ТИРЗ воведе меѓународни ИСО стандарди за борба против корупција и квалитет во работата

Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони го имплементираше меѓународниот Стандард за спречување корупција ISO 37001:2016, со што стана една од првите државни институции со интегриран систем за антикорупција. 

Воведувањето на овој меѓународен стандард овозможува имплементација на соодветни механизми за превенција и откривање, како и конкретни мерки за борба против корупцијата. ТИРЗ го воведе и Системот за управување со квалитет во работата согласно меѓународниот ISO 9001: 2015 стандард кој треба да ја унапреди работата на Дирекцијата со цел намалување на трошоците и поголема ефикасност.

„Со стандардизацијата целта е воведување на политика на нула толеранција за мито и корупција. Ова е важен елемент во привлекувањето на странски инвестиции со повисок квалитет кој е клучен во новиот концепт на ТИРЗ. Доброто владеење во секоја организација вклучува демонстрација на одговорност и воспоставување на стандарди со кои ќе се унапреди системот на функционирање и ќе се зголеми квалитетот на работата и услугите. Сертифицирањето е спроведено на наша иницијатива и е чекор кој верувам дека ќе придонесе кон зголемена доверба во институцијата. Интегритетот, транспарентноста и борбата против корупцијата се наши основни вредности врз кои се темели и новиот концепт ," вели Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.

Со воведувањето на ИСО стандардите за квалитет и антикорупција се дефинираат внатрешните и екстерните процедури за менаџмент, рано препознавање, разгледување и подобрување на системот против поткуп како и на системот за квалитет и подобрување на процесите во рамки на Дирекцијата. И двата воведени стандарди ги вклучуваат и вработените и ангажираните лица во ТИРЗ, нивната одговорност и работа како и примена на принципите дефинирани во политиките на Дирекцијата.

ИСО стандардот против корупција дава насоки за функционирање на системот за управување кој е така дизајниран за да и помогне на организацијата да го спречи, открие и реагира на поткуп и да се усогласи со законите против поткуп и доброволните обврски применливи за нејзините активности. ИСО стандардот за квалитет пак меѓу другото треба да придонесе кон рационално искористување на времето и ресурсите, унапредување на квалитетот на услугите, зголемена работна способност и продуктивност како и оптимизација на постоечките процеси.

Процесот на стандардизација се одвиваше во изминатите девет месеци. Компанијата Контролцерт која го спроведе, на годишно ниво ќе ја проверува имплементацијата на стандардите и ќе дава соодветни препораки за понатамошно унапредување на работата на ТИРЗ, се наведува во соопштението од ТИРЗ.

Брнабиќ: Ни се закануваат со бомби бидејќи не воведовме санкции кон Русија

Српската премиерка Ана Брнабиќ во изјави дека честите дојави за бомби претставуваат притисок од странство врз Србија бидејќи таа не воведе санкции кон Русија по инвазијата на Украина, како што тоа го направија повеќето западни земји.

„Ние сме единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија и притисоците се неверојатни од ден на ден. „Овие дојави за бомби се и притисок од странство поради невоведувањето санкции кон Русија“, изјави Брнабиќ за белградските медиуми, пренесе Н1.

Фото: Финска пивара направи НАТО пиво

Во екот на одлуката на Финска да стави крај на децениската неутралност и да бара членство во НАТО, една пивара одлучила да продава пиво со ознака на НАТО.

Сепак, дел од финската јавност не го поздрави потегот на пиварата и колку и да се за влез на нивната земја во Алијансата, сметаат дека во случајот со пивото се работи за промоција на алкохолизам, што не треба да биде случај.

Од друга страна, од пиварницата „Олаф Брувинг“ објаснуваат дека досега не се мешале во политиката, а сега повеќето Финци се за влез во НАТО, изјавил за медиумите извршниот директор на компанијата.

„Затоа се решивме на овој чекор, иако всушност не требаше толку многу „одлучување“, едноставно само го направивме“, рече тој.

Лименката „НАТО пиво“ е сина, а на неа има витез, кој на градите го има симболот на НАТО. Пивото се вика ОТАН, што е француски изговор на зборот НАТО

Од пиварата велат дека веќе добиле голем број нарачки за „НАТО пиво“.

Ковачевски:Апел за брзо прифаќање на историското зголемување од 15% на платите во образованиетo

​Вечерва на својот Фејсбук профил, претседателот на Владата Димитар Ковачевски упати апел до СОНК за итно, брзо и целосно прифаќање на договорените условите и одговорност.

Во продолжение ви го испраќаме статусот во целост.

„Успеавме да постигнеме значаен договор за вработените во образованието и покачување на платите од дури 15%, почнувајќи од септемвриската плата.

Ова зголемување на платите е најголемото досега и заедно со досегашните 21% зголемување е историски најголемата поддршка на вработените во образованието.

До пред само 5 години, максималното зголемување на платите беше 4%, без глобални кризи.

Сега, во услови на најголема економска и енергетска криза, покрај огромното процентуално зголемување, на вработените во образованието, преку колективните договори ќе им се овозможи и усогласување со минималната плата како и други придобивки. Воедно, ќе се дефинира методологија за континуиран раст на платите со што ќе се заштити стандардот на наставниците и ќе се овозможи континуирано зголемување на плата без потреба од дополнителна владина, институционална или политичка интервенција.

Апелирам до СОНК за брзо и целосно прифаќање на договорените условите и одговорност. Да може институциите да продолжат со конкретни активности за спроведување на овој историски раст на платите во образованието."

притисни ентер