Советниците од општина Карбинци се откажаа од два месечни надоместока

Советниците од општина Карбинци едногласно ја прифатија одлуката предложена од претседателот на Советот, Мики Манев со која се откажуваат од паушалите за наредните две седници, информира градоначалникот на Карбинци, Јордан Насев.

Седницата се одржа во спортската сала на основното училиште „Страшо Пинџур" во селото Карбинци. Локацијата советниците ја избрале поради поголема превенција и заштита на нивното здравје, а присуствуваа носејќи заштитни маски и на растојание од околу два метри еден од друг.

Донесени се и повеќе значајни одлуки, како што се завршните сметки на општината, на училиштето „Страшо Пинџур", градинката „Кокичиња" и ЈП „Плачковица".

–Со Одлуката за откажување од паушалите, се запира исплатата на надоместокот за присуство на членовите на Советот на Општина Kарбинци за двете наредни седници на Советот на Општина Карбинци, а одлуката се однесува на членовите на Советот кои имаат засновано работен однос на неопределено време, а нема да се применува на членовите на Советот на Општина Карбинци кои се невработени, истакна Насев.

Средствата ќе бидат уплатени на посебна сметка и ќе бидат искористени исклучиво за справување со кризата предизвикана од коронавирус. За потрошените средства и намената за која се потрошени, Општина Карбинци треба да достави извештај до Советот на Општина Карбинци./МИА

притисни ентер