Ќе го утврди ли Кабинетот на Петков финалниот став во однос на Македонија пред јунскиот самит, ќе се знае вечерва по вонредениот Коалициски совет свикан по барање на бугарскиот премиер. Засега со став се огласи само лидерот на умерената „Демократска Бугарија“, Христо Иванов, кој повикува на прагматичност. Смета дека крајот на јуни како тајминг за кревање на ветото е тешко дофатлив, но не и невозможен, а клучното очекување на Софија е заштитата на човековите права во Македонија.
-Рокот е исклучително краток и од тој аспект не сум оптимист дека тоа може да се случи, но да видиме што француското претседателство може да предложи. Ние очекуваме гаранции дека Македонија ќе го промени Уставот и дека тие гаранции ќе станат дел од преговарачката рамка меѓу ЕК, ЕУ и Македонија. Треба внимателно и без многу хистерија да разговараме за можностите., вели Христо Иванов, претседател на Демократска Бугарија.
Дека во Кабинетот на Петков нема единствена позиција во однос на Македонија смета и бугарскиот аналитичар Владимир Владимиров, според кого, бугарските социјалисти на Нинова и „Има таков народ“ на Трифонов веќе се изјасниле дека во моментов не се за промена на актуелната владина позиција.
-Премиерот Петков и неговата партија се за започнување на преговори на Македонија, а другите два коалициски партнери, партијата на Слави Трифонов и БСП се повеќе против. Така што, тоа биде основната тема на разговор оваа вечер. , вели за Канал 5, Владимир Владимиров, политички аналитичар.
Петков пред неколку дена посочи дека за кревање на ветото евентуалното решение треба да мине низ три фази и да биде потврдено во бугарското собрание. Дел од бугарската опозиција тврди дека владата попуштила пред меѓународниот притисок, пред се од страна на Вашингтон.
-Имаме информација дека бугарската влада подготвила решение со кое ќе ја пушти Македонија да го почне преговарачкиот процес. Нашата информација вели дека тоа ќе биде објавено многу брзо, со оглед дека како што знаеме минатата недела во посета ни беше висок американски дипломат, чија цел очигледно беше тоа. , изјави Костадин Костадинов, лидер на партијата „Преродба“.
Петков минатата недела го повика Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за состојбата со Македонија, но бугарскиот претседател му врати дека прво би сакал да ги чуе неговите позиции за прашањето.