СЗО ја објави првата анализа за финансиската заштита во здравствениот систем на Македонија

 За прв пат, имаме сеопфатни, силни податоци и можност да го сумираме напредокот во областа на финансиската заштита што го направи  Македонија во последните години.

Луѓето во Македонија сѐ повеќе имаат пристап до јавно финансирана здравствена заштита, но катастрофалните трошоци за здравствена заштита остануваат предизвик, открива новиот извештај на СЗО/Европа објавен денеска.

Извештајот „Дали луѓето можат да си дозволат да платат за здравствена заштита? Нови докази за финансиската заштита во Македонија" испитува до кој степен луѓето во Македонија се соочуваат со финансиски тешкотии кога користат здравствени услуги. Тој е дел од серија национални извештаи за следење на финансиската заштита во здравствените системи во Европа.

– За прв пат, имаме сеопфатни, силни податоци и можност да го сумираме напредокот во областа на финансиската заштита што го направи Македонија во последните години, рече д-р Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, на настанот за претставување на извештајот.

Посилната примарна здравствена заштита, пократкото време на чекање и поголемиот опфат со здравствено осигурување, како што рече, ја подобрија финансиската заштита во земјата. Сега, додава, е време да се надгради на овој успех, за да се обезбеди секој човек да има пристап до потребните здравствени услуги.

– Во последните години, Европската комисија постојано ја потенцираше потребата од инвестиции во опрема и капацитети во здравствениот сектор во Северна Македонија, како и од мерки за запирање на одливот на медицински персонал од националниот здравствен систем. Анализата на СЗО за финансиската заштита во здравствениот систем на Северна Македонија ја потврдува оваа проценка и дава увид во финансирањето на здравствените услуги во земјата. Северна Македонија треба да развие организациски и раководни структури, како и клучни функции и вештини, за да обезбеди ефективно управување, планирање и раководење со својот јавен систем за здравствена заштита. Особено се потребни се мерки за отстранување на здравствените нееднаквости, вклучително и преку зајакнување на националниот систем за здравствено осигурување. Поддршката на ЕУ за изработката на стратегија за здравје за периодот 2021-2030 г. ќе придонесе за подобро здравје за сите, рече Дејвид Гир, амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската Унија во земјава.

Според извештајот, во 2018 година, над шест проценти од домаќинствата во Северна Македонија имале катастрофални трошоци за здравствена заштита (големи приватни плаќања мерено според капацитетот на домаќинството да плати за здравствена заштита). Извештајот покажува дека катастрофалните трошоци најмногу ги погодуваат посиромашните луѓе и домаќинствата со постари членови. Тие се должат главно на приватни плаќања за лекови.

– Добро е да се види дека состојбата со пристапот и финансиската заштита се подобрувала пред пандемијата. Сепак, наодите од извештајот покажуваат дека овие теми заслужуваат повеќе внимание во заложбите на Северна Македонија да создаде подобар систем од оној пред кризата, рече д-р Џихан Тавила, претставникот на СЗО во Северна Македонија.

Финансиските тешкотии поради формални и неформални приватни плаќања се одраз на постојаните празнини во опфатот со здравствена заштита: дел од населението е неосигурено; опфатот со лекови е ограничен; а заштитата од кориснички трошоци (партиципација) е недоволна. Покрај тоа, уделот на јавните расходи за здравствена заштита во БДП опаѓа. Новиот извештај дава серија препораки за подобрување на пристапот до здравствена заштита и финансиската заштита во Северна Македонија.

– Да се опфати целото население со прекинување на врската помеѓу правото на здравствена заштита и плаќањето придонеси за здравствено осигурување, така што пристапот до здравствена заштита повеќе нема да зависи од здравственото осигурување, да се направат лековите подостапни за луѓето преку стратешки набавки, редовно ажурирање на позитивната листа, ослободување на повеќе луѓе со ниски приходи од кориснички трошоци (партиципација) и проширување на годишното ограничување на партиципацијата на сите видови партиципација и да се отстранат причините за неформални плаќања, почнувајќи со подобро следење на нивната улога и големина, стои во извештајот.

Се заклучува дека овие промени ќе треба да бидат поткрепени со повисоки јавни расходи за здравствена заштита и со внимателна употреба на новите ресурси за да се исполнат целите за правичност и ефикасност.

– Овој извештај доаѓа во вистински момент, кога се соочуваме со акутна потреба од брз одговор на пандемијата на КОВИД-19 и премин кон поодржлив и поотпорен здравствен систем, во кој ниту еден човек нема да биде заборавен. Министерството за здравство ќе се обврзе да ги спроведе препораките од извештајот, за да се намалат финансиските тешкотии со кои се соочуваат граѓаните при користењето здравствени услуги, како што земјата напредува кон универзална здравствена заштита и гради подобар систем од оној пред пандемијата, истакна министерот за здравство Венко Филипче.

Извештај е дел од серијата национални студии за собирање нови докази за финансиската заштита во здравствените системи во Европа. Извештајот за Северна Македонија е делумно финансиран од Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (DG NEAR) на Европската комисија во рамките на проектот „Зајакнување на отпорноста на здравствените системи во Западен Балкан".

Овој тригодишен проект ќе придонесе за ублажување на влијанието на КОВИД-19 во регионот на Западниот Балкан и за поддршка на регионот на патот кон универзална здравствена заштита.

