Томшиќ од МОН: Системски работиме на целосно инклузивно образование

Четири факултети и уште 10 основни и средни училишта ќе добијат целосна пристапност за лица со попреченост, системски работиме на целосно инклузивно образование, вели Томшиќ.

Mинистерството за образование и наука посветено работи на обезбедување инклузивно образование. Образовните институции треба да бидат целосно пристапни и достапни и затоа, денеска на 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост кој се одбележува преку пораката „Лидерство и учество на лицата со попреченост, кон инклузивен, пристапен и одржлив пост Ковид-19 свет“, го започнуваме проектот „ЕУ за вклучување“ којшто се реализира преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 и преку кој ќе се обезбеди целосна вертикална и хоризонтална пристапност на 14 образовни институции – 6 основни, 4 средни и 4 високо образовни установи.

Токму денес се одржа координативна средба со Архитектонскиот факултет, Градежниот факултет, Економскиот факултет, Правниот факултет, Филозофскиот и Филолошкиот факултет со што се означи договорот за започнувањето на градежните активности во текот на овој зимски семестар и се истакна важноста од обезбедувањето на пристапноста на високообразовните установи во државата, вклучени во Проектот за непречен пристап кон образовни институции. Очекуваме веднаш на почетокот на 2022 да почнат адаптационите зафати, рече Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука, на состанокот на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, што денеска се одржа во Владата на Република Македонија.

Освен четирите објекти на наведените факултети, со Проектот целосна пристапност ќе се обезбеди и во основните училишта Лазо Ангеловски (о. Аеродром), Кузман Јосифовски Питу (о. Кисела Вода), Братство и Единство (о. Дебар), Лириа (о. Тетово), Браќа Миладиновци, Крсте Мисирков и Бајрам Шабани (о.Куманово), како и средните училишта Наум Охридски (о.Охрид), Гоце Стојчевски (о.Тетово), Наце Буѓони (о. Куманово), Раде Јовчевски – Корчагин (о.Центар) и Младинскиот културен центар во Скопје.

„Пристапноста и достапноста на образовните институции е многу важна затоа што ја зголемува самостојноста на лицата со попреченост и им овозможува поголема независност. Ги повикувам другите државни институции, локалните самоуправи и јавните претпријатија да го следат примерот на Министерството за образование и наука и условот ‘пристапност’ при јавните набавки за градба или адаптација на објектите да биде задолжителен и сите заедно да го зголемиме степенот на пристапноста кон јавните институциите“, посочи Томшиќ.

Дополнително, денеска како дел од имплементација на Стратегијата за инклузија на лицата со попреченост на Обединетите нации, започната во 2019 година, во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ, МОН ги повика сите основни училишта да го одбележат овој ден преку одржување на час на тема „Употреба на инклузивен јазик“ за учениците од 4-то до 9-то одделение, со цел едукација на учениците и подигнување на свеста за усвојување на јазик што ја слави различноста и кој нема да биде навредлив или несоодветен и кој може да претставува основ за дискриминација и кршење на човековите права.

Препораката е оваа наставна активност, односно час кој е подготвен врз основа на Упатствата за употреба на инклузивен јазик да се одржи на одделенски час во период од 06.12.2021-17.12.2021 година.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост Министерството за образование и наука го одбележува со променет и системски пристап во унапредувањето на правата и можностите за квалитетно образование на децата со попреченост.

Томшиќ укажа дека основната цел на Министерството за образование и наука е на секое дете да му овозможи да го постигне својот полн потенцијал.

„Затоа МОН ги повикува сите, заеднички, во соработка со учениците и студентите, со нивните родители и наставници, како и со сите општествени чинители, да работиме на натамошно унапредување на процесот на инклузија во образовниот систем и во општеството во целина. Тоа е и нашиот придонес кон градењето на современо граѓанско општество како општество на сите“, рече Томшиќ.

Министерство за образование и наука

Трипуновски: Скандалот со злоупотреба на механизацијата на АД Водостопанство продолжува

Трипуновски: Механизацијата на АД Водостопанство наместо да го чисти речното корито на реката Брегалница во Карбинци, одбира да тера бизнис зделки со приватни фирми за багателни цени.

Скандалот со злоупотреба на механизацијата во сопственост на АД Водостопанство продолжува [‼️]

Имено, откако вчера објавив дека механизацијата на АД Водостопанство наместо за чистење на каналите, истата се изнајмувала на приватни фирми за багателни цени, денеска објавувам документ испратен од АД Водостопанство до општина Карбинци откако претходно општината побарала итна интервенција за расчистување на речното корито на реката Брегалница поточно на локација мост на локалниот пат село Долни Балван – село Теренци, истото тоа ја информира општина Карбинци дека нема расположлива градежна механизација за преземање на итни активности.

