Судот и ја отфрли жалбата на Јанева за определениот притвор

Кривичниот суд и ја отфрли жалбата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за определениот 30-дневен притвор, потврдија за МИА од Кривичниот суд.

Судот синоќа одреди триесетдневен притвор за специјалната јавна обвинителка Јанева. Притворот го бараше Јавното обвинителство поради основано сомнение дека Јанева ја злоупотребила службената положба и овластувањата и се стекнала со лична корист.

Судијата Сеад Реџепагиќ вчера ја донел одлуката за притвор по сите три основи, опасност за повторување на делото, опасност за влијание врз сведоци и опасност за бегство.

Обвинителката Вилма Рускоска вечерва по излегувањето од Кривичниот суд изјави дека заедно со јавниот обвинител сметале оти во овој момент било неопходно да и се одреди мерка притвор на Јанева. Истакна дека истрагата продолжува и оти засега нема други осомничени што не значи дека таа не може да се прошири и на други лица.

Катица Јанева е осомничена дека ја злоупотребила службената положба и овластувањата и се стекнала со лична корист, со тоа што, најпрво влијаела за ослободување од притвор и враќање на патната исправа, а потоа и дала предлог да се олесни положбата на осомничен во „Империја" со негово прифаќање како сведок во постапката.

Јанева, чиј глас се слушаше во снимките објавени од италијанскиот весник „Ла Веритас", во кои таа на главниот осомничен за случајот „Империја" Орце Камчев му вели „се ќе биде добро" е третоосомничена во случајот „Рекет"./МИА

Бразилка ќе оди во затвор, зашто на познат пејач за еден месец му испратила 8.000 писма

Бразилката Мира Карваљо (35) е толку опседната со британскиот пејач, Хари Стајлс (поранешен член на групата „One Direction“) што го оставила партнерот дома и го пропатувала целиот пат до Лондон.

Но, тоа не е сѐ, Мира му испраќала на Хари писма, свадбени честитки, а бидејќи за само еден месец испратила дури повеќе од 8.000 писма, Бразилката завршила во затвор, пишува „The Sun“.

Таа е осудена на 14 недели затвор и се изјаснила за виновна за следење.

- Хари беше навистина потресен. Тој само сака да продолжи нормално, но секако дека е загрижувачки за него, неговото семејство и неговиот тим“, изјави извор близок до Стајлс.

Нејзе ѝ е забрането да се приближува до Стајлс дури 10 години и да присуствува на кој било настан, односно концерт, каде што е тој.

Да потсетиме, фановите на споменатата група некогаш беа познати по претерувањето кое се граничело со демнење, па еднаш ги хакираа и безбедносните камери на лондонскиот аеродром за да ги видат своите идоли.

Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира со кого сака. 

Но, понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.

„Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?“, рече Пендаровски, соопштуваат од неговиот тим.

Портокалова велосипедска тура, изложба на карикатури и холандски пазар на Деновите на Холандија

По повод националниот ден на Холандија – Денот на Кралот, Амбасадата заедно со своите партнери го отвори второто издание на „Денови на Холандија“ во Ист Гејт Мол во Скопје. 

Амбасадорот Дирк Јан Коп и извршниот директор на Ист Гејт Мол Игор Давков ги пречекаа посетителите со посебно искуство кое вклучуваше портокалова велосипедска тура, изложба на декорирани велосипеди, филмови во виртуелна реалност и холандски пазар.

Настанот започна со симболична портокалова велосипедска тура и изложба на велосипеди декорирани од средношколци од Скопје во организација на Гоу грин – Биди зелен. Покрај автентичните холандски производи во понудата на холандскиот пазар беа вклучени и локални продукти произведени со холандска технологија.

Во рамките на отворањето амбасадорот Коп ги објави и победниците на регионалниот натпревар за карикатури организиран од холандското Министерство за надворешни работи и организацијата Картун мувмент. Независно жири составено од претставници од сите шест држави од Западен Балкан ја додели првата награда на Душан Перишиќ од Србија а втората награда на Арменд Ајредини од Македонија.

Холандскиот пазар ќе биде отворен овој викенд (19-21 април) од 12:00 до 18:00 часот. Изложбата на карикатури може да се посети до крајот на април.

притисни ентер