ССК: Итна неодложна измена на роковите за поднесување на завршни сметки

Комората на сметководители предупредува и за последиците од игнорирањето од страна на институциите, а особено на Министерството за финансии.

Процедурите за имплементација на економските мерки за поддршка на стопанството содржани во петтиот пакет е неопходно да се едноставни и да не претставуваат дополнително оптоварување на правните субјекти, со што потенцијално се ризикува наместо заздравување на економијата да се предизвика нарушување на и така кревката ликвидност на деловните субјекти и да се одрази на дополнителна загуба на работни места. Затоа Комората на сметководители бара при подготовка на законското решение за мерката Финансиска поддршка за исплата на плата, месец јануари 2021 година да се изземе од периодот за споредба.

„Во фазата на имплементација на мерките постојано се комплицираат состојбите и се ризикува успешната реализација што би било на штета на стопанството и економијата. Конкретно, во мерка за финансиска поддршка за исплата на плати за вработените, како основа за пресметка се земаат месеците ноември и декември 2020 година и јануари 2021 година, кои се споредуваат со ноември и декември 2019 година и јануари 2020 година. Тоа значи дека за да може да ја спроведеме оваа мерка во пракса, целокупната документација заклучно со 31.01.2021 година треба да биде предадена од деловните субјекти и да биде обработена, сметководствено евидентирана, анализирана и споредена со пропишаниот период. Останува не јасно зошто за споредба се зема и јануари 2021 година, во услови кога поради пандемијата имаме сериозни потешкотии квалитетно и навремено да ги обработиме дури и податоците за 2020 година", изјави Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители.

Комора на сметководители бара овие ограничувачки услови веднаш да бидат отстранети, односно да се изземе јануари 2021 година од споредбениот период. Сметководството е единствената врска меѓу државата и стопанството, и занемарување на оваа професија, наместо вистинско залагање за нејзино издигнување, во иднина ќе доведе до сериозни потешкотии во извршување на сите економски процеси во државата.

Комората на сметководители предупредува и за последиците од игнорирањето од страна на институциите, а особено на Министерството за финансии, на барањето за продолжување на роковите за поднесување на финансиски извештаи и завршни сметки, со што во континуитет сметководителите се ставени во состојба на неизвесност под притисок на рокови кои се недостижни сред пандемија и се ризикуваат бројни грешки кои можат да бидат штетни по деловните субјекти на долг рок. Комората на сметководители во повеќе наврати реагираше до ресорните министерства и бараше навремено пролонгирање на роковите за доставување на годишни сметки и финансиски извештаи, но досега истото е без реализација со што неизвесноста продолжува.

„Со оглед на фактот дека се наближуваме до крајните рокови, а до Комората на сметководители секојдневно пристигнуваат реакции од колеги кои биле или се уште се заболени или во изолација, повторно се обративме до Министерството за финансии и Министерството за економија и побаравме пролонгирање согласно законските можности. Имено, во членот 477 од Законот за трговски друштва е пропишано дека годишната сметка се поднесува во рок од 2 месеци од завршување на календарската година, освен ако надлежниот орган истиот не го продолжи на три месеци. На овој ист член се повикаа минатата година кога на 13.03 добивме продолжување, но, нас ни треба ваква одлука час поскоро и да биде соодветно продолжувањето на состојбите кои се критични, со цел непречено работење и зачувување на здравјето и дигнитетот на професионалците од оваа дејност, а не тоа да биде во последен момент", изјави Ана Тасевска, потпретседател на Комората на сметководители и упати апел Министерството за финансии и Министерството за економија, да ги искористат своите надлежности и согласно актуелните можности во Законот за трговски друштва да ги пролонгираат роковите за годишни сметки и финансиски извештаи.

Комората на сметководители потсетува дека споредбено со Европа во нашата земја имама најкратки рокови за поднесување на годишните сметки и апсолутно смешни се оправданијата дека некакви статистички податоци за Европската Унија зависат токму од нас, а уште помалку дека истите треба да се ставаат пред здравјето на граѓаните.

Ајакс сака да го покани Чави за главен тренер

Раководството на Ајакс го смета тренерот на Барселона Чави како главен кандидат за тренерското место на тимот од Амстердам, објави „Sport.es“.

