Стефановски: Над 100.000 граѓани живеат со 50 денари на ден,а Заев троши милиони за кондоми

Над 100.000 граѓани го поминуваат денот со 50 денари на ден, а  немаат ниту за леб, а Заев дава неколку милиони денари за набавка на кондоми и лубриканти, рече Стефан Стефановски, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Набавка на 187.000 кондоми и 50.000 лубриканти на државна сметка во време на огромна сиромаштија и страшна пандемија е класично расипништво и расфрлање со нашите пари.

Владата ќе потроши неколку милиони денари за набавка на кондоми и лубриканти, а нема ниту денар за компјутери или брз интернет за децата кои ќе мора наставата да ја следат од дома, а кои дел од нив немаат за компјутери, а дел немаат брз интернет. Но секако тоа не е важно за власта, бидејќи изборите поминаа, а со тоа и потребата да се покаже грижа за народот исто така.

Функционерите во зградата зад мене мислат дека си обезбедиле четири години мандат, со високи плати, големи привилегии и моќ, и со тоа автоматски можат да прават што сакаат.

Имаат пари да одвојат неколку милиони за кондоми и лубриканти, а немаа ниту денар четири години наназад да направат нов студентски град, ниту пак да реновираат или доградат некој од постоечките домови.

Милиони се даваат за кондоми и лубриканти, а дел од учениците како од основните, така и средните училишта немаат учебници, ниту електронски, ниту печатени.

Владата е расипничка и не се грижи за нас учениците, студентите, граѓаните воопшто.

40.000 наши сограѓани останаа без работа поради пандемијата од коронавирусот и неспособноста на власта да ги зачува нивните работни места. Тоа се 40.000 граѓани, односно наши родители, браќа, сестри, познаници.

Во 40.000 семејства мака се мачи како да се помине месецот, а некои деца страдаат за леб, а Зоран Заев нема проблем наместо да им помогне да даде неколку милиони денари за кондоми и лубриканти.

Во Македонија имаме 17 илјади заболени од коронавирусот до сега, во ек на пандемија фалеа маски, ракавици и дезинфициенси, а немаше ниту тестови па се примаа донации, а владата дава милиони за кондоми и лубриканти.

Мафијата троши на кондоми, а народот нема за леб. Ова лудило мора да запре, рече Стефановски.

Повици за единство до опозицијата повторно испрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повторно со повик за обединување до македонската опозиција. 

По митингот во Охрид, вчера и од Крива Паланка, се обрати до дел од опозициските партии ЗНАМ и Левица и ги повика на национално единство за борба против СДСМ и ДУИ. Прифаќањето на подадената рака, според него, ќе значи искрена и чесна борба за иднината на Македонија.

- Сакам да се обратам и до македонската опозиција. До партиите кои по разни основи се расцепкани. Јас доколку не повикам на национално обединување би го погазил супстратот и идеологијата на мојата партија, затоа што ВМРО е и Демократска партија за македонско национално единство. Пред сликата на руините и хаосот кој го прави оваа власт, ви велам дека секоја наша разлика со било која опозициска партија, било тоа да е Левица или ЗНАМ е помала од големата и заедничка работа пред нас, а тоа Македонија и нашата борба да кажеме дека има надеж и дека има иднина, потенцираше Мицкоски.

Повиците на Мицкоски за македонско единство ги искоментира и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски на синоќешниот митинг во Струга. Според него на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ, за да оди напред, наместо за мораториум.

- Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ. Исто како што го блокираше изминативе две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како што правеше неговиот ментор Груевски. Наместо национално единство за мораториум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што треба да ја донесете на овие избори, изјави Ковачевски.

Претходно, лидерот на ЗНАМ и претседателски кандидат Максим Димитриевски изјави дека позитивно гледа на повикот од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, но вели, можни разговори за идна влада ќе бидат условени со дефинирани црвени линии за Македонија. Димитриевски повтори дека не планира да коалицира со СДСМ.

Сепак, дел од аналитичарите во понудите за национално единство гледаат политички пинг понг на митинзи и предизборна реторика за глас повеќе, отколку за некаква заедничка стратегија по изборите.

