Трамп и Ердоган во Белата куќа не се договориле за рускиот ракетен систем

Американскиот претседател Доналд Трамп по средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека купувањето на Турција на руски ракетен одбранбен систем е „многу сериозен предизвик“ за САД .

По долгоочекуваната средба во Белата куќа за решавање на кризата во односите, Трамп рече дека тој е „голем обожавател“ на турскиот лидер и имал „прекрасна и продуктивна“ средба. Сепак, нема промена за некои клучни прашања, од Сирија до рускиот ракетен систем С-400.

Срдечниот пречек на Трамп за Ердоган е во спротивност со незадоволството на американскиот Конгрес за офанзивата на Анкара врз Сирија и протерувањето на курдските милитанти, главниот партнер на Вашингтон во борбата против Исламската Држава.

Трамп донесе пет републикански сенатори во Белата куќа за да разговараат со Ердоган за сириските Курди и испораката на ракетниот систем, поради што Вашингтон ја исфрли Турција од својата програма за производство на борбените авиони Ф-35.

„Стекнувањето на Турција со софистицирана руска воена опрема, како што е С-400, претставува многу сериозен предизвик за нас “, рече Трамп на заедничката прес-конференција.

„Разговаравме за тоа денес, ќе зборуваме и во иднина. Се надевам дека ќе можеме да управуваме со оваа ситуација“, додаде тој.

Ердоган изјави дека двете земји можат да го решат спорот околу рускиот ракетен систем и борбените авиони Ф-35 само преку дијалог.

„Турција и САД можат да работат заедно за уништување на Исламската држава и враќање на мирот во Сирија. Најверен американски партнер во регионот е Турција“, рече Ердоган.

Тој побара од Трамп да престане да ги поддржува курдските милитанти, кои Анкара ги смета за непријатели.

Ердоган беше критички настроен кон американскиот Конгрес, особено поради гласањето во Претставничкиот дом минатиот месец, за необврзувачка резолуција, со која се прогласува убиството на 1,5 милиони Ерменци пред еден век како геноцид.

Израел има намера да постави 10.000 шатори во близина на градот Рафа

Израелските медиуми јавија дека Израел има намера да постави 10.000 шатори во близина на градот Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, во рок од две недели, како подготовка за копнената инвазија на неговата армија врз градот.

Израелскиот канал Кан наведува дека официјалниот документ што го добил укажува дека Израел ќе постави 10.000 шатори надвор од Рафа во следните две недели и дека во моментов се набавуваат дополнителни 30.000 шатори, кои подоцна ќе бидат поставени во тоа подрачје.

Според каналот, врз основа на распоредот (за подигање на овие шатори), може да се каже дека патот до евакуација на жителите од Рафа е сè уште многу долг.

Израел, според изјави на официјални претставници, инсистира на инвазија во Рафа, тврдејќи дека тоа е последното упориште на бригадите Ал-Касам поврзани со движењето Хамас, и покрај зголемените меѓународни предупредувања за катастрофалните последици од нападот и поради присуството на околу 1,4 милиони раселени луѓе во тој град.

За време на војната, Израел ги принуди повеќето Палестинци од северниот и централниот дел на Појасот Газа да побегнат во градот Рафа, кој се наоѓа на границата со Египет.

Каналот Кан објави дека во текот на оваа недела, израелската армија имала намера да фрли летоци од воздухот во Рафа во кои го повикувала своето население да се евакуира, но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во последен момент одлучил да го одложи тој потег и да го информира министерот за воениот кабинет за одлуката, според истиот извор.

Каналот го поврзува одложувањето на Нетанјаху во копнената инвазија на Рафа со неговата желба да добие целосна поддршка од САД за иранскиот напад, кој лансираше стотици проектили и беспилотни летала кон Израел во саботата навечер.

Каналот потсети дека САД, како што е познато, силно се противат на планираната израелска операција во Рафа. /МИА

Арсовска: Врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на Универзалната сала?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на прес-конференција праша врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на Универзалната сала.. 

Зошто министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска не го пријавила пожарот во Универзална, ако како што вели, за него дознала пред девет часот утрината?

На ова, но и на многу други прашања, одговори побара градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, една недела по пожарот во Универзална сала.

Таа отвори дилема и зошто – работниците кои во моментот се обиделе да го изгаснат пожарот, не побарале помош од противпожарната бригада Скопје.

Арсовска, рече дека очекува конкретни одговори за пожарот во Универзална сала, а не како што истакна, лаги и инсинуации. Рече и дека како град Скопје воопшто не бил информирани за отпочнување на градежните активности.

„Врз основа на кон проект е продолжено да се реконструира Универзалната сала во Скопје. Врз основа на кое мислење за стабилност и сеизмичка заштита се реконструира салата? Кој е управителот на Универзална сала, врз основа на кој документ и кој проект.“

Градоначалничката на Скопје верува дека истрагата на МВР и Јавното обвинителство ќе даде точни информации зошто избувна пожарот во култното место за скопјани и цела Македонија. Пожарот во Универзална сала избувна минатиот вторник претпладнето. Пламените јазици уништија дел од кровната конструкција, а целосно беа пеплосани иверици и стар материјал.

Невреме во Словенија: Силни ветришта, град и снег (ВИДЕО)

Агенцијата за животна средина издаде портокалово предупредување за југозападниот и централниот дел на Словенија поради силниот ветер.

Портокалово предупредување е издадено за јужниот дел од земјава поради снежни услови. Температурите паднаа, а на места како и за повеќе од 10 Целзиусови степени, објави Индекс.

Заладувањето со студен фронт од североисток напредува кон запад од земјава. На некои места веќе се олади за повеќе од 10°C. Дува силен североисточен ветер. Во северна Словенија почна да се развива невреме, а врнежите ќе се интензивираат во следните неколку часа, пишува Агенцијата за животна средина.

„Во појасот од Горењска до Корушка се очекуваат врнежи од 30 до 60 милиметри. На повисоките места над околу 800 метри може да наврнат околу 20 сантиметри снег“, соопшти Агенцијата за животна средина на Република Словенија (Арсо).

Снегот веќе ги побеле Љубељ, Коренско седло и Рогла, што може да се види и на веб-камерите. Сообраќајниот информативен центар предупредува дека зимската опрема е задолжителна и по 15 март во случај на снег на коловозот.

Во Штаерска, на над 500 метри надморска височина веќе паѓаат мали снегулки, а невремето ја зафати и Корушка.

Попладнево и навечер можна е многу силна бура во Приморје, која ќе надмине сто километри на час, а привремено силен североисточен ветер ќе дува и на други места во Словенија, најави за СТА, дежурниот метеоролог на Арсо, Ева Безек.

Поради силното невреме Арсо за денеска од 14 до 23 часот издаде портокалово предупредување за невреме, можна е и трамонтана на брегот. Поради силниот ветер Арсо издаде и портокалово предупредување за централна Словенија, за денеска од 13 до 15 часот.

Поради попладневните и вечерните снежни услови издадено е портокалово предупредување за југоисточниот и југозападниот дел од земјава. Жолто предупредување денеска е издадено и за останатиот дел од државата, најмногу за попладневните часови.

притисни ентер