ССМ: Синдикалната кошничка за мај зголемена за 180 денари

Синдикалната кошничка за месец мај 2021 година е зголемена за 180,00 денари во однос на претходната за месец април 2021 година.

Само за последните два месеци таа е зголемена за повеќе од 400,00 денари. Ако продолжи со вакво темпо на зголемување во просек од 200, 00 денари месечно до крајот на годинава нема да бидат доволни ни три минимални плати за покривање на основните потреби на едно четиричлено семејно домаќинство, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.

Според ССМ, зголемувањето на трошоците е неоправдано имајќи во предвид дека цената на нафтата на која се водат алчните газди и ја користат како оправдување за зголемување на цените во 2018 година изнесувала 63,50 денари во месец јуни, 60.00 денари во 2019 година, 50.00 денари во 2020 година, а овој месец е 60.50 денари. Тоа, велат од ССМ, значи дека во 2020 година во време на пандемија предизвикана од Ковид 19, морало да се донесе и Уредба со законска сила за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало, заради енормното зголемување на цените на штета на граѓаните, а за профит на газдите.

-Ова покажува дека неоправдано е да се зголемуваат цените, ако знаеме дека цената на нафтата е пониска од пред почетокот на пандемијата имајќи предвид дека никој од газдите кога цената го имаше најниското ниво во изминатите 10 години не ги намали цените, туку остваруваа огромни профитина грбот на работниците, се вели во денешното соопштение од ССМ.

Според ССМ, вредноста на Синдикалната минимална кошница за мај 2021 година изнесува 34.156,00 денари.

Утре без вода дел од Карпош

Прекин на водоснабдувањето утре од 9 часот ќе имаат корисниците од булевар „Партизански Одреди", на потегот од булевар „8 Септември" до улица „Франклин Рузвелт", непарни броеви, и корисниците од булевар „Партизански Одреди" број 48.

ЈП „Водовод и канализација" – Скопје информира дека корисниците ќе бидат без вода поради водоводен приклучок ф-100 мм на булеварот „Партизански Одреди" број 63.

Тивко во Скопје, Софија и Брисел пред утрешниот одлучувачки ЕУ состанок

Молк во Скопје, Софија и Брисел пред утрешниот Совет за општи работи во Луксембург, на кој барем според последните пораки, извесно е дека Македонија и овој пат нема да слушне добри вести. 

На официјалната веб-страница на Унијата само кусо е наведено дека министрите за надворешни работи ќе разменат мислења за проширувањето и процесот на стабилизација и асоцијација. За Симонида Кацарска од Институтот за европска политика утре се можни две сценарија, проширувањето воопшто да не биде споменато или да се изготви формулација која пред се би имала пораки на охрабрување.

И експертската јавност во Софија не гледа излез од актуелниот ќорсокак. Весела Чернева од Канцеларијата на Европскиот Совет за надворешна политика цени дека за враќање на односите во нормала, неопходно е и време и волја и повеќе од се, напуштање на праксата билатералното прашање да се користи во предизборни цели.

-Бугарско-македонските односи се во најлоша форма од кога и да е. Промената на тонот, според мене, е првата задача пред двете држави ако сакаат да имаат дијалог. Сега, бугарската дипломатија треба со мали чекори да излезе од овој ќорсокак за да може да се стигне до моментот да се крене ветото. Но, јасно е дека тоа без парламент не може да се случи., изјави во интервју за бугарската телевизија БТВ, Весела Чернева, директор на канцеларија на Европскиот Совет за надворешна политика во Софија

Бугарскиот претседател Радев за време на средбата со премиерот Заев пред четири дена порача дека од Македонија очекува прагматичен пристап со конкретни и неповратни резултати. Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска изјави дека и натаму се посветени кон решенија за што е можно побрз старт на преговори за Македонија.

Николовски: Секој треба да тргне од личните постапки и да помогне да ја сопреме корупцијата

Со огромен ентузијазам сме во исчекување на усвојувањето на финалните документи на 25 јуни 2021. 

Чест ми е што заедно со Министерство за внатрешни работи сме домаќини на Регионален форум на кој се изготвува „Регионален патоказ за борба против корупција и нелегални финансии", организиран од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) во партнерство со Секретаријатот на Регионалната иницијатива за борба против корупција (РАИ), напиша на Фејсбук заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.

Николовски преку својот фејсбук статус информираше дека во наредните три дена, ќе се обидат заеднички да ги дефинираат приоритетите за борба против корупцијата и нелегалните финансии во земјите од Западен Балкан.

– Со огромен ентузијазам сме во исчекување на усвојувањето на финалните документи на 25 јуни 2021. Ова е значаен чекор напред во борбата за која треба поддршка од секого и неопходна регионална соработка. Секој може да даде придонес, секој треба да тргне од личните постапки и да помогне да ја сопреме корупцијата, наведе Николовски.

притисни ентер