Светот со рестрикции за патувања од ЈАР поради новата варијанта на коронавирусот

Светот со рестрикции за патувања од ЈАР поради новата варијанта на коронавирусот, СЗО вели дека е избрзано.

Европските и азиските земји денеска ги заострија ограничувања за патување, откако во Јужноафриканската република (ЈАР) беше откриена нова варијанта на коронавирусот со најголем број мутации досега, но сè уште не е познато дали е поопасна од претходните соеви.

Велика Британија, Германија, Израел Сингапур и Јапонија се меѓу оние кои веднаш иницираа забрана за летови од ЈАР и соседните земји. ЕУ предлага да се забранат летовите од тој регион во целата Унија.Сепак СЗО, по денешната итна седница оцени дека препораките за воведување рестрикции при патувањата се избрзани.

Велика Британија веднаш воведе забрана за директни летови од шест африкански земји. Британците и другите патници кои се враќаат од ЈАР, Боцвана, Намибија, Зимбабве и Лесото ќе мора да поминат десетдневен карантин пред да влезат во земјата. Истата забрана ја воведе и Израел.

Јужноафриканското Министерство за надворешни работи смета дека ова е преизбрзана одлука и потсети дека Светската здравствена организација се уште нема дадено никакви насоки во однос на новата варијанта. Би-Би-Си ја пренесува изјавата на биологот од Универзитетот Оксфорд, Џејмс Нејсмит, кој рече дека вакцините „речиси сигурно" ќе бидат помалку ефикасни против новата варијанта.

Германските власти денеска објавија ограничувања на летовите од Јужна Африка, поради стравувањата од новата варијанта. Според ограничувањата за патување, само германските граѓани ќе можат да се вратат дома од ЈАР. Соседите на ЈАР, исто така, веројатно ќе бидат погодени од забраната.

Европската комисија денеска соопшти дека ќе го ограничи воздушниот сообраќај од ЈАР поради страв од ширење на инфекцијата. Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен на Твитер објави дека Комисијата ќе предложи, во координација со земјите-членки, активирање на вознредни овластувања за запирање на воздушниот сообраќај од јужноафриканскиот регион поради страв од ширење на коронавирусот, варијантата Б.1.1.529.

Светската здравствена организација (СЗО) го означи сојот како „набљудувана варијанта". Марија Ван Керхова, технички менаџер на СЗО за Ковид-19, рече дека досега им се достапни помалку од 100 секвенцигеноми од споменатата варијанта. Ќе бидат потребни неколку недели за да се одлучи дали Б.1.1.529 ќе стане „варијанта од интерес" или „варијанта која предизвикува загриженост", а за денеска се очекува да добие грчко име како што беше случај со делта варијантата.

СЗО препорачува да не се ограничуваат патувањата поради новата варијанта, соопшти денеска Организацијата по итната седница, свикана поради новиот, поопасен сој.

– СЗО им препорачува на земјите да продолжат да ги применуваат пристап темелен врз проценка на ризикот и науката во спроведување на мерките за патување, изјави денеска во Женева Кристијан Линдмаер.

Кралот на Маорите на Нов Зеланд сака на китовите да им даде основни човекови права

 Кралот на Маорите на Нов Зеланд денеска повика на китовите да им се дадат основни човекови права за да се заштитат ранливите видови.

Кралот Тухеитија Паки рече дека величествените морски цицачи треба да ги имаат основните човекови права како што е правото на здрава животна средина за да се овозможи обнова на нивната популација.

- Звукот на песната на нашите предци ослабна, а живеалиштето е загрозено. Затоа мора да дејствуваме сега, рече Тухеитија во редок јавен настап.

Во 2017 година, Нов Зеланд донесе закон со кој се дава правен субјективитет на планината Таранаки и реката Вангануи, кои се важни за Маорите, домородни луѓе кои сочинуваат околу 17 отсто од населението на Нов Зеланд, или околу 900.000.

Тухеитија смета дека давање ист статус на китовите би делувало како „наметка на заштита“.

Тој се обрати заедно со високиот поглавица на соседните острови Кук, Травело Ту Арики.

Тие се залагаат домородните знаења да се комбинираат со науката за да се обезбеди „похолистички пристап“ за зачувување на китовите.

- Китовите играат витална улога во здравјето на целиот наш океански екосистем, рече Травел Ту Арики. „Мораме итно да дејствуваме за да ги заштитиме овие прекрасни суштества пред да биде предоцна“, додаде тој.

Сините китови можат да пораснат до 30,5 метри и да тежат до 200 тони.

Но, големината не ги штити. Шест од 13-те големи видови китови се загрозени или ранливи, според WWF, светската организација за заштита на природата.

Откажани летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк

Откажани летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк на вработените во „Аустријан ерлајнс“.

Откажани се летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк на вработените во авиокомпанијата „Аустријан ерлајнс“.

На официјалната веб страница на Меѓународниот аеродром Скопје не се ставени ниту полетувањата, ниту слетувањата со оваа авиокомпанија.

Поради штрајкот, којшто според најавите треба да трае денеска и утре, глобално откажани се околу 400 лета и засегнати се околу 50.000 патници.

Во текот на овие два дена оваа авиокомпанија требаше да реализира 24 лета од Виена до градовите во поранешна Југославија вклучувајќи летови до Белград, Сараево, Загреб, Приштина, Скопје, Подгорица, Дубровник и Сплит.

Царинските службеници во Грција ќе одржат 48-часовен штрајк следната седмица

Од Федерацијата на царински службеници на Грција соопштија дека цариниците од Независната управа за јавни приходи како и од Министерството за финансии ќе одржат 48-часовен штрајк.

Дводневен штрајк за 2 и 3 април закажаа грчките царинските службеници, што ќе влијае и на сообраќајот на граничните премини од Грција кон соседните земји, меѓу кои и Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Федерацијата на царински службеници на Грција соопштија дека цариниците од Независната управа за јавни приходи како и од Министерството за финансии ќе одржат 48-часовен штрајк, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор преку соопштение изразија поддршка за штрајкот.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, поради 48-часовниот штрајк на цариниците целосно ќе биде во прекин сообраќајот на граничните премини од и кон Грција за товарните возила и секаков вид пратки, додека пак во однос на автомобилите, не е исклучена можноста возилата повремено да се пропуштаат, нешто што ќе се дефинира и појасни непосредно пред почетокот на штрајкот.

притисни ентер