Спасовски: Миграциите не се ексклузивно национален проблем,

Справувањето со миграциите мора да оди преку поширока хармонизирана нормативна рамка на ниво на ЕУ.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска учествуваше на панел - дискусија во рамки на Меѓународната школа за миграции насловена „Хуманитарните аспекти на мешаните миграциски текови”, што се одржува во Центарот за едукација на Црвен Крст во Струга.

Панел дискусијата се одвиваше на две теми: „Миграцијата и влијанието врз домашното население и врз јавните институции”, како и „Важноста на меѓуинституционалната соработка”. Спасовски зборуваше низ призмата на искуствата и согледувањата на Министерството за внатрешни работи во поглед на феноменот на миграцијата, како институција која што непосредно беше и е инволвирана во многу сегменти од проблематиката на миграциите.

-Следствено миграцискиот бран кој во текот на 2015/2016 година ја зафати Европа, вклучително и нашата држава како незаобиколен дел од транзитниот коридор на таканаречената западнобалканска миграциска рута, сосема јасно се виде - покажувајќи низа слабости генерално во Европа - дека влијанието на таквиот, во последниве неколку децении невиден егзодус на цивилно население, е крајно сериозно врз мноштвото општествени сфери – економската, безбедносната, здравствената, хуманитарната, социјалната и така натаму”, изјави министерот Спасовски.

Тој додаде дека импактот на миграцијата врз домашната јавност и јавните институции е незаобиколен, но дали и какви ќе бидат резултатите од него најмногу ќе зависи од институционалната и јавна подготвеност, зрелост, функционалност, во давањето соодветен одговор.

- Всушност, во Европа, а и кај нас, во изминатите неколку години, токму повикувајќи се на искуствата од 2015/16 година се направија и донесоа многу концепциски, нормативни и институционални новини во насока на ефикасно превенирање на негативностите и проблемите што можат да се продуцираат со миграциските токови. Дотолку повеќе што подготвеноста и успешното справување со миграциските проблеми веќе се наметнаа и како прашања од своевиден национален интерес. Речиси и да нема институција која што во својот домен на работа не е засегната, во поголема или помала мера, сеедно, од појавата на миграциските движења. Тој заклучок е неспорен, практично го доживеавме и видовме, кај нас и во Европа пред неколку години, рече Спасовски.

Министерот потенцира дека секое општество мора да биде подготвено да прави точни проценки за потенцијалите на евентуално нови мигрантски кризи, како и за потребните мерки, за институционалните и други капацитети што му стојат на располагање за да се искористат за анулирање на какви било последици по нормалното општествено функционирање и сигурноста на своите граѓани.

Во однос на втората тема „Важноста на меѓу-институционалната соработка, истакнувајќи го фактот дека во Европа, а и во Република Северна Македонија како нејзин составен дел, тргнувајќи од претходните искуства, министерот Спасовски истакна дека се дојде до заклучок дека миграциите не се ексклузивно национален проблем и дека справувањето со нив мора да оди преку една поширока хармонизирана нормативна рамка на ниво на Европската Унија, секако со уважување на различностите од аспект на миграциските фактори – како земји на транзит, земји на крајни дестинации и слично.

-Од аспект на Министерството за внатрешни работи, ние изминативе години согласно своите организациски, кадровски и финансиски капацитети и во тесна соработка со нашите партнери од ЕУ и САД успеавме во повеќе сегменти да ги подобриме активностите, особено во делот на регистрацијата, евиденцијата, контролата и безбедноста на мигрантите, притоа, водејќи сметка и за внатрешната безбедност на граѓаните на Република Македонија но и на регионалната и глобална безбедност, истакна тој.

Спасовски вели дека од досегашната дискусија може да се заклучи дека е нужно постојано надградување на јавните и институционални капацитети, со цел секогаш да се има адекватен одговор кој што ќе ги минимизира и амортизира можностите за креирање или прелевање на проблеми во општественото функционирање.

Пендаровски во Њујорк на средба со Јури Ким и Џим O'Брајан од американскиот Стејт Департмент

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Њујорк, оствари средба со Јури Ким, заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија и Џим O'Брајан, раководител на канцеларијата за координација на санкции при американскиот Стејт Департмент.

