ако не ја познаваш таа област, шумарството, не смееш да му пристапиш на дрвото. Такво нешто немав, но бидејќи имав познавање на техниките и искуство во оваа висинска работа ме зедоа само како помошник, но не ми беше дозволено да сечам дрвја, раскажува Надир за тамошното искуство, додавајќи дека во Швајцарија огромно значење се придава и се постапува соодветно кон безбедноста во оваа работа.

Разни доживувања и случки има низ цела државата, а имал и пример кога не бил повикан за работа тука такви биле околностите па познавајќи ја техниката се нашол на помош.

-Во зградата каде живеам сум се спуштал користејќи ги алпинистичките техники од балкон во балкон за да влезам во стан и да отворам заклучена врата поради оставени клучеви во внатрешноста. Во манастирот Пречиста Богородица во Кичевско кога еднаш бев се скина јажето од ѕвоното. На домарот му беше страв да се искачи, па јас се понудив и успеав да се качам на камбанаријата за да го преврзам јажето за да може да се користи ѕвоното, раскажува Надир.

Тетовскиот планинари вели дека „висинската работа" и алпинизмост се надополнуваат.

-Двете области бараат постојано да се биде во контакт со опремата, да се вежба, да се биде ангажиран, подготвен и флексибилен да одговориш на предизвиците. Важно е обновување на оваа опрема за што постојат соодветни правила, истакнува планинарот.

Инаку во алпинизмот Надир се има искачувано речиси сите локалитети низ Македонија како Солунска Глава, Матка, Остра Карпа, Демир Капија и други. Низ балканските земји на Метеора во Грција, Маљовица и Враца во Бугарија, Пакленица во Хрватска, како и во Црна Гора, Босна и Херцеговина. Во европските држави одел на Јулиските Алпи, Доломити и Европските Алпи.

ВМРО-ДПМНЕ: Поради неодговорноста на власта, граѓаните ќе плаќаат 4,13 денари повеќе за гориво

Петро-заевата такса од 4,13 денари по литар гориво треба да го покрие делумно бесрамното трошење на буџетските пари

Поради неодговорноста на власта на Заев, граѓаните ќе плаќаат 4,13 денари повеќе за секој литар купено гориво. Оваа такса трајно го поскапува горивото и отвора инфлаторна спирала, а власта ја воведува само за да пополнува буџетски дупки и да го ублажи катастрофалниот долг кој го создаде

Токму преку вакви нови такси, повисоки даноци, поскапа струја и слични давачки, власта на Заев ќе ја покрива својата погрешна финансиска политика. За само 4 години власта на Заев го искачи долгот на рекордни 7,2 милијарди евра, или загрижувачки 63% од БДП. Само за илустрација долгот за овие 4 години порасна за нови 2,4 милијарди евра или за цели 50% повеќе отколку што наследија. Заев на секое просечно семејство му натовари нов долг од 4800 евра за време на својата власт.

Да биде пострашно, апсолутно никој не знае каде завршија овие милијарди од новите долгови, како и милијардите од даноците кои ги плаќаат граѓаните. Нема ниту капитални инвестиции, ниту поддршка за стопанството, нити нови училишта, болници, градинки, автопати и слично.

Затоа и овие 4,13 денари по литар поскапено гориво е обична петро-заева такса која треба врз грбот на граѓаните да ги покрива погубните економски и финансиски политики на Заев, криминалот, корупцијата и галопирачкото задолжување.

Со почит,
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Стоилов: Цел на бугарската техничка Влада е да ги разоткрие моделите за спроведување корупција

Министерот за правда на Република Бугарија Јанаки Стоилов во интервју за МИА вели дека привремената Влада има цел и да ги разоткрие оние модели со кои се спроведува корупцијата, од кои, според него, дел се законски, но се крајно нецелисходни.

