Судски совет бара од Врховен и од апелационите судови да ја воедначат судската практика

Судскиот совет бара од Врховен и од апелационите судови да ја воедначат казнената политика за кривични дела од областа на сообраќајот.

Судскиот совет испрати барање до Врховниот суд, како највисок суд, кој според Уставот обезбедува единство во примената на законите и воедначување на судската практика, со кое укажува дека судот е неопходно да ја преиспита казнената политика за кривични дела од областа на сообраќајот.

Во дописот до Врховен суд, Судскиот совет наведува: Согласно член 101 од Уставот, Врховен суд обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите. Врховниот суд преку обезбедување единство во примената на законите ја воедначува судската практика. Затоа е формирано одделение за воедначување на судската практика во рамките на Врховниот суд. Заради постигнување на оваа цел, согласно член 37 од Законот за судовите се предвидени начелни ставови и начелни правни мислења за обезбедување единство во примена на законите. Тргнувајќи од стратешката цел на Судскиот совет за враќање на довербата на граѓаните во судовите и зачестените реакции во врска со актуелни предмети по однос на изречени санкции од областа на сообраќајот, особено за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, Судскиот совет укажува на невоедначена судска практика по однос на казнената политика. Оттаму и потребата да се приспита казнената политика, односно да се обезбеди единство во примената на законите.

Судскиот совет напоменува дека вакво барање до Врховен суд е испратено и во септември 2020 година, поттикнато од невоедначената судска практика и од поднесените голем број претставки од граѓани до Судскиот совет во врска со изречени санкции за кривични дела од областа на сообраќајот.

Барање со слична содржина од страна на Судски совет е испратено и до апелационите судови во Скопје, Битола, Штип и Гостивар, со цел и тие да се вклучат во процесот на воедначување на казнената политика во врска со кривините дела од областа на сообраќајот. Во дописот до апелационите судови се наведува: Имајќи предвид дека апелационите судови, најчесто два пати во годината, расправаат за правни прашања за кои не е усогласена судската практика, Судскиот совет дава целосна поддршка судовите да продоложат со ваквата практика, особено што во изминатиот период на различни апелациони подрачја се зачестени појавите на невоедначена судска практика за кривични дела од областа на сообраќајот.

Дополнително, членови на Судски совет, во својство на координатори на судови, ќе направат увид во неколку предмети од областа на сообраќајот кои се водат во некои од судовите, а за кои во последно време има реакции во јавноста.

Германската шефица на дипломатијата во кавга со Нетанјаху за снимките од пазарот во Газа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се судрија за време на состанокот во Ерусалим околу хуманитарната помош за Појасот Газа, пренесоа германските медиуми.

Баербок и Нетанјаху се судрија околу тоа дали жителите на Појасот Газа имаат доволно храна на располагање. Нетанјаху ѝ покажа фотографии на Баербок, наводно од северниот дел на Газа, каде што се вели дека хуманитарната криза е најлоша, а на кои што се гледаат пазари преполни со овошје, зеленчук и други прехранбени производи.

Како одговор, Баербок на својот мобилен телефон покажа фотографии од прегладнети деца од Појасот Газа и рече дека фотографиите што ги покажал Нетанјаху не се вистинити.

Според израелската ТВ станица Канал 13, израелскиот премиер рекол: „Ние не сме нацисти“, алудирајќи на пропагандните филмови на националсоцијалистичкиот режим кои сугерираа изобилство и добри услови за живот во варшавското гето во 1942 година.

Нетанјаху рече дека фотографиите на кои се прикажани преполните пазари во Газа се од израелската државна канцеларија Когат, која е задолжена за контакти со Палестинците и хуманитарна помош. Германското Министерство за надворешни работи воздржано реагираше на медиумските написи и соопшти дека тие „не го одразуваат вистинскиот тон“ што преовладувал за време на разговорите.

Според овие информации, Баербок, која вчера престојувала во Израел за да укаже на лошата хуманитарна состојба во Појасот Газа и да се бори за поголема помош, не му замерила на Нетанјаху дека фотографиите што ги има се лажни, туку дека не одговараат на севкупна слика за состојбата на цивилите во Газа.

Митрески од Струга: Младите не смеат да бидат жртви на политичари без став и без визија

„Во Струга ги реновиравме буквално сите училишта и спортски сали и изградивме три нови сали. Го реконструиравме затворениот пливачки базен, тројно ја покачивме минималната плата. “

Ги дуплиравме странските инвестиции. Ги зголемивме пензиите за над 50%, ги покачивме платите во сите сектори. Но, тоа не е доволно. Поминавме и поминуваме сериозни економски последици од КОВИД кризата, но и од војната во Украина. Затоа ни е потребна ЕУ. За побрзо да ги донесеме европските стандарди дома“, порача Јован Митрески, носител на ИЕ 5 на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија на вечерашниот собир во Струга.

Тој нагласи дека платите и пензиите ќе растат побрзо, инфраструктурно побрзо ќе се развиваме, туристичка сезона ќе има преку целата година, полесно ќе се развива езерскиот, планинскиот и руралниот туризам, само со поддршка на ЕУ.

Митрески додаде дека е лесно со шпекулаци да будиш најдлабоки чувства кај секој Македонец за мајчиниот македонски јазик, да зборуваш за македонскиот јазик како бугарски дијалект, а притоа да не гласаш за Договорот со ФРОНТЕКС, прв договор потпишан на македонски јазик со сите земји членки на ЕУ вклучувајќи ја и Бугарија.

„Лесно е само декларативно да велиш дека си за ЕУ, а да правиш се за да не станеш дел од ЕУ. Лесно е, ама не е чесно на граѓаните да им ја крадеш иднината за мали, ситни, бедни политички поени и борба за власт. Не вреди борбата за власт ако се загрози иднината на државата. Државата мора да оди напред. Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари без став, без визија кои освен за својата фотелја и желба за власт не мислат на ништо друго“, нагласи Митрески и додаде дека изборот е или интеграција или изолација.

Тој ги повика стружани да се обединат и да не дозволат да се вратат оние кои ја доведоа Македонија до бездна и од неа направија заробена држава.

„Да застанеме сите обединето и сложно зад планот за европска Македонија. Да застанаме сите обединето и сложно зад бројот 1.Заедно и сложно да постигнеме уште една победа за европска Македонија“,се наведува во партиското соопштение.

Одбива да плати казна за сообраќаен прекршок, зашто била напишана на македонски јазик (ВИДЕО)

На социјалните мрежи се споделува видео на коешто се гледа како двајца македонски полицајци се обидуваат да излезат на крај со човек кој одбива да зборува македонски и постојано инсистира комуникацијата да се одвива на албански јазик, објави ТВ Стар.

„Тој не сака да ја прими казната за направен сообраќаен прекршок, затоа што таа била напишана само на македонски јазик.

Според објавите на Икс, најверојатно станува збор за активист на политичка партија,кој со својот мобилен телефон ја снима целата ситуација.

– Ти си македонски државјанин, мора да знаеш македонски јазик, не си странски државјанин – на културен начин и со смирен тон му вели еден од полицајците и му ја подава казната.

Најголем дел од корисниците на социјалните мрежи упатуваат поддршка до полицајците, кои, според нив, професионално си ја завршиле својата работа“, објави телевизијата.

притисни ентер