Спасовски на средба со тимот што ја изврши првата трансплантација на срце: Извршивте зафат што претставува круна во кардиохирургијата и медицината воопшто

 Премиерот Оливер Спасовски денеска во Владата, придружуван од министерот за здравство Венко Филипче се сретна со дел од тимот што ја направи првата трансплантација на срце на 23 мај годинава.

На кои им додели благодарница за историскиот подвиг, посебно именувајќи ги сите кои учествуваа во сложениот зафат.

На средбата, соопшти владината прес-служба, присуствуваше и синот на донорот Емилија Динева, Влатко Динев, на кого премиерот Спасовски симболично му врачи благодарница, изразувајќи му огромна благодарност од свое лично име и од име на Владата.

– Благодарницата за семејството Диневи, сакам лично да му ја предадам на синот на Емилија Динева, Влатко и да се заблагодарам прво за нејзината лична одлука, а потоа и за согласноста на семејството нејзината одлука да ја претворат во трајно сеќавање за нејзиниот исклучителен хуман гест и желба, своите органи да ги дарува на оние на кои им се во моментот најпотребни за да продолжи друг живот", рече премиерот Спасовски, кој ја искористи приликата да се заблагодари и на Иван Огненовски, кај кого беше извршена трансплантацијата и на неговото семејство, кои, како што подвлече, покажаа доверба во домашното здравство и во стручноста на целиот тим и му посака добро здравје.

Обраќајќи се кон тимот, лекари и медицински персонал, премиерот Спасовски истакна дека успешната трансплантација на срце е историски резултат и вистински подвиг и сведоштво за висината на експертизата и стручноста на целиот здравствен систем во нашата земја, бидејќи опфати голем број здравствени институции и поединци кои се вградени во ова историско остварување.

– Во време кога целото наше внимание, сиот наш здравствен систем е ставен во функција на справување со најголемата глобална здравствена криза заради пандемијата со КОВИД-19, вие се обединивте, ги здруживте вашите капацитетите, знаењата, искуството и стручност за да извршите зафат што претставува круна во кардиохирургијата и медицината воопшто, оцени премиерот Спасовски.

Посочи дека во изминатите години, Владата силно инвестираше во здравствениот кадар како столб на здравствениот систем – луѓето кои го обезбедуваат здравјето, кои што ја овозможуваат грижата и негата за сите граѓани, потенцирајќи дека тоа ќе продолжи и понатаму со целосна поддршка на министерот Филипче и Министерството за здравство, при што со медицинските работници разговараше за актуелните решенија и активности во здравството.

Министерот Филипче пред присутните истакна дека со оваа постапка се заокружија два големи сегменти во здравствениот систем во нашата земја: трансплантацијата и кардиохирургијата.

– Ова е само почеток на една успешна соработка. Со овој чин се подигна свеста да се донира орган. Ги направивме сите подготовки за тоа што треба да значи трансплантација на срце. За кратко време се организираше целата работа и се заврши во најдобар ред. Направивме еден т.н „heart" тим во којшто членуваат сите кои имаат познавање со кардиохирургијата. Од срце се заблагодарувам на семејството на починатата за хуманоста која ја покажаа на дело, рече министерот Филипче.

Директорот на Клиниката за Државната кардиохирурхија, Сашко Јовев им се заблагодари на претставниците на Владата за тоа што го препознаа нивниот труд.

– Трансплантацијата на срце претставува врв во срцевата кардиохирургија и во медицината воопшто. Но, ова што практично би требало да го препознаеме сега има научен, стручен, човечки мотивиран потенцијал, пред сè во државното здравство кој треба да биде препознаен. Единствено ни треба само малку ветар во грб, а се останато оставете го на нас. Сакам да се заблагодарам на синот на починатата затоа што спасија три животи. Со трансплантацијата не треба да престанеме тука. Оваа програма мора да постои, да опстои, да се развива, а ќе ја развиваме со помош од државата, медиумите и сите мотивирани стручни лица кои го претставуваат тимот, рече д-р Јовев.

Се запали привремена ковид болница во Инндија, најмалку 7 загинати

Во  југоисточна Индија.во градот Вијајавади се запали привремена болница за заразени од ковид 19, во пожарот загинале најмалку седум лица.

Според локалните медиуми, пожарот избил утрото околу 5 часот по локално време во хотелот во кој биле сместени пациентите. Пожарникарите го ставиле огнот под контрола, а преживеаните пациенти се преместени во друга болница.

Причината за пожарот не е позната и во тек е истрага.

Епископот Антаниски, г. Партениј меѓу галичани

Тука прв пат почнало да се изучува словото Божјо на мајчин јазик во овој крај. Затоа овој храм е толку значаен и величествен, не по својот изглед, кој морал да биде вака скромен, ами по духот и делото што го оставил во завештание. 

Во стариот храм посветен на света Параскева во Галичник, кој некогаш беше оставен на забот на времето, а сега е обновен и преосветен, во присуство на поранешни жители и нивните потомци, епископот Антаниски, г. Партениј. ја отслужи првата Света архиерејска литургија.

По литургијата, владиката г. Партениј одржа беседа.