Баербок го повика на разговор рускиот амбасадор, по приведувањето за шпионажа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок го покани рускиот амбасадор во Берлин, Сергеј Нечаев, на дискусија во врска со притворањето на две лица осомничени за шпионажа за Русија, пишува весникот „Билд“.

Германското јавно обвинителство денеска соопшти дека двајца мажи се уапсени под сомнение дека вршеле разузнавачки активности во корист на Русија.

Обвинителството изјави дека се работело за германско-руски државјани.

Германското обвинителство соопшти и дека двајца мажи, Дитер С. и Александар Ј., биле уапсени под сомнение дека се руски шпиони кои подготвувале бомбашки напади во Германија.

Дитер, според обвинителството, бил во контакт со руски разузнавач од октомври 2023 година и учествувал во заговор за предизвикување бомбашки напади и подметнати пожари во Германија, вклучувајќи и американски воени бази.

Целта на тој заговор била да се поткопа воената помош што Германија ѝ ја дава на Украина, а Дитер собирал информации за целите на потенцијалниот напад, пренесува Дојче веле (ДВ).

Германската федерална полиција кај него пронашла фотографии и видео снимки од таргетираните објекти, кои му ги испратил на директорот, а Александар му помагал најдоцна од март годинава.

Александар е обвинет и дека бил член на странска терористичка организација, односно воена единица на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР) во источна Украина од 2014 до 2016 година.

Невидено невреме во Пакистан и Авганистан, во поплавите загинаа најмалку 140 луѓе (ВИДЕО)

Бројот на загинати од силните бури во Авганистан и Пакистан во изминатите неколку дена се искачи на најмалку 137, а во некои области метеоролозите предвидуваат уште пообилни врнежи од дожд.

Најмалку 67 лица загинаа во Пакистан, соопшти денеска тамошното тело за управување со катастрофи, поради невообичаено обилен дожд за овој период од годината.

Во јужниот град Карачи е прогласена вонредна состојба. Градот е особено ранлив на бури поради лошата инфраструктура. Во соседен Авганистан, околу 70 луѓе загинаа, а 56 се повредени во обилните дождови и поплавите низ целата земја. Оштетени се 2.627 куќи, соопшти денеска Националната управа за управување со катастрофи.

Екстремните временски настани се зголемуваат поради климатските промени. Обилните врнежи од снег и дожд изминатите месеци во Авганистан предизвикаа големи штети и бројни жртви по невообичаено благата зима.

Екстремните временски настани како поплави и суши се зголемуваат во Авганистан и Пакистан поради климатските промени, предупредуваат метеоролозите. Погоден од деценискиот конфликт, Авганистан има ограничени опции за ублажување на негативните ефекти од климатските промени.

СЗО: Зголемен е ризикот за пренос на птичји грип врз луѓе, многу сме загрижени

Светската здравствена организација изрази загриженост поради ширењето на птичјиот грип Х5Н1, кој има „исклучително висока“ стапка на смртност кај луѓето.

Избувнувањето што започнало во 2020 година досега уби десетици милиони живина, а неодамнешното ширење на вирусот кај неколку видови цицачи, вклучително и домашни говеда во САД, го зголеми ризикот од пренесување на луѓето, соопшти СЗО.

„Мислам дека ова останува огромен проблем“, им рече на новинарите во Женева главниот научник на агенцијата за здравство на ОН, Џереми Фарар. Минатиот месец на листата на заразени видови се приклучија и кравите и козите, што е неочекуван развој за експертите бидејќи се сметаше дека тие не се подложни на овој тип на грип.

Американските власти овој месец објавија дека едно лице во Тексас се опоравува од птичји грип по изложување на говеда, при што 16 крда во шест држави се заразени по изложување на диви птици.

Варијантата A(H5N1) стана „глобална пандемија на зоонозни животни“, рече Фарар. „Се разбира, постои голема загриженост за инфицирање на патки и кокошки, а потоа сè повеќе и на цицачи. Тој вирус сега се развива и развива способност да зарази луѓе, а потоа и критична способност да премине од човек на човек“, додаде тој.

Засега нема докази дека Х5Н1 се шири меѓу луѓето. Но, во стотиците случаи кога луѓето биле заразени од контакт со животни во изминатите 20 години, „стапката на смртност е исклучително висока“, рече Фарар, бидејќи луѓето немаат природен имунитет на вирусот.

Од 2003 до 2024 година, ширум светот се пријавени 889 случаи и 463 смртни случаи предизвикани од Х5Н1 во 23 земји, со стапка на смртност од 52%.

Неодамнешниот случај на човечка инфекција во САД по контакт со заразен цицач го нагласува зголемениот ризик. Кога ќе „влезете во популација на цицачи, тогаш ќе се приближите до луѓето“, рече Фарар, предупредувајќи дека „овој вирус само бара нови, понови домаќини“.

Фарар повика на зголемен мониторинг, велејќи дека „многу е важно да се разбере колку човечки инфекции се случуваат бидејќи таму ќе се случи адаптацијата на вирусот“. „Трагично е да се каже ова, но ако заболам од Х5Н1 и умрам, тоа е крајот на тоа.“

Тој исто така рече дека во тек се напори за развој на вакцина и терапија за Х5Н1 и ја истакна потребата да се осигура дека регионалните и националните здравствени власти ширум светот имаат капацитет да го дијагностицираат вирусот. На тој начин, вели тој, „ако H5N1 дојде до луѓето, со пренос од човек на човек“, светот би бил „во позиција веднаш да реагира“.

притисни ентер