Холандскиот фудбалски гигант смета дека 44-годишниот шпански стручњак е способен да го врати клубот на претходното ниво и е подготвен да потпише договор со него до 2026 година.

Во јануари Чави најави дека ќе ја напушти Барселона на крајот на сезоната.

По јавно објавената одлука на Чави за заминување од Барса, тимот загуби само еден натпревар - во четвртфиналето на Лигата на шампионите против ПСЖ (1:4).

Чави за шеф на стручниот штаб на каталонскиот тим беше назначен во ноември 2021 година. /МИА

Награда во Калифорнија за најдобар долгометражен филм за „Бизнисот на задоволството“

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.

Фестивалот што се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.

Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.

- Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови, вели Цветановски.

„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.

Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм. /МИА

Николоски на средби во ММФ

Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст.

Македонија продолжува да води здрави економски политики. Фискалната политика даде соодветен одговор во справување со кризата, а поставената цел за фискална консолидација во наредниот период преку заштеди и поголема поддршка на економијата со инвестиции е основа за забрзување на економскиот раст на среден рок. Владата останува посветена на реформите коишто се клучни за напредок и постигнување повисоки стапки на економски раст и забрзана интеграција во ЕУ. Напредокот во евроинтегративниот процес и реализацијата на новиот европски План за раст на Западен Балкан се исто така дополнителен придонес во остварување на поставените политики. Ова беше посочено на средбите на заменик-министерот за финансии Филип Николоски во Вашингтон со заменик на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и директорот на ММФ за Европа Алфред Камер.

„РС Македонија во изминатите две години доби значајна поддршка од Меѓународниот монетарен фонд, која воедно беше и потврда за здравоста на економските политики што ги спроведува. Преку пристапот до Програмата за ликвидност и претпазливост, ги потврдивме здравите политики, а од страна на ММФ беше позитивно оценет првиот преглед за ПЛЛ што овозможи повлекување на втората транша финансиски средства од овој инструмент. Остануваме на патеката на постепена фискална консолидација, намалување на буџетскиот дефицит, зголемени средства за јавни инвестиции и поттикнување на економскиот раст и постигнување просечни стапки на раст од 5%“, рече заменик-министерот Николоски.

Тој додаде дека оваа година се очекува интензивирање на економската активност, која ќе биде поттикната од зголеменото учество на капитални расходи во Буџетот, силните инвестиции во инфраструктурни проекти, како и приватната потрошувачка, поддржана од растот на платите.

Дополнително влијание, како што додаде, покрај домашните фактори ќе има и очекувањата за нормализација на глобалното опкружување, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување, растот на економската активност кај нашите главни трговски партнери и слично.

„Најголем придонес кон раст во 2024 година се очекува од бруто-инвестициите со планиран раст од 8,4%, главно поттикнати од интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти на коридорите 8 и 10, зголемена доверба кај инвеститорите, очекуваниот прилив на странски директни инвестиции, зголемениот интерес за инвестиции во обновливи извори на енергија, зголемената активност во индустриските зони и најавените нови инвестиции кои ќе придонесат за раст на извозот за 4,6%, како и приватната потрошувачка која се очекува да има реален раст од 3,1% и надворешната побарувачка темелна на подобрување на надворешното опкружување, односно раст во еврозоната и зголемување на економската активност во Германија“, истакна заменик-министерот за финансии, кој посочи и на очекувањата од реализацијата на европскиот План за раст на Западен Балкан и активностите коишто се одвиваат со забрзана динамика во овој процес и секако стабилизирање на инфлацијата.

Ваквото поповолно опкружување ќе даде основа за преориентација на владините политики од справување со криза кон остварување засилена економска активност, смета заменик-министерот, кој наведе дека поради се уште присутните ризици и предизвици, во Буџетот и во оваа година се обезбедени средства за надминување на одредени кризни состојби.

Средбите се одржаа во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон, каде заменик-министерот за финансии Филип Николоски учествува заедно со гувернерката на Народната банка на Македонија Анита Ангеловска-Бежоска. Во Вашнгтон, тие ќе остварат средби и со високи претставници на Светска банка, односно со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Јуџин Ругенат, директорката на Светска банка за Западен Балкан Шиаочин Ју.

Министерство за финансии

притисни ентер