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Њујорк, оствари средба со Јури Ким, заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија и Џим O'Брајан, раководител на канцеларијата за координација на санкции при американскиот Стејт Департмент.

На средбата се разговараше за текот и за актуелните состојби поврзани со европските интеграции на нашата држава, за реформскиот напредок, како и за политичките состојби во земјава и во регионот. Соговорниците се согласија дека е потребно да се одржи фокусот на реформите, како и подготвеноста за водење на преговорите со Европската Унија.

На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија, при што претседателот Пендаровски се заблагодари на американската поддршка за членството на Македонија во ЕУ како стратешка определба на македонското општество, соопштуваат од кабинетот.

Во Јапонија е претставена новата Хонда Акорд (ВИДЕО)

На крајот на 2022 година, Honda премиерно ја претстави новата генерација на седан во Америка и Кина, која Европа нема да ја види.

Штета, бидејќи Акорд отсекогаш имал значителен број верни фанови. Во меѓувреме, Honda го лансираше новиот Accord, кој на домашниот јапонски пазар сега пристигна со препознатлив изглед, но и со нови технологии.

Визуелно идентично со американската верзија, новиот Accord се дистанцира со погонот. Јапонците можат да ја изберат само верзијата e:HEV, што значи дека се работи за хибрид кој само се полни. Комбинира бензински мотор 2.0, два електромотори и CVT менувач. Техничките податоци не се познати, но добро е да се знае дека подеднакво моторизираниот Civic има 184 КС и 315 Nm.

Друг интересен детал е приспособливиот ротирачки прекинувач на централната конзола што ги заменува традиционалните контроли. Honda го нарекува „Experience Selection Dial“ и веќе го нуди на кинеската верзија на моделот. Може да се користи за контрола на аудио системот, климатизацијата, осветлувањето итн.

Да го споменеме и 12,3-инчниот инфозабавен екран со технологија „Google Built-in“ и системот за помош Honda Sensing 360 ADAS од безбедносен аспект.

Првите испораки на моделот се очекуваат на почетокот на следната година.

Зоран Арсовски –Бабата избран за претседател на стручното жири на Меѓународно биенале во Русе

Академскиот современ визуелен уметник Зоран Арсовски – Бабата избран за  претседател на стручната жири комисија на lX Меѓународно биенале на минијатура “Уметноста на минијатурата” која ќе се одржи во Русе, Бугарија.

На покана од “Уметничката Галерија Русе” – Бугарија, Македонскиот современ академски визуелен уметник Зоран Арсовски – Бабата ќе биде претседател на стручната жири комисија на lX Меѓународно биенале на минијатура “Уметноста на минијатурата”. Жирирањето ќе се одржи во периодот од 28 – 30 септември 2023 година во Русе, градот на реката Дунав во Бугарија. Организатори на овој Меѓународен биенален настан на минијатура се “Уметничката Галерија Русе” – Бугарија, од каде најавуваат многу силна конкуренција на веќе пристигнатите уметнички дела на уметници од целиот свет. Ова е еден од најзначајните настани за уметноста на минијатурата, којашто по својата тежина е една од најтешките дисциплини во уметноста бидејки бара многу прецизност и уметничка креативност, која носи силни пораки коишто многу кажуваат на малото сликарско платно. Арсовски во последните неколку години имаше свои самостојни проекти и изложби на минијатури во повеќе држави пред меѓународната јавност кои беа изложени во повеќе познати Уметнички Галерии коишто привлекоа големо внимание и оставија силен впечаток на пошироката јавност. За творештвото на Арсовски се напишани бројни рецензии и уметнички критики од страна на стручните домашни и странски историчари на уметноста, кои го следат неговиот уметнички пат и го препознаваат преку многубројните современи, концептуални изложби преку кои тој ги пренесува неговите пораки кои живеат на уметничкото платно, со оригинален и препознатлив сопствен стил. Тој досега има реализирано 15 самостојни изложби и учествувано на повеќе групни меѓународни ликовни колонии, изложби, проекти, уметнички фестивали и симпозиуми во земјава и странство.

За својата работа има добиено повеќе награди, признанија и дипломи, се наведува во соопштението од уметникот.

притисни ентер