Стојановски: Да гласаме за број 1 за СДСМ, за европско Тетово

Сите го сакаме наше Тетово. Сите посакуваме нашиот град да оди напред, да се развива и да чекори во правец за кој се стремиме повеќе од триесет години, рече Глигорије Стојановски, носител на советничката листа на СДСМ Тетово.

Патеката по која тргна нашата држава, а по неа и Тетово, всушност ја отсликуваат многубројните проекти со кои нашата Сдсм, со помош на Владата, во изминатиот мандат успеа на локално ниво да допре речиси во секој аспект од општествениот живот. Вложени беа многу средства токму во нашата Општина.

Беа изградени и обновени многу улици и објекти. Како најзначајни ги издвојувам патот накај нашиот бисер Попова Шапка, главната улица на населеното место Сараќино, како и улицата Гоце Делчев.

Изграден беше современ школски спортски базен, а во завршна фаза е и изградбата на Музејот на тетовски крај и спортската сала во ООУ Андреја Савески Кикиш.

Како човек од културата мора да ја потенцирам и организацијата на Тетовското културно лето. Манифестација, која се одвиваше во духот на соживотот. Во една вечер се слушаше и пееше како албанска, така македонска, па и музика и песни од други, разни етнички култури кои го красат Тетово. Тука се препознаваше мултиетништвото кое го негуваме и претставува единствен столб за мирот и благосостојбата во нашиот заеднички град.

Што се случува денес? Знаеме, и бевме сведоци на овогодишното Тетовско културно лето, одржано раздвоено по етникум, базирано на националност и со намера за разединетост.

Во овој контекст, морам да го напоменам избраниот почесен граѓанин од друга држава, без консензус и незаконски, без вообичаената правна пракса кога станува збор за назначување на личност од вакво големо значење. Тетовчани се длабоко разочарани.

Ваква локална политика води само кон поделби и омраза. Ветуваниот бесплатен паркинг од страна на моменталната локална гарнитура, се претвори во поскапување на истиот.

Наместо реализација на ветувањето за изградба на катни гаражи ние добивме уште поголем сообраќаен метеж. Кучињата скитници станаа наша природна средина. Истите не се згрижуваа осум месеци, ама затоа сега се прави некој предизборен обид за нивно згрижување ама и тоа оди селективно, се третираат само агресивните кучиња. Знаеме дека сите овие кучиња скитници претставуваат опасност по нашето здравје и безбедност. Впрочем, колку и да е апсурдно, мора да потенцирам еден факт на кој сите сме сведоци.

Градоначалникот Биљал Касами и Дпмне, досега, сите проекти кои ги отворија и реализираа всушност се проекти од претходната локална власт и Владата предводена од Сдсм.

Нивната неспособност за нешто свое, тие цело време сакаат да го покријат со лажно претставување на државничкиот спор со Бугарија кој претставува дел од државната политика и истиот нема допирна точка со локалните проблеми. Но, колку и да има негативности во постоечкото мнозинство во Советот и градоначалникот Касами, повеќе би сакал да се задржам на нашите проекти за кои ние како партија и советничка група би се заложиле доколку станеме дел од мнозинството на Советот во Општина Тетово..

Целосно даваме поддршка за реализација на граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“, и конечно изградба на Градски парк во Тетово. Ќе започнеме со гасификација на нашиот град.

Ветуваме, како и што сме докажале во минатото, асфалтирање и реконструкција на многу улици, тука би ја издвоил улицата и тротоарот на „Борис Кидрич“, која води накај автобуската и железничката станица. Исто така, несомнено би се заложиле и за следниве проекти кои се од исклучително значење за тетовчани и кои истите го подобруваат квалитетот на животот во нашата општина..

Поставување на семафори на раскрсницата на булевар „Благоја Тоска“ и улица „Љубо Божиновски- Пиш“, пред Тетовчанка, затоа што безбедноста е од приоритетен карактер. Пробивање на улицата „Видое Смилески- Бато“ до село Порој и Џепчиште и изградба на мост на Поројска река, со цел растеретување на сообраќајниот метеж. Изградба на спортски терен во селото Сараќино, како и тротоар кој води до основното училиште во селото Фалише.

Реконструкција на улиците од горниот дел на градот.. улицата „Гоце Делчев“ од црквата Свети Кирил и Методиј па се до месноста Колтук. Тука е улица „Пролетерска“ , „Тодор Циповски- Мерџан“ како и улицата „Браќа Симовски“ односно познатото наше Чапчаково сокаче. Реконструкција на улици во Блок 70 и населеното место Стамбена.

