Стопанска комора: Владата до среда да донесе мерки за ублажување на ценовниот удар

Владата најдоцна до 5 октомври 2022 година, за кога е закажана седницата на Економскиот совет, да донесе мерки кои ќе го ублажат силниот ценовен удар, апелира Стопанската комора.

Според Комората, бизнисот има една алтернатива – или државата ќе помогне или ќе се затворат капацитетите.

-Ова е критичен момент. Брзината на реакцијата е пресуден фактор за зачувување на макроекономската и на буџетската стабилност на државата. Ситуацијата во која се наоѓа стопанството е сериозна со оглед на високите сметки за електрична енергија, зголемени до шест пати, за што ниту една компанија не е виновна. Повеќе од 1 600 правни субјекти кои се наоѓаат на слободниот пазар на 30.9.2022 година беа анкетирани и рекоа дека се наоѓаат во исклучително тешка состојба. Почнат е процесот на намалување на вработените, редуцирање на производството и на затворање на капацитетите. Ескалацијата ќе биде во наредните два месеца кога се склучуваат договорите за снабдување со струја за наредната година, наведува Комората во денешното соопштение и додава дека нема регистрирано ниту една земја во регионот и пошироко која не им помогнала на своите компании.

Стопанската комора оценува дека фирмите, оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат, излез бараат во враќањето на регулираниот пазар.

-Комората регистрира случаи на правно преструктуирање (делење на фирмите за да се исполнат условите за влегување на регулираниот пазар), што може да доведе до сериозни последици за сиот енергетски систем, исто како и за отпуштените работници, кои, иако дома имаат субвенционирана цена на струјата, нема да можат да ја платат, наведува Комората.

Воедно укажува и дека без државна поддршка 10-те најголеми потрошувачи на електрична енергија, кои имаат 6.000 вработени, приход од една милијарда евра, наредната година, според овие цени, би требало да платат половина милијарда евра, со што ќе се наруши нивната конкурентност и ќе се удри врз темелите на македонската економија.

За другите компании на слободниот пазар Комората сугерира, врз основа на сите компаративни анализи, да добијат определена базна цена над која државата би ги покривала трошоците и со тоа би се создале неопходните претпоставки за некаква предвидливост, која е основа на бизнисот.

-Барањата се оправдани и економски издржани за да се зачува ценовната конкурентност на македонските производи, во услови кога за мегават час Србија има цена од околу 100 евра, Босна и Херцеговина – 65 евра, Косово – 70 евра, Бугарија има поставена лимит-цена од 128 евра, износ над кој трошокот го покрива државата, Романија има цена од околу 180 евра, а Грција прогнозира максимално ниво на цена од 220 евра за мегават час, со субвенционирање на другиот дел од реалната вредност на цената на струјата. Исто така, ова апсолутно не е момент за каков било дополнителен фискален товар за бизнис-секторот во однос на државата, без оглед на тоа дали станува збор за промена на постојните даноци, воведување нови даноци или за укинување на даночни ослободувања,…, нагласува Комората.

Комората ги цени напорите на сите субјекти во државава кои се трудат да му помогнат на бизнисот, но, исто така е свесна, како што пишува, и за состојбите на глобално и на регионално ниво.

-Затоа цениме дека е потребно да ги известиме сите меѓународни коморски институции во кои членуваме и да побараме помош од нив. Не исклучуваме и други мерки кои ќе бидат преземени во однос на потребите, истакнува Стопанската комора.

Индустриското производство во февруари зголемено за 0,3 отсто

Индустриското производство во февруари годинава во однос на истиот месец лани е поголемо за 0,3 отсто. 

Во периодот јануари – февруари 2024 година, пак, споредено со првите два месеца од 2023, растот изнесува 1,5 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, бележи пораст од 5.6 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 0.8 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 14.5 %. Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на текстил, Производство на хартија и производи од хартија, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки, Производство на останата опрема за транспорт, Производство на мебел, Останата производствена индустрија и Поправка и инсталирање на машини и опрема.

Според главните индустриски групи, производството во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 5.9 %, Капитални производи за 4.8 % и Трајни производи за широка потрошувачка за 3.4 %, додека опаѓање бележи кај Енергија за 15.4 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5.9 %

Фетел одговори на прашањето дали се враќа во Формула 1

Себастијан Фетел го прекина молкот за гласините за неговото враќање од пензија за да го замени Луис Хамилтон во Мерцедес.

Четирикратниот светски шампион се прости од трките на крајот на 2022 година во автомобил на Астон Мартин за да помине повеќе време со семејството, но германскиот возач тогаш за можното враќање рече: „никогаш не треба да се каже никогаш“.

Откако Хамилтон во февруари објави дека ќе го напушти Мерцедес и ќе се пресели во Ферари од 2022 година, се шпекулираше дека Фетел ќе го замени, но…

-Сè уште сум заинтересиран и ги следам трките. Во моментов се случува многу - на и надвор од патеката. Но, за мене Формула 1 не е во фокусот во моментов. Кога заминував, реков дека никогаш не вели никогаш за враќањето, но намерата не ми беше да застанам и потоа да почнам повторно, изјави Фетел и со тоа ги демантираше гласините дека се враќа. /МИА

Тројца загинати во сообраќајна несреќа во Кичево

Три лица загинаа во сообраќајна несреќа што денеска се случи на излезот од Кичево, во насока кон Скопје.

Според соопштението од СВР – Охрид, несреќата се случила утрово во 4:50 часот на улицата „Магистрален пат“ во Кичево, кога се судриле патничко возило „Пежо“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од С.И.(19) од Кичево и патничко возило „Фолксваген голф“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од К.Е.(32) од кичевското село Трапчин Дол.

Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот К.Е. и неговиот сопатник А.С.(20) од село Трапчин Дол, додека возачот С.И. им подлегнал на повредите на пат кон Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид и во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, се здобиле 19-годишната Т.С. од Кичево, В.П.(21) од селото Подвис, кичевско, П.К.(21) од Кичево и еден малолетник од Кичево, сите сопатници во возилото „Пежо“.

На местото на несреќата увид извршиле јавен обвинител и полициски екипи. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени на обдукција.

притисни ентер