Бројот на заразени лица започна да се зголемува пред шест недели, особено во јужните и западните држави како Аризона, Калифорнија, Флорида и Тексас, кои се меѓу првите што ги укинаа рестриктивните мерки наметнати за да се запре ширењето на вирусот.
Инфекцијата забрза минатата недела во 46 од 50 држави на САД, пренесува Ројтерс. Во јули е регистриран рекорден дневен број нови инфекции од 28 држави.
Со 3,3 милиони случаи, Соединетите држави се најпогодената земја на светот во однос на населението, заедно со Перу, и со повеќе од 135 илјади смртни случаи, е на седмото место по смртни случаи во однос на вкупното население.
Флорида вчера пријави 133 смртни случаи, со што вкупниот број достигна 4,5 илјади. Претходниот рекорд е поставен на 9 јули, кога имало 120 смртни случаи. Вчера Алабама има рекордни 40 смртни случаи, а Северна Каролина 35.
Поради зголемениот број заразени и починати, наставниците и професорите од Калифорнија до Висконсин ќе одржуваат предавања преку интернет наместо во училници кога ќе започне новата учебна година за неколку недели.
Претседателот на САД, Доналд Трамп се закани дека нема да ги финансира или ослободува образовните институции кои одбиваат да ги вратат часовите во училниците, од кои повеќето се финансирани на сојузно ниво или од локални даноци.
Кампањата на Трамп пред претседателските избори на 3 ноември , се темели на отворање на училниците и враќањето на родителите на работа , што е клучно за економското закрепнување.
Државата Њујорк планира да ги отвори своите училишта во области каде што бројот на заразени претходните неколку недели е под 5 проценти од оние кои дневно се тестираат.
Таа сојузна држава е една од само четирите каде што минатата недела падна бројот на ново заразени. Градот Њујорк, каде што во голема мерка се почитуваат мерките за социјално растојание и носењето маски, неодамна евидентира ден без жртви за прв пат од март.
Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо вчера ги додаде Минесота, Њу Мексико, Охајо и Висконсин на списокот на 22 држави од каде што пристигнатите патници мораат да поминат 14 дена во карантин.