Канцеларот како што соопштија од владината прес-служба нагласил дека промената на македонскиот устав треба да се донесе во следниот период и оценил дека тоа е единствена шанса да се осигура квалитетот на животот на македонските граѓани. Во спротивно, според него, земјава би можела да се соочи со изолација на долг рок.
-Државничката одлука која треба да се донесе во периодот што претстои, е единствена шанса да се осигура квалитет на живот на македонските граѓани според европските стандарди и постигнување членство во ЕУ до 2030 година. Во спротивно, македонските граѓани и државата е извесно дека ќе соочат со изолација на долг рок, што не од интерес ниту на Македонија, ниту на регионот и Европа. - Олаф Шолц – Канцелар на Германија.
Стои меѓудругото во владиното соопштение за средбата Шолц – Ковачевски која се одржа во рамки на настанот за одбележување на 50 –годишнината од германското членство во ООН. Од таму додаваат дека Ковачевски му се заблагодарил на Шолц за поддршката која земјава изминатите години ја добива од Германија на својот евроинтегративен пат. Средбата Шолц-Ковачевски инаку, доаѓа на маргините на 78 генерално собрание на Обединетите Нации.
Претходно германскиот канцелар се сретна и со шефот на државата Стево Пендаровски, а на средбата како што соопштија од Вила Водно, повторно тема на разговор бил евроинтегративниот пат на земјава и уставните измени. Покрај Пендаровски и Ковачевски, во Њујорк се и вицепремиерите Фатмир Битиќи и Бојан Маричиќ, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи, а со нив и 20 –члена придружба, односно вработени од нивните кабинети, информација која отвори дилеми во јавноста и медиумите, дали дел од функционерите имале реална потреба да партиципираат со толкава бројка на придружен персонал.