Изградба на катни гаражи низ локации во централното подрачје на градот. Изградба на Спортски комплекс помеѓу базенот и постојното фудбалско игралиште. Тука ќе изградиме терен за мал фудбал, тенис, како и детска урбана опрема, патека за велосипеди и ролери. Сето ова ќе биде бесплатно достапно за нашите деца.Ќе ја ставиме во функција капелата на старите градски православни гробишта во нашиот град.

Во пресрет на претстојните локални избори, односно избор за кандидати за советници за Совет на Општина Тетово, ве повикувам, мои сограѓани, да излезете и да гласате за враќање на сјајот и духот на нашиот град.

Тоа единствено го овозможува нашата советничка група.

Гласајте за бројот 1. Број, кој самиот по себе ја најавува нашата победа.

Победа за нашето, заедничко, европско Тетово.


Двегодишно девојче од Турција гризнало змија, животното ѝ вратило (ВИДЕО)

На истокот на Турција, во село во близина на градот Бингол, змија каснала двегодишно девојче, по што детето ја каснало змијата, пишуваат турските медиуми.

Девојчето е пренесено во болница и е во добра состојба.

Таткото на девојчето за локалните медиуми изјавил дека инцидентот се случил во дворот на семејната куќа.

„Додека бев на работа ми се јавија и ми рекоа дека моето дете го каснало змија. За среќа, додека стигнав детето веќе беше пренесено во болница. Како што ми кажаа соседите, детето ја држело змијата во рака и си играла со неа кога го каснала.Им благодарам на моите соседи и Господ нека ги благослови“, изјавил таткото Мехмет Еркан.

Соседот кој го видел малото девојче како ја гризе змијата го оддалечил животното од двегодишното дете и повикал помош. Змијата ја каснала за долната усна.

"Лекарите ми рекоа дека наодите се чисти и дека таа треба да биде под опсервација 24 часа. Би ги повикал родителите да внимаваат на своите деца. Секогаш внимавајте на нив", рекол таткото на девојчето.

Инцидентот се случил минатата среда.

На изборите во Бразил на Болсонаро ќе му се спротистави претходникот, излезен од затвор

Изборната трка за бразилски претседател, официјално започнува денеска, а ќе ја одбележи борбата меѓу актуелниот Жаир Болсонаро и поранешниот левичарски претседател Луис Инасио Лула да Силва.

Главните кандидати, Болсонаро и Лула, кои всушност водат кампања со месеци, на настани како дел од кампањата, ќе ги покажат своите сосема спротивни стилови. Болсонаро (67) планира да ја започне својата кампања со митинг во Јуиз де Фора, малиот југоисточен град каде што беше избоден и за малку убиен од напаѓач за време на неговата кампања во 2018 година.

Нападот го зацементира имиџот на Болсонаро меѓу поддржувачите како борец против политичкиот естаблишмент. Неговиот имиџ е нарушен од серија кризи што го погодија Бразил - од пандемијата на „Ковид-19“ до зголемената инфлација.

Лула (76), кој води во анкетите, ќе ја започне својата кампања со посета на фабриката на Фолксваген во Сао Бернардо до Кампо, во индустриското срце на државата Сао Паоло, каде што ја започна својата политичка кариера како синдикален лидер.

Двата настани се полни со симболика, рече политичкиот аналитичар Адријано Лаурено, кој ја нарече трката „најполаризирачки претседателски избори од враќањето на демократијата“ во Бразил кон крајот на 1980-тите.

„Болсонаро се обиде да изгради божествено избран наратив за неговото претседателствување во која преживувањето откако беше прободен одигра централна улога“, рече Лаурено од консултантската компанија „Проспектива“.

„Лула секогаш се обидува да се врати во Сао Бернардо во клучните моменти од неговата политичка кариера, претставувајќи се себеси како човек на народот“, изјави тој за АФП. Според последната анкета на Институтот „Ипек“, објавена вчера, Лула моментално води со 44 отсто од гласовите, додека Болсонаро може да смета на 32 отсто од гласовите.

Доколку ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од важечките гласови на изборите на 2 октомври, вториот круг ќе се одржи на 30 октомври.

Од март минатата година изборот се сведе на Болсонаро и Лула откако Врховниот суд ја укина пресудата за корупција против Лула, поради што тој заврши во затвор и ја напушти политиката. Лула беше уапсен како дел од операцијата „Car Wash“, масовна истрага за системска корупција околу државната нафтена компанија „Петробрас“.

Лула, претседател од 2003 до 2010 година, ја напушти функцијата како најпопуларен претседател во историјата на Бразил, а неговиот мандат доживеа економски бум кој извлече 30 милиони луѓе од сиромаштија.