-Мили мои, ние, кои сега сме собрани во овој преславен храм на нашите предци, изграден за време на Отоманската Империја кога било речиси невозможно да се градат христијански храмови, да ја подражаваме во верата и делата денешната славеничка Параскева, која претпочитала да биде со Христа повеќе од сѐ друго. Оставила, значи, сѐ земно, прилепувајќи се за Христос и за спасението во Него и со тоа спасила и многу други луѓе околу себе. Всушност, тоа е должноста на сите нас. Особено денес, кога гледаме како околу нас се расклатени сите морални вредности, за кои слободно можеме да кажеме дека се придобивка на христијанската вера. Дури и доколку денешниот т.н. постхристијански свет зборува за некои морални начела, тие се оставина од христијанската цивилизација. Зашто, без Христа не можеме да зборуваме за некакви вистински духовни вредности, рече во својата беседа отец Партениј.

Тој потсети и дека на јужната страна од храмот било отворено едно од првите училишта во мијачкиот крај, поддржано од монасите на Бигорскиот манастир, особено од игуменот Арсениј.

– Тука прв пат почнало да се изучува словото Божјо на мајчин јазик во овој крај. Затоа овој храм е толку значаен и величествен, не по својот изглед, кој морал да биде вака скромен, ами по духот и делото што го оставил во завештание. И мора и понатаму да остане величествен во нашите срца и никогаш да не го забораваме заветот и подвигот на нашите предци, кои граделе цркви и училишта, најнапред во своите срца, а потоа и од камен. Со голготски маки се труделе да отворат училишта, за да ги научат своите деца на христијанските возвишени вредности, кои се чувар, пред сѐ, на семејството, а потоа и на целото општество, рече отец Партениј.

Тој се потсети и на мигот кога првпат стапнал во ова село.

-Се сеќавам, кога прв пат дојдов во ова село, го посетив и ова свето место и ја видов оваа црква разрушена. Немаше ниту кров. Потоа Христијаните одовде презедоа иницијатива за нејзина обнова, собраа средства од благочестиви дарители, особено од г. Ралев од Гевгелија и од г. Трифун Костовски од Скопје и го возобновија храмот како што го гледаме сега. Набрзо по обновата го преосветивме, заедно со надлежниот архијереј на Дебарско-кичевската епархија, многу почитуваниот Митрополит г. Тимотеј. Денес ја служиме првата архиерејска литургија по неговото преосветување и ми претставува посебна чест што ме поканивте да служам, се заблагодари и ги благослови галичани.

Во селото Гари во храмот на Пресвета Богородица беше отслужена Божествена литургија, на која учествуваа братството и сестринството од бигорската и раичката обител

До утре туристичките агенции може да се регистрираат на платформата „Дома си е дома" за користење ваучери

Лиценцираните туристички агенции кои сакаат да работат со ваучери за туризам, до утре, 10 август, може дополнително да се регистрираат на платформата „Дома си е дома". 

На овој начин, граѓаните кои добиле ваучери за туризам, освен во сместувачките капацитети ќе можат да ги искористат ваучерите и преку туристичките агенции кои ќе се регистрираат на платформата.

За да исполнуваат услови за пристап до платформата, туристичките агенции треба да имаат валидна лиценца за работа издадена од Министерството за економија и да ја прикачат на платформата.

Агенциите кои претходно се имаат пријавено на платформата „Дома си е дома", а ги исполнуваат условите (имаат валидна лиценца) автоматски ќе бидат одобрени од страна на Министерството за економија.

Туристичките агенции може да понудат сместување, но и да вклучат дополнителни услуги како превоз до туристичките центри, екскурзии, водичи, прошетки. При реализација на ваучерот треба да имаат склучени договори со објектите за сместување (категоризирани). Треба да водат евиденција за секој корисник на ваучер (име и презиме на носителот на ваучерот, термин кога се користат ваучерите и назив на објектот во кој ваучерот ќе се користи). Доколку туристичката агенција нуди аранжмани, во договорот за аранжман треба да стои име и презиме на носителот на ваучерот, термин и времето кога ќе се користи и во кој објект.

Туристичките агенции до Министерство за економија ќе достават фактура за плаќање на искористените ваучери за туризам со прилог (листа со кодовите од ваучерот за туризам и име и презиме на носителот на ваучерот, име на објектот каде лицето престојувало и договори со угостителските објекти и објектите за сместување каде се искористени ваучерите). Со оваа можност, освен на туристичките агенции, Министерството им излегува во пресрет и на граѓаните кои имаат ваучери за туризам за да може да го искористат за повеќе услуги преку туристички агенции како што е превоз до туристичките места.

Како што соопшти Министерството за економија на 5 август, за 20 дена откако стартувала мерката ваучери за домашен туризам биле искористени над 8.400 ваучери. Ваучерите граѓаните ќе може да ги искористат до 15 декември 2020 година.

Ваучер за туризам се издава на вработени лица со низок доход заради плаќање искористена туристичка и угостителска услуга на сместување или услуга на сместување и исхрана во категоризирани угостителски објекти за сместување и преку даватели на туристички услуги, регистрирани вршители на туристичка дејност.

притисни ентер