Спасовски во Љубљана на средба со словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар

 Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска и утре предводи делегација од МВР во работна посета на Љубљана, Словенија, на покана од словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар.

Како што соопшти МВР, Спасовски денеска ќе присуствува на Церемонијата по повод 50 - годишнината од систематското регрутирање на полицајци, некогаш наречени милиции. Притоа, двајцата министри ќе остварат тет-а-тет средба, по што следи билатерална средба помеѓу македонската и словенечката делегација.

Во оваа прилика, двајцата министри ќе потпишат Меморандум за обезбедување развојна помош помеѓу МВР на Северна Македонија и МВР на Словенија за Одделот за воздухопловни единици. Притоа, министрите ќе дадат изјава на прес-конференција за словенечките медиуми.

Истиот ден, министерот Спасовски ќе го посети конзуларното одделение во Амбасадата на Северна Македонија во Љубљана, со цел увид во процесот на сликање и издавање на патните исправи, како и делење на пасоши на иселениците.

Во текот на вечерта, министерот Спасовски ќе присуствува на настан под покровителство на Амбасадата на Северна Македонија, а по повод одбележување 30. години отворена прва амбасада во светот по независноста и осамостојувањето на нашата држава.

Спасовски утре ќе ја посети словенечката Единица за воздухоловна полиција.

„Шехерезада“ и „Валпургиска ноќ“ на сцената на Националната опера и балет

Во Националната опера и балет вечер ќе бидат изведени балетските едночинки „Шехерезада“ и „Валпургиска ноќ“.

„Шехерезада“ од Николај Римски Корсаков, работен по мотивите на приказните од „Илјада и една ноќ“, ќе се изведе под диригентската палка на Бисера Чадловска. Кореографијата е на балет-мајсторот од Москва Михаил Крапивин, со првична постановка на Михаил Фокин. Сценографијата е на Марија Ветероска, костимите се на Маја Бурсаќ од Србија, концерт-мајстор е Верица Ламбевска.

Балетската приказна ќе ја раскажат: Наташа Трендафилова Гицев, Ивана Коцевска, Илијана Данилов, Франциско Хименес Руиз (Шпанија), Балаж Лочеи (Унгарија) и Валери Љубенко (Украина).

Во вториот дел ќе се изведе едночинката „Валпургиска ноќ“ од Шарл Гуно. Диригент е Бисера Чадловска, а кореографијата е на Михаил Лавровски. Пренел и режирал Јуриј Мјачин од Русија. Сценографијата е на Илија Аризанов, а костимографијата на Изабела Поњавиќ, концерт-мајстор е Верица Ламбевска.

Ќе настапат Марија Кичевска Шокаровска, Христина Наќевска Митрашиновиќ, Франциско Хименес Руиз (Шпанија), Балаж Лочеи (Унгарија) и Валери Љубенко (Украина). Ќе настапат првенци, истакнати солисти, солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

- „Валпургиска ноќ“ е всушност балетскиот дел од операта „Фауст“ на Шарл Гуно и е првата премиера на Балетот на тогашниот Македонски народен театар (МНТ), која се извела на 27 јануари 1949 година во кореографија на Ѓорѓи Македонски, соопшти Националната опера и балет.

СП: Македонија на мегдан со брзата Холандија

Најдобрата ракометна репрезентација на Македонија вечерва од 18 часот во арената во Вараждин ќе го одигра вториот натпревар на Мундијалот во 2025 година. 

Во 2 коло од групата Д противник на црвено жолтите е брзата и незгодна селекција на Холандија.

По одличното издание против фаворизираната Унгарија, избраниците на Лазаров и вечерва ќе се сретан со селекција која ќе ја има улогата на фаворит. Но нашите ракометари на премиерата покажаа дека со поддршка од македонската навивачка фаланга, која е се побројна во Вараждин можат рамноправно да играат и против репрезенатциите од врвот на европскиот и светски ракомет.

За добар и позитивен резултат избраниците на Лазаров и вечерва ќе треба да го повторат изданието од мечот против Унгарија, посебно во одбраната.

Цврстата, подвижна и агресивна одбрана посебно над организаторот на холандската игра бекот на ПСЖ Лук Стајнс е клучот за успех против брзата Холандија.

Дуелот во Вараждин ќе биде и можност за поправање на впечатокот од натпреварот на СП во 2023 од Краков кога бевме поразени со убедливи 34-24.

Во првиот меч од групата Д пред два дена Холандија лесно и убедливо со 40-23 го декласираше дебитантот Гвинеја.

Нетанјаху: Постигнат договор за враќање на заложниците што ги држеше Хамас во Газа

 Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е постигнат договор за враќање на заложниците што ги држеше Хамас во Појасот Газа. Тој најави дека денеска ќе го свика својот кабинет за безбедност, а потоа и владата за да го одобри договорот.

Соопштението дојде еден ден откако канцеларијата на Нетанјаху соопшти дека во последен момент имало неуспеси во преговорите за ослободување на заложниците во замена за прекин на огнот во Газа и ослободување на палестинските затвореници.

Според договорот, кој се очекува да стапи на сила в недела, 33 затвореници ќе бидат ослободени во следните шест недели во замена за стотици Палестинци затворени од Израел. Останатите, вклучително и машките војници, треба да бидат ослободени во текот на втората фаза, која ќе биде договорена во текот на првата. Хамас соопшти дека нема да ги ослободи преостанатите затвореници без траен прекин на огнот и целосно израелско повлекување.

Иако одобрувањето на договорот од страна на безбедносниот кабинет и владата се смета за сигурно, екстремно десничарскиот министер за национална безбедност на Израел Итамар Бен-Гвир се закани дека ќе ја напушти коалициската влада на Нетанјаху доколку таа се согласи со тоа.

Министерот за финансии Безалел Смотрич, лидер на партијата Религиозен ционизам, исто така може да се спротивстави на договорот за прекин на огнот. Доколку Бен-Гвир и евентуално Смотрич ја напуштат коалицијата, Нетанјаху ќе го загуби парламентарното мнозинство во неговата влада, забележува ДПА.

притисни ентер