„Вакцината не значи дека корината ќе исчезне“, рече Мајк Рајан, кој е одговорен за итни случаи во агенцијата на ООН, додавајќи дека вакцините „не можат сами да си ја завршат работата“.
„Ја достигнавме пресвртната точка на кривата на пандемијата. Ги повикуваме сите да продолжат со своите напори во борбата против ковид-19”, додаде тој.
Шефот на управата за пандемија при СЗО, Американката Марија Ван Керхове, ги повика сите „навистина да размислат како ќе се однесуваат“ за време на Божиќните и Новогодишните празници за да се ограничи ширењето на коронавирусот.
„Одлуките што ги донесуваме сега,можат да значат живот или смрт за нас и за нашето семејство“, рече таа.
Пандемијата на коронавирус, од која што се заразени повеќе од 65 милиони луѓе ширум светот и како резултат на тоа починаа повеќе од 1,5 милиони, повторно се шири рапидно низ целиот свет, додека некои земји се подготвуваат за масовна вакцинација.
„Напредокот направен во областа на вакцините го подигнува нашиот морал и сега конечно можеме да ја видиме светлината на крајот од тунелот“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус.
Но, тој предупреди на „сè пошироко распространетиот став дека пандемијата поминува“.
Велика Британија е прва и досега единствена земја што ја одобри вакцината Pfizer / BioNTech и најави дека има намера да започне кампања за вакцинација во вторник.
Кон агенцијата за лекови на САД се обратиле Pfizer / BioNTech и Moderna и доколку бидат одобрени, двете вакцини ќе бидат достапни во САД кон крајот на оваа година. Европската унија треба да донесе одлука за одобрување на вакцината на крајот на декември.
Во Русија, претседателот Владимир Путин повика на масовно бесплатно вакцинирање што ќе започне кон крајот на следната недела.
Минатиот месец Русија објави дека, според анкетите направени врз 40.000 волонтери, Спутник V бил успешен во 95 проценти од случаите, како што се и вакцините на Pfizer / BioNTech.