- Повеќе сум склон да верувам дека сегашната реторика и повиците за обединување и одговорите од партиите се дел од предизборната реторика. Ние сме во период со високи емоции, со потреба за освојување на глас повеќе и тоа треба да се гледа низ таа призма. Точно е во политичка смисла дека после изборите ќе треба поголемите партии да седнат и да направат некаква заедничка визија, не само за уставните измени и патот кон ЕУ, туку и за оние проблеми кои долго ја мачат државата. Криминал и корупција, здравство, образование... тоа се проблеми кои надминуваат еден мандат и не може само една партија да ги реши. Но, не верувам дека сега партиите одбивањето или прифаќањето за понудите за национален консензус се предмет на некој поопсежна политичка анализа, оценува Петар Арсовски за Канал 5.

Во меѓувреме партиите продолжуваат со презентација на изборните програми. Во истовреме продолжува и кампањата за претседателските избори на неполна недела до првиот круг за избор на шеф на државата.

Тошковски: Бојмацалиев нема потреба да оди до Меџитлија, обрасците се во магацинот на МВР

Изјава на министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски.

Тошковски вели дека 30.000 обрасци за патни исправи се пристигнати и дека се наоѓаат во магацинот на МВР. Тој додаде дека Бојмацалиев нема потреба да оди до Меџитлија за да ги види обрасците.

Министерот за проблемот со долгото чекање за издавање на пасоши го обвини претходниот менаџмент на МВР, бидејќи, како што вели, не успеале да набават дополнителни машини за печатење.

На 100 илјади граѓани сѐ уште чекаат пасош иако се фотографирале пред неколку месеци

Околу 100 илјади граѓани се уште не ги добиле пасошите иако се фотографирале и пред неколку месеци.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни Бојмацалиев дел од вината за ваквата ситуација ја префрла на министерот Тошковски и вели дека очекува темпото на издавање на личните документи да се нормализира по изборите.

-Според последните сознанија кои ги имам, над 100 илјади граѓани ги немаат добиено своите пасоши во законскиот рок. Не е само да ги сликаме граѓаните, да им ги земеме парите а да не им ги дадеме пасошите, граѓаните чекаат негде и два и пол месеци за одредени документи за кои уредно си платиле и се сликале. – Митко Бојмацалиев – Дополнитеен заменик министер за внатрешни работи

Гужвите пред пунктовите на МВР периодов значително се намалени за разлика од претходно иако собранието во март ги изгласа измените на изборниот законик со кои може да се гласа со важечки документ со старото уставно име. Сепак проблем се јавува кај граѓани кои со месеци чекаат да подигнат нова лична карта или пасош а во меѓувреме останале без важечки документ. Од канцеларијата на Народниот правобранител за Канал 5 велат дека добиле неколку такви претставки и следната недела најверојатно ќе излезат со предл решение за ваквата ситуација.

-Има претставки на луѓе кои се жалат дека им е истечена личната карта, дека им е блокирана сметката во банка и дека не можат да си ги подигнат средствата, меѓутоа бројот не е голем. Затоа за да се превенира ситуацијата и да не дојде голем број луѓе да заглават, бараме решение заедно со другите надлежни институции.- Народен правобранител

Инаку околу спроведувањето на изборниот процес подготовки се прават и во МВР. Во зависност од безбедносните проценки не е исклучена можноста и од засилено полициско присуство на места од висок ризик.

-На одредени места каде што ќе се процени дека треба да има зајакнато полициско обезбедување, дека треба од одделот за специјална полиција да има полиција и тоа ќе го направиме. Затоа овој период ги собиравме сите потребни информации, да знаеме на денот на гласањето како да се поставиме на избирачките места и во градовите. – Митко Бојмацалиев – Дополнитеен заменик министер за внатрешни работи

Оперативниот штаб за полициското постапување за време на изборниот процес веќе фукционира и е сместен во рамки на Бирото за јавна безбедност.

притисни ентер