Свечено отворање на новата поставка во Музејот на Народната банка

Свечено отворање на новата поставка во Музејот на Народната банка посветена на културното наследство претставено на македонските банкноти.

Денеска во Музејот на Народната банка свечено ќе биде отворена изложбата В/редности и вредности, којашто е кураторски обид за селекција, презентација и толкување на културното наследство, претставено на тековното издание на македонските книжни пари, од 1996 година до денес. Изложбата е организирана како дел од активностите со коишто Народната банка ја одбележува 30-годишнината на македонската монетарна самостојност и воведувањето на денарот како национално платежно средство.

Поставката, преку осум микроцелини, секоја посветена на засебна банкнота, го опишува и го толкува културно-историското наследство употребено како предлошка за создавање на нивниот дизајн. Поставката ги вклучува охридската Изида, златниот накит на лихнидските дами, виничката икона, боите на Шарената џамија, македонскиот афион, односно археолошкото, уметничкото, архитектонското и природното наследство на овдешните простори.

Изложбата е поддржана од страна на седум македонски музеи, коишто обезбедувајќи пристап до артефактите, овозможија да бидат претставени пред пошироката јавност како обележја на македонските пари.

На свеченото отворање ќе се обратат гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, академик Абдулменаф Беџети и професорот на Архитектонскиот факултет, Митко Хаџи-Пуља.

Четири големи езера во Швајцарија се со најниски водостои во историјата

Нивото на водите на четирите големи швајцарски езера се најниски досега забележани во август, што е логично со оглед дека од почетокот на 2022 година врнежите се многу ретки, објави Федералната канцеларија за животна средина.

Тоа се езерата Констанца, Луцерн, Лугано и Вален. Количината на вода што се влева во Рајна, со извор од швајцарските Алпи, никогаш не била толку мала во август.

„Во Швајцарија е забележан многу низок водостој, особено во централниот дел на земјата и на југ во областа Тичино“, рече Мишеле Оберхансли, шеф на службата за статистика на Одделот за хидролошки информации на Федералната канцеларија за животна средина. „Причината? Скудни врнежи во 2022 година“, изјави таа за АФП. Но нискиот водостој не го карактеризираат само споменатите четири езера.

Вредности значително под просекот за овој период од годината покажуваат и мерењата во езерото Маџоре на границата на Швајцарија и Италија, кое со 193 метри е најниската точка во Швајцарија, како и онаа во Цуг, рече Оберхансли.

Со исклучок на езерата во планинските венци Јура и Тун, нивоата на сите други големи швајцарски езера исто така се под долгогодишниот просек. Во исто време, многу швајцарски реки имаат многу ниско ниво на вода. Статистички, такво нешто се случува на секои дваесет години, а поретко на две години.

„Можеме да кажеме дека од почетокот на мерењето на нивото на водата, тековите на Рајна и Ројс никогаш не биле толку ниски во август“, рече Оберхансли. Таа додаде дека дождот, кој метеоролозите го предвидуваат за наредните денови, може „малку да ја ублажи“ проблематичната состојба во Швајцарија, но во секој случај „нема да биде доволен“.

Армијата заедно со граѓаните го прославува 30-годишниот јубилеј

Со традиционално испукување на плутони, прикажување на најновата воена опрема, показни вежби и со концерт на воениот оркестар и со музички ѕвезди, Армијата заедно со граѓаните вечерва на Воениот стадион во Скопје го прослави 30-годишниот јубилеј.

На манифестацијата присуствуваа министерката за одбрана, Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал – потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз, како и други гости.

На настанот организиран под мотото „30 години безбедност, стабилност, доверба“ се прикажа најновата и најсофистицирана опрема на Армијата вклучувајќи ги и новите оклопни транспортери JLTV Oshkosh, вештините на армиските специјалци, како и презентација на вежба со армиски кучиња.

– Овој настан замислен е како начин на кој што го прославуваме Денот на Армијата кој всушност е утре, меѓутоа ова е ден специјално за граѓаните. Затоа е и направен овде на Воениот стадион затоа што е лесно достапен и сите граѓани може да дојдат. Изложена е најголем дел од опремата која ја поседува нашата Армија, истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска на вечерашната изјава за медиумите.

Додаде дека станува збор за модерна софистицирана опрема, и дека досега се доставени вкупно шест возила.

– Тие се дел од големите планови за модернизација на нашата Армијата. Тоа се лесни оклопни возила кои се составен дел на вооружувањето на нашата Армија, изјави Петровска.

Таа информираше дека до крајот на оваа година ќе стигнат уште 27 исти вакви возила, а до 2028 треба да се испорачаат сите, со коишто ќе се заокружи комплетната бројка од 96 возила.

По презентацијата на воената опрема и воените вештини следуваше концерт на Воениот оркестар како и богата музичка програма каде што настапуваа Кики, Пере, Дац и Александар, Last Expedition, DJ Babura Jr. и Еурека танцовото студио.

Бујар Османи утре во „Жешко политичко лето“

Утре (18.8.2022 година) во „Жешко политичко лето“ ќе гостува министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Доколку имате прашања до нашиот гостин испратете ги најдоцна до 13 часот (18.8.2022 година) на електронската пошта: [email protected] Ве молиме доколку сте од политичка партија праќајте од вашите официјални електронски пошти, а доколку сте граѓани, пишувајте ни од вашата електронска пошта, но прикачете и ваша фотографија.

притисни ентер