Стојаноски: Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ поднесе 397 амандмани на Предлог Буџетот

Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ поднесе 397 амандмани на Предлог Буџетот на Република Македонија за 2021 година.

СДСМ на чело со Заев во услови на страшна здравствена, економска, образовна и национална криза, креираа гломазен и партиски, наместо развоен и граѓански буџет.

Поради нивната незаинтересираност, негрижа и неспособност да се справат и да помогнат на граѓаните во овие тешки времиња, ние како пратеничка група поднесовме точно 397 амандмани кои се однесуваат токму на најголемите проблеми и предизвици со кои се соочува Република Македонија во изминатиов период.

Имено, поднесовме амандмани кои се однесуваат на здравствената криза предизвикана од Ковид 19 за која сме рекордери во црните статистики и негативен пример, како во Европа, така и пошироко. Поднесовме амандмани за бесплатни ПЦР тестови за сите граѓани, како и дополнителни мерки и помош за здравствените работници, но и за градежни зафати за изградба на нови и реновирање на веќе постоечки инфективни одделенија ширум болниците во Република Македонија.

Исто така, поднесовме амандмани за обезбедување на средства за помош на другите сектори кои се погодени од оваа криза. Бараме да се обезбедат средства за набавка на компјутери за сите ученици од основното и средното образобание кои не можат да ја следат наставата, како и компјутери за сите наставници и професори во основните и средните училишта. За овој реален проблем со кој се соочуваат и родителите и децата, но и професорите, власта едноставно како знае и умее, мора да обезбеди средства.

Поднесовме амандмани кои се однесуваат на заштитата на животната средина односно амандмани кои што мислиме дека доколку се прифатат ќе дадат голем резултат во решавањето на најгорливиот и повеќедеценискиот проблем во зимските денови односно за намалување на загадувањето на воздухот во Македонија. И во врска со ова прашање, владата на Заев покажа дека не води грижа за здравјето и потребите на граѓаните.

Од друга страна, и покрај овие моментално најголеми и најактуелни проблеми со кои се соочуваме сите граѓани во Република Македонија, ние како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, исто така поднесовме голем број на амандани кои се поврзани и се однесуваат на локалните проблеми и барања на граѓаните односно проблеми со кои граѓаните секојдневно се соочуваат. Тука спаѓаат водоводни и канализациони мрежи, локални и регионални патишта, нови градинки, старечки домови и други проекти кои им се неопходни на граѓаните во секојдневното живеење.

На крајот, како пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелираме до пратениците од владеачкото мнозинство да ги прифатат нашите амандмани, бидејќи тие се решение на проблемите со кои се соочуваат граѓаните и Република Македонија и тие претставуваат коректор на овој предлог буџет кој е лош за граѓаните, за фирмите, за странските инвеститори, за здравствените работници, за образованието, за земјоделците, за пензионерите и за младите, едноставно овој предлог буџет е лош за сите граѓани на Република Македонија.

Најмалку 45 загинати во автобуска несреќа во Јужна Африка

Најмалку 45 лица загинаа во сообраќајна несреќа во Јужна Африка во која учествувал автобус, соопшти јужноафриканското Министерство за транспорт.

Едно лице е тешко повредено.

Несреќата се случила во близина на Маматлакала, во провинцијата Лимпопо, јавува Ројтерс.

Дејвид Бекам објави снимка како вежба: Не сакам ова да го види жена ми (ВИДЕО)

Дејвид Бекам се пофали на Инстаграм со видео на кое вежба без маица и ги воодушеви своите фанови.

48-годишниот поранешен фудбалер покажа дел од своите напорни тренинзи, а неговите стомачни мускули, како и бројните тетоважи на телото ги привлекоа погледите на фановите.

„Ти си како виното, се подобруваш со годините“, „Секогаш си силен“, „Ова ми го разубави денот“ и „Не сакам жена ми да го види ова“, се само дел од коментарите на обожавателите.

Да потсетиме, неговата сопруга Викторија неодамна покажа подарок што го доби од него, а кој целосно ја воодушеви.

Пендаровски домаќин на Ифтарска вечера по повод Рамазанските пости

Претседателот Стево Пендаровски беше домаќин и се обрати на Ифтарската вечера, којашто ја приреди по повод Рамазанските пости и во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам.

На вечерата присуствуваа претставници од државно-владиниот врв, бизнис заедницата, претставници на верските заедници, претставници од академската заедница, од политичките партии, медиумите и граѓанските организации, како и претставници на дипломатскиот кор, соопштуваат од кабинетот.

Согласно исламските верски обичаи, Поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема Шакир ефенди Фетаи ја одржа завршната молитва.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски.

Почитуван Реис-ул-улема,

Почитувани поглавари на верските заедници,

Ценети присутни,

Дами и господа,

Ви благодарам што ја прифативте мојата покана да се собереме и заедно да ја споделиме оваа Ифтарска вечера.

Најсветиот месец во Исламот, Рамазан, е време за духовно закрепнување, за обновување на релациите со роднините и пријателите, но и за милост и солидарност кон немоќните. Како што рамазанскиот пост е лично искушение на внатрешно преиспитување на поединецот, така Ифтарската вечера е заеднички чин на социјална правда бидејќи подразбира правење место на трпезата и за оние кои имаат помалку. Тоа е особено важно во време на глобални кризи кои најмногу ги удираат најранливите и најсиромашните.

Но, освен за продлабочување на верата во животот на верникот, Ифтарската вечера е и можност за продлабочување на соживотот во македонското општество.

За нашите предци немало поголема чест од тоа, некој со различна вера од нивната, да ги покани на празнична трпеза. Кога муслиман кани на Ифтар, или кога христијанин подарува велигденско јајце, тоа е начин да каже дека ја почитува твојата различност и те прифаќа таков каков што си. Тоа го правиме и ние вечерва.

Изминативе години и јас бев почестен од многу наши сограѓани ─ муслимани кои ги отворија своите домови и од срце ја споделија со мене и со моите соработници својата трпеза. Споделувајќи ја храната, ние ја споделуваме и човечноста и низ муабетот се потсетуваме дека различниот од нас е човек подеднакво вреден како нас, со слични или идентични животни таги и радости.

Почитувани гости,

Точно е дека имаме различни вери, одиме во различни храмови, читаме различни свети книги. Но, она што нè поврзува е меѓуетничкиот и меѓурелигиски соживот како наша најголема вредност која мораме да ја чуваме и околу тоа нема да правиме компромис. Соживотот не смее да биде жртва на дневно-политички интереси, особено во време на изборни години. Каква било изборна победа на сметка на соживотот би била еднаква на пораз за нашата заедничка татковина Македонија.

Затоа сме вечерва тука, да кажеме дека нема да дозволиме провокации и тензии на таа тема. Тука сме да дадеме пример за сите наши граѓани, дека можеме да живееме заедно и покрај нашите разлики во верските убедувања, како што било од памтивек.

Дозволете, уште еднаш, да ви посакам лесен пост и, во пресрет на Рамазан Бајрам, да ви го честитам големиот празник. Имајте пријатни денови исполнети со среќа, радост и бериќет.

притисни ентер