Талат Џафери оствари средба со Ѓерѓ Дедај

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Косово, Н.Е. Ѓерѓ Дедај.

Претседателот Џафери изрази задоволство од добрите и конструктивни билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Косово, како и плодната меѓупарламентарна соработка. Како особено значајна тој ја оцени соработката во рамките на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, упатувајќи честитки за успешното заокружување на претседавањето на Собранието на Република Косово со овој значаен форум за политички и дипломатски дијалог. Тој се заложи за унапредување на економската соработка и инфраструктурното поврзување меѓу Македонија и Косово, нагласувајќи дека отворањето на новите гранични премини во голема мерка ќе ги олеснат бизнис иницијативите и комуникацијата меѓу граѓаните.

Амбасадорот Дедај упати честитки за демократски спроведените парламентарни избори и повторниот избор на Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија. Оценувајќи дека земјава се движи во вистинската насока, тој изрази задоволство од соработката со институциите на Република Македонија и го поздрави историскиот напредок со членството во НАТО и охрабрувачките резултати за почеток на преговорите со ЕУ. Амбасадорот се осврна на состојбата во Косово и на Договорот за економска соработка меѓу Република Косово и Република Србија, потпишан во Вашингтон, кој го оцени како историски.

На средбата стана збор и за здравствените, економските и социјалните предизвици од пандемијата на Ковид-19, при што беше оценето дека е неопходна заедничка активност и соработка меѓу земјите од регионот за надминување на последиците од пандемијата, како и за изнаоѓање начин за олеснување и потполна либерализација на движењето на граѓаните меѓу државите.

Соговорниците се согласија дека заедничките стратешки цели и определби на Македонија и Косово даваат гаранција дека ќе продолжи праксата на негување на добрососедските односи и се заложија за натамошно унапредување на билатералната комуникација.

На крајот од средбата, претседателот Талат Џафери му посака успешен мандат на новиот генерален конзул на Република Косово во Република Македонија со седиште во Струга, Агим Красниќи, кој исто така присуствуваше на средбата, стои во соопштението од Собарнието на РМ.

Пропадна уште еден обид за примирје меѓу Ерменија и Азербејџан

Премиерот на Ерменија, Никола Пашинијан изјави дека примирјето што стапило на сила денеска наутро во Нагорно Карабах, не заживеа, пренесува Спутник.

Од друга страна, Азербејџан денеска го обвини Ереван за ракетни напади врз градот Тертер.

"Јасно е дека уште еднаш не успеавме да го зачуваме примирјето. Не знам каква ќе биде реакцијата на групата Минск, но ерменската страна стори се за да го почитува примирјето и армијата беше воздржана. Но, во вториот дел од денот можеме да кажеме дека не успеавме да го зачуваме примирјето “, рече Пашинијан во видеото објавено на Фејсбук.

Портпаролката на ерменското Министерство за одбрана Шушан Степанјан објави дека „азербејџанската армија денес дури го зголеми интензитетот на нападите, користи артилерија и тенкови, по линијата на раздвојување во Нагорно Карабах“, додаде Спутник.

Во светот се излекувани над 32 милиони лица ,заразени со Ковид-19

Бројот на луѓе во светот кои биле излекувани од ковид- 19 надмина 32 милиони, според податоците на веб-страницата „Worldometers“.

Досега, 32.001.313 пациенти се излекувале од коронавирус во светот, или 96 проценти од 43.520.941, односно сите забележани случаи.

Како резултат на ковид- 19, досега починале 1.161.360 луѓе, што е четири проценти од вкупниот број на пациенти.

Во моментов има 10.358.268 активни случаи. Лесни симптоми на болеста покажуваат 99 проценти од заразените, или 10.280.049 лица, додека 78.219 пациенти се во критична состојба.

Јапонската влада претстави план за достигнување нулта емисија на штетни гасови

Новиот јапонски лидер Јошихиде Суга претстави план според кој земјата треба да постигне нулта стапка на емисии на гасови одговорни за глобалното затоплување до 2050 година.

Новиот премиер го претстави планот во својот прв говор пред парламентот. Претходната влада имала за цел да ги намали емисиите на стакленички гасови за 80 проценти до 2050 година.

„Треба да го промениме нашиот пристап“, рече Суга, тврдејќи дека проактивните структурни промени во индустријата и бизнисот ќе овозможат силен економски раст.

Јапонија, рече Суга, ќе се обиде во голема мерка да ги развива своите обновливи извори на енергија, да ја намали зависноста од јаглен и, кога станува збор за нуклеарните централи, да се фокусира на прашањето на безбедноста.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Твитер го поздрави ветувањето на јапонскиот премиер дека Јапонија ќе стане јаглеродно неутрална до 2050 година.

„Јапонија е добар пријател и сојузник.Светот се обединува во борбата за климата“, објави на Твитер Фон дер Лајен.

Јапонија е потписник на Парискиот договор за клима во 2016 година.

По нуклеарната катастрофа во Фукушима во 2011 година, Јапонија ја прекина работата на нуклеарните централи, а многу од нив сè уште не работат, а недостатокот на електрична енергија го надоместуваат со огромен увоз на фосилни горива.

притисни ентер