Средба на Независниот академски синдикат со Царовска

Членови на Извршниот одбор на Независниот академски синдикат (НАкС) вчера одржаа средба со министерката за образование и наука Мила Царовска, во просториите на Министерството.

Како што соопшти Синдикатот, пред Царовска ги презентирале анализите и истражувањата на НАкС за актуелните проблеми низ кои минуваат вработените во високото образование и студентите.

-Се се акцентираше делот за оценка на квалитетот во високото образование, улогата и законитоста на Интеруниверзитетската конференција, итноста за усвојување ажурирана Фраскатијева класификација, како и други недостатоци во Законот за високото образование кои се констатирани во периодот на неговата досегашна имплементација. Говорено е за итноста за вработување на млади кадри и замена на пензионираниот наставен кадар, системско структуирање на платите на вработените, потребата да се задржат студентите на додипломски и последипломски студии во државата преку стипендии, зголемено финасирање на научно-истражувачката и уметничка работа, како и да се овозможи пристап до базите на научни списанија, стои во соопштението.

Царовска одговори дека нејзините заложби за разрешување на посочените проблеми ќе се базираат врз нејзиниот даден мандат и постојната законска рамка што беше протолкувано од НАкС дека сегашната Влада и ресорната министерка се задоволни со донесувањето на Законот за ВО во изминатиот мандат на Владата и нема да се отвора прашањето за измени на ЗВО.

-МОН веќе има почнато да работи врз дефинирање на структурата на платите на вработените во високото образование. Во таа смисла, беше реафирмирано прашањето за колективен договор, чиј предлог- текст НАкС го има доставено до МОН пред нецела година. За потсетување на јавноста, овој Колективен договор предвидува дека платите на вработените во високото образование и наука треба да бидат пресметувани согласно коефициент во однос на минималната плата и да соодветствуваат на платите во регионот, стои во соопштението.

Околу финализацијата на Колективниот договор, министерката Царовска задолжи вработени во МОН да отпочнат со работа кон средината на октомври, оваа година, додаваат од Синдикатот./МИА

Арсовска избрана во Совет на Европа на Конгресот на локални власти за портпарол и координатор

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денес во Совет на Европа на Конгресот на локални власти едногласно е избрана за портпарол и координатор за следење и спречување на корупција на локално и регионално ниво.

Арсовска минатата година беше избрана за потпретседател на Европската народна партија за локални власти, а годинава со нов мандат за портпарол и координатор за следење и спречување на корупција на локално и регионално ниво ќе ги води и следи процесите на почитување на Европскиот кодекс на однесување за сите лица вклучени во локалното и регионалното управување.

Нејзини надлежности меѓу другите се да го координира и подобри влијанието на работата на Конгресот за спречување на корупцијата во локалните власти, да известува за утврдени случаи на корупција на локални и регионални власти и да ја промовира стратегијата на Конгресот за спречување на корупцијата и унапредување на јавната етика на локално и регионално ниво.

Арсовска ќе го претставува Конгресот на сите значајни настани организирани од Советот на Европа и меѓувладиниот сектор за прашања на јавната етика и справување со корупцијата, организира и координира активности со Групата држави против корупција (ГРЕКО), со цел идентификување и размена на добри практики, решенија за предизвиците и начини за промовирање на јавната етика и спречување на корупцијата.

Кремљ: Во тек се контакти за можна размена на американскиот новинар Гершкович

Кремљ денеска соопшти дека во тек се „контакти“ околу можна размена на американскиот новинар Еван Гершкович, обвинет и затворен речиси една година во Русија поради шпионажа.

„Неколку пати нагласивме дека некои контакти се во тек, но тие треба да се водат со целосно молчење“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Прекинот на молчењето само ќе создаде дополнителни проблеми и ќе спречи постигнување на каков било резултат во процесот“, додаде Песков, без дополнителни детали.

Новинарот на „Волстрит џорнал“, Еван Гершкович (32), кој исто така работел за Франс прес во Москва меѓу 2020 и 2021 година, е уапсен од ФСБ во март 2023 година додека известувал во Екатеринбург, Урал.

Тој ги негира обвиненијата за шпионажа со кои се соочува и може да се соочи со затворска казна до 20 години. Обвиненијата ги отфрлаат и САД, неговиот весник и неговите роднини. Русија никогаш не ги објавила елементите на доказите и целиот процес е класифициран како таен.

Вашингтон ја обвинува Москва дека го земала како заложник за да го размени за Руси во затворите во западните земји, како што беше направено со неколку американски граѓани во последните години во Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека е подготвен да го размени Гершкович за Вадим Красиков, кој отслужува доживотна затворска казна во Германија за убиство на чеченски опозиционер во Берлин во 2019 година.

Рускиот суд оваа недела му го продолжи притворот на Гершкович до 30 јуни.

Песков денеска изјави дека нема информации за можниот датум за почеток на судењето на американскиот новинар.

Вработените во здравството најавуваат протест на 8 април

Вработените во здравството најавуваат протест на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата.

Вработените во здравството нема да добијат усогласување на платите со порастот на минималната плата поради непотпишувањето на анексот на колективниот договор. Поради тоа на 8 април најавуваат протест што ќе почне од пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, а ќе заврши пред Министерството за здравство.

- Протестот ќе биде токму во насока на изразување незадоволство од непотпишувањето на анексот на колективниот договор којшто веќе беше завршена работа, но поради политичките игри остана непотпишан и со тоа повеќе од 20 илјади работници во здравството остануваат без усогласувањето на нивните плати со порастот на минималната плата, соопшти денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Според информациите на ССМ, освен вработените во здравството, усогласување на платите ќе нема и во образованието и во Министерството за внатрешни работи.

притисни ентер