Болсонаро смета на нова голема програма за благосостојба за да ја зголеми својата популарност и да го намали јазот со Лула. Сè уште е рано за целосниот ефект на програмата да се види на анкетите. Многу Бразилци стравуваат дека доколку Болсонаро загуби, ќе ги следи стапките на неговиот политички модел, поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој не ги признава резултатите од претседателските избори во САД.

Болсонаро, кој редовно тврди дека има измами во електронскиот систем на гласање во Бразил, сака да каже дека „само Бог“ може да го отстрани од функцијата.

Откриена е неверојатна молекула, уништува 300 бактерии отпорни на антибиотици

Бактериите со текот на времето стануваат сè поотпорни на антибиотици, што им предизвикува проблем на многу научници и здравствени организации.

Имено, современата медицина се соочува со проблемот на развој на бактерии отпорни на сите постоечки лекови, вклучувајќи ги и оние кои се сметаат за последна линија на одбраната.

Но, неодамна научниците пронајдоа молекула која може ефикасно да ги контролира бактериите отпорни на сите видови антибиотици. Станува збор за соединение наречено фабимицин, кое доколку ги помине клиничките тестови (тестови на луѓе), би можело да се користи во борбата против некои од најупорните инфекции.

Новиот потенцијален третман ги таргетира грам-негативните бактерии, група на патогени кои тешко се уништуваат и кои најчесто се причина за инфекции на уринарниот тракт, пневмонија, па дури и крвотокот, пишува Science Alert.

Овие типови на бактерии се отпорни на антибиотици поради заштитната надворешна мембрана која создава еден вид ѕид кој не дозволува да минуваат супстанции штетни за нив. Според истражувањето објавено во 2022 година во „Лансет“, отпорноста на бактериите на антибиотици секојдневно одзема околу 3.500 животи, што ја прави водечка причина за смрт во светот.

Студијата спроведена во англиска болница имала слични обесхрабрувачки резултати, кои покажале дека повеќе од една третина од луѓето со инфекции на крвта со грам-негативни бактерии починале во рок од една година.

Во текот на истражувањето, Фабимицин успеал да го пробие тој проблематичен надворешен слој, притоа не предизвикувајќи премногу штета на здравите бактерии, односно бактериите кои ни се потребни.

Научниците прво анализирале антибиотик за кој било познато дека е ефикасен против грам-позитивни бактерии и направиле неколку структурни промени во него за да ѝ дадат на молекулата способност да се инфилтрира низ моќната одбрана на грам-негативните соеви.

Кога се тестирало во лабораторија и на глувци, ова соединение било ефикасно против повеќе од 300 видови бактерии отпорни на лекови. Згора на тоа, кај глувците со пневмонија или инфекции на уринарниот тракт, тоа дури и ги намалило нивоата на штетни бактерии.

„Со оглед на ветувачката активност на фабимицинот кај моделите на инфекција на глувци и охрабрувачките податоци дека фабимицинот е драматично постабилен во плазмата на стаорци и луѓе, разумно е да се верува дека неговата ефикасност може да се подобри при лекување на повисоки организми“, пишуваат експертите.

Откривањето на антибиотици кои би можеле да делуваат против грам-негативни бактерии не е нешто што се случува секој ден, така што биосинтезата на фабимицин е всушност многу значаен чекор. Како што поминува времето, сè повеќе разбираме како функционираат грам-негативните бактерии и ни е појасно на кои начини можеме да ги потиснеме.

Се разбира, ќе биде потребно време пред фабимицинот да се користи како лек. За да биде одобрен, лекот мора да помине низ три фази на клинички испитувања. Во првата фаза учествуваат помал број субјекти, обично помеѓу 20 и 100 (или поретко неколку стотици) и таа одредува прелиминарна проценка за безбедноста и ефективноста на лекот.

Во втората фаза, ефективноста се тестира на поголем број субјекти, обично помеѓу 50 и 300 и се анализираат различни начини на администрирање на дозите. Во третата фаза учествуваат најголем број учесници - од стотици до десетици илјади; во зависност од болеста за која се развива лекот или вакцината. Во овој момент, конкретен кандидат се споредува со плацебо за да се тестира вистинскиот успех на развиениот лек, а безбедноста дополнително се тестира и се утврдуваат несаканите ефекти.

Истражувањето, насловено како An Iterative Approach Guides Discovery of the FabI Inhibitor Fabimycin, a Late-Stage Antibiotic Candidate with In Vivo Efficacy against Drug-Resistant Gram-Negative Infections е објавено во списанието ACS Central Science.

притисни ентер