Техничката Влада во Бугарија која е со многу ограничен мандат паралелно е и со голема амбиција добро да ги организира парламентарните избори во јули и да ги пронајде коруптивните практики со купено контролирано гласање за време на изборите.

Министерот за правда на Република Бугарија Јанаки Стоилов во интервју за МИА вели дека привремената Влада има цел и да ги разоткрие оние модели со кои се спроведува корупцијата, од кои, според него, дел се законски, но се крајно нецелисходни.

Според Стоилов, со направените измени во законодавството се намалуваат можностите преку Агенцијата за Бугари во странство и разни организации да се фаворизираат одредени групи, да се влијае во корист на некои партии или пак да се издадат лажни сертификати за бугарско потекло.

Господине Стоилов благодарам што прифативте интервју за МИА. За почеток би Ве прашал каква е довербата во правосудниот систем во Бугарија? Вие сте европска држава, но остана ли балканскиот манири на корумпирани судии и јавни обвинители?

Да ви обрнам внимание дека корупцијата не е само проблем во балканските држави, туку тоа е и глобален проблем. Веројатно сте забележале дека во последните години се актуелни прашањата за олигархизација на политиката, односно зголемување на богатството и негова концентрација во тесен круг на луѓе, кои што ја поврзуваат политичката и економска активност и со тоа го доведуваат во прашање демократското функционирање на институциите.

Ако има нешто специфично за Источна Европа, тоа е трансформацијата на државната сосптвеност како резултат на приватизацијата и другите методи, односно за неколку години од силно доминантна државна сопственост се премина на раздржавување. Тоа во многу случаи покажува дека додадената вредност и претприемништво не го формираа богатство, туку пристапот до можноста да се добие овој државен имот.

Се разбира, за нас една од тековните задачи е спротивставувањето на корупцијата. Сегашната Влада, иако е техничка, со многу ограничен мандат, има амбиција не само добро да ги организира парламентарните избори, вклучително и да ги пронајде коруптивните практики со купено контролирано гласање за време на изборите, туку и да ги разоткрие оние модели со кои се спроведува корупцијата, од кои дел, за жал, се законски, но се крајно нецелисходни и не се во интерес на мнозинството луѓе, и драстично да ги намали ваквите практики. Тоа е еден од приоритетите во мојата работа, заедно со подобрување на услугите за граѓаните и одржување на интеракцијата со судството.

Неодамна САД воведоа санкции кон, мислам, тројца олигарси во Бугарија. Можете ли да ми кажете како постапија Министерството за правда и бугарската Влада во однос на барањето на директорот на Канцеларијата за контрола на странски средства на САД, кој што вели дека треба да се искорени таа корупција и бара одговорност за корумпираните владини службеници?

Тоа пред се е задача што треба да ја решаваат бугарските власти. Но, во глобалниот свет во кој што се наоѓаме, нема начин како ова прашање да не ги интересира и сите оние кои што се поврзани со Бугарија, како локални и странски компании и разни земји во и надвор од Европската унија. Владата донесе една одлука да се стави крај на учеството на луѓе и одредени компании кои се вклучени во вакви процеси. Тоа е фактичката состојба и тоа е реален проблем на кој е посветено нашето внимание.

Но, ова прашање има правна страна и е многу покомплексно. Како да се усогласат ваквите постапки со бугарскиот правен поредок, бидејќи некои од нив би можеле да бидат оспорени пред судската власт, а ние во моментов немаме можност да ги менуваме законите. Треба да ги искористиме оние средства што постојат во законите против перењето пари, против злоупотребите, за да се обидеме да ги искомбинираме овие фактички со законските решенија.

Европската главна обвинителка Лаура Ковеши, пред неколку дена оствари посета на Софија и Вие, чинам, имавте средба. Која беше целта на нејзината посета?