Замислете претпријатието во државна сопственост АД Водостопанство нема механизација да си ја врши работата кој со закон треба да ја врши, затоа што претходно истата таа механизација ја изнајмува на приватни фирми по багателни цени и наместо позитивно да одговори на барањето на општина Карбинци за чистење на речното корито на реката Брегалница кое се наоѓа во земјоделскиот регион на Кочанско – Штипско – Светиниколско поле, тие го одбиваат барањето и на тој начин го загрозуваат земјиштето и земјоделските посеви, и се само поради БИЗНИС ЗДЕЛКА со некои приватни фирми на кои им ја изнајмиле механизацијата по пола цена.

Очигледно е дека единствен интерес на оваа власт и Николовски Путерот како министер се само бизнис интересите и личните богатења на државна сметка.

Министерот за скандал Николовски Путерот воопшто не води никаква грижа ниту за земјоделците, ниту за земјоделските површини и поседи.

Неговото молчење е доказ дека се што објавувам е вистинито, мислејќи дека ако се скрие позади партиските соопштенија на СДСМ ќе успее да избега од правдата.

Но, се излажал. Времето на одговорност доаѓа и секој кој се огрешил пред законот соодветно ќе одговара.

Доста е неспособност. Доста е од негрижи.

Потребни се промени, кои многу набрзо ќе се случат.

Линк од фејсбук објава:

https://www.facebook.com/100050513168497/posts/pfbid02MFYkcoqRPyLH8KS1P595uAW743MLDjUgeFxQnDenaq3zySgDSpfjk9no8EcQvYQzl/?d=n

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Пожарот во Охридско ставен под контрола, се работи на целосно гасење

Пожарот што вчера попладне избувна на планината кај охридските села Вапила – Расино – Сирула е ставен под котрола и нема опасност од зафаќање на куќите, информира командирот на Територијалната против пожарна единица – Охрид, Борко Јанкулоски.

Според него, Охридската пожарна е на терен со три возила и 10 пожарникари, а распоредени се и екипи на Национални шуми, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и доброволци.

– Пожарот е ставен под котрола. Се надевам дека во текот на денот ќе биде изгаснат. Не постои опасност од зафаќање на куќи, изјави Јанкулоски.

Според јавното претпријатие Национални шуми, зафатена е поголема површина нискостеблеста дабова шума, а направената штета дополнително ќе ја проценуваат.

– Во моментот пожарот е ставен под контрола, но на терен остануваат дежурните екипи до негово целосно локализирање. Вкупната зафатена површина и направената штета дополнително ќе се проценуваат, соопшти Национални шуми.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков информира дека од утрово на терен се и екипи од сите општински јавни претпријатија.

– Дополнително на располагање е доставена и цистерната за вода од ЈП „Охридски комуналец“, додаде Пецаков.

Тајван тврди дека воените вежби на Кина се подготовка за инвазија

Министерот за надворешни работи на Тајван денеска изјави дека Кина ги користи воените вежби предизвикани од посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, за подготовка за инвазија на Тајван.

Џозеф Ву, кој не понуди временска рамка за можната инвазија, вели дека Тајван нема да биде заплашен без оглед на континуираните воени маневри и кршењето на неофицијалната линија за одвојување во Тајванскиот теснец.

„Кина користи воени вежби за да се подготви за инвазија на Тајван“, рече Ву, истакнувајќи дека Кина не само што спроведува воени вежби и лансира проектили, туку користи и сајбер напади, дезинформации и економски притисок за да го ослаби јавниот морал во Тајван.

По завршувањето на вежбите, продолжи Ву, Кина би можела рутински да продолжи со своите акции за да го наруши статус квото од другата страна на Тајванскиот теснец. Ву оценува дека овие потези ја загрозуваат регионалната безбедност и покажуваат дека Кина има геостратешки амбиции кои се протегаат и надвор од Тајван.

Кина никогаш не ја отфрли можноста за преземање на Тајван на сила

Кина никогаш не ја отфрли можноста за насилно преземање на Тајван, а портпаролот на Министерството за надворешни работи Ванг Венбин во понеделникот рече дека Кина спроведува нормални воени вежби „во нејзините води“ на отворен, транспарентен и професионален начин, додавајќи дека Тајван е дел од Кина.

Портпаролот на Министерството за одбрана, Ву Чиан, во понеделникот рече дека вежбите се „неопходно предупредување“ за Соединетите држави и Тајван, опишувајќи ги како „целосно разумен и соодветен“ одговор на нивните неодамнешни „провокации“.

Кинеското раководство ги отфрла официјалните контакти на други земји со Тајпеј бидејќи го смета островот за дел од своето копно. Тајван, од друга страна, долго време се смета за независен. Тајван не го признава суверенитетот на Пекинг и вели дека иднината на таа островска држава ќе одлучува исклучиво од тајванскиот народ.

Официјален Пентагон во понеделникот рече дека оценката на Вашингтон е дека Кина нема да се обиде да го нападне Тајван во следните две години, пренесе Индекс.хр.

притисни ентер