Успеав накусо да разговарам со европскиот јавен обвинител за време на Советот на министри на ЕУ. Имено, таму, прв пат беше претставен почетокот на активноста на Канцеларијата на европското обвинителство и ја искористивме можноста при нејзината посета, таа да разговара во Министерството со мене и со мојот тим. Ние се осврнавме на прашањата за добра интеракција со сите оние институции што се релевантни за активностите на Европското обвинителство. Исто така, би сакал да го споделам нејзиното очекување, бугарската држава, пред се Обвинителскиот колегиум на Врховниот судски совет, брзо да ги номинира останатите кандидати за Европското обвинителство од страна на Бугарија, со цела неговата активност да биде добро организирана и спроведена. Исто така, ја коментиравме и темата за специјалното правосудство со цел тоа да има реални резултати во борбата против корупцијата, како и за сите институции во нивната сфера на надлежност.

Уште колку кандидати треба да се исpатат?

Уште шест.

Наредивте ревизија во Агенцијата за регистрација и Дирекцијата за бугарско државјанство. Што покажа контролата во овие институции? Има ли некаква злоупотреба?

Не е тајна дека постојат три проблематични области што се во делокругот на Министерството за правда. Една од тие сфери е проблематиката со бугарското државјанство, потоа се активностите на регистрација на трговските друштва и местата за лишување од слобода. Уште од стапувањето на должноста наредив такви инспекции да бидат спроведени од Инспекторатот во Министерството за правда и од нашата внатрешна ревизија, така што тие не беа насочени само кон Агенцијата за бугарско државјанство.

Тоа што го констатиравме беше значително забавување на процесот. Утврдивме дека целиот процес е искулчително долг, затоа што, знаете, при проценката на кандидатите се вклучени различни институции кои не се само во делокругот на министерот за правда. Но, за тој краток период се обидовме да го забрзаме процесот, без да ги спуштиме критериумите за проценка во суштина и тоа забрзување да биде и на влезот и на излезот од системот.

Само да ви дадам пример, од моментот на издавањето на Указ од страна на потпретседателот за добивање бугарско државјанство, до издавањето на Уверението, односно можноста луѓето реално да го користат тоа признато право, минуваат 8-9-10 месеци. Во таа активност, утврдивме дека посредуваат некои лица кои се вработени во Министерството и можеби се обидуваат да стават некого во поповолна позиција. Затоа ги променив внатрешните правила, беа ангажирани повеќе вработени и се надевам дека и пред истекот на нашиот мандат, во голема мерка ќе го намалиме времетраењето, така што од неколку месеци овој период да биде неколку недели.

Во однос на поднесувањето на апликациите, бидејќи тоа се прави по електронски пат, веќе се пополнети термините за една година однапред, до јуни 2022 година. Затоа подготвивме промени во наредбата, за која во моментов тече неопходната јавна расправа, и очекуваме да се забрза тој процес. Аплицирањата да се прват не само по електронски пат и бугарските граѓани и граѓаните на Европската Унија, како и лицата со постојан престој во Бугарија, да можат да аплицираат и лично, што според мене значително ќе ја забрза и целокупната постапка.

Ќе се прави ли ревизија на некои издадени државјанства?

Тоа не е наша задача. Има определени правила за оспорување на веќе издадените решенија, но можеби знаете дека веќе беа направени измени во законодавството за време на Парламентот, со што се намалуваат можностите преку Агенцијата за Бугари во странство и разни организации да се фаворизираат одредени групи, да се влијае на тој начин во корист на некои партии или пак да се издадат лажни сертификати за бугарско потекло. Ние сакаме да опфатиме повеќе наши сонародници, но не со заобиколување на законот, туку со неговата стрикна примена.

За крај би Ве прашал, кои обврски кон државата ги имаат лицата кои ќе добијат бугарско државјанство?

Тие треба да имаат бугарско потекло и како во повеќето земји, тоа потекло може да се следи, да речеме, до три генерации во минатото. Тоа треба да биде по дирекна линија. Доколку се применат такви критериуми, мислам дека пропустите ќе бидат драстично намалени./МИА.

притисни ентер