Состојбата со Преспанско Езеро утре на седница на албанскиот парламент по барање на Стерјовски

Преспанското Езеро ги спојува териториите на Албанија, Македонија и Грција и претставува проблем што ги зафаќа сите три држави кои го делат брегот на езерото.

По барање на Васил Стерјовски, пратеник од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција МАЕИ на утрешната пленарна седница на парламентот во Тирана ќе се најде прашањето за состојбата со алармантниот пад на водата во Преспанско Езеро.

-На мое барање, во албанското Собрание министерот за туризам и животна средина, Бленди Клоси треба да даде објаснување какви мерки превзема министерството, тука вклучително и во соработка и со надлежните институции на Македонија и Грција за да се спречи алармантниот пад на водата во Преспанското Езеро и еколошката катастрофа што му се заканува. Од 2018 до денеска езерото е повлечено најмалку 200 метри, изјави Стерјовски за МИА.

Како што рече, Преспанското Езеро ги спојува териториите на Албанија, Македонија и Грција и претставува проблем што ги зафаќа сите три држави кои го делат брегот на езерото, треба да се преземат заеднички активности за да се забави оваа природна непогода.

Исто така, додава тој, министерот треба да објасни за разните проекти кои што се спроведуваат во Националниот парк „Преспа" а кои не придонесуваат за намалување на сиромаштијата во областа на Преспа, ниту за заштита на животната средина во Националниот парк „Преспа".

Појасни дека поради богатиот биодиверзитет за национален парк е прогласен во февруари 1999 година, од кога министертвото во соработка со странски донатори „реализирало" низа проекти вредни милиони евра а животот на жителите воопшто не е подобрен,како што се очекувало.

-За жал овие проекти не придонесоа за намалување на сиромаштијата во областа, ниту за заштита на животната средина во Националниот парк „Преспа", чија територија во 90 отсто опфаќа територија на Општина Пустец. Дури и до денес, жителите страдаат за вода за пиење, нема канализација и отпадните води се испуштаат во езерото, не се управува со отпадот. Во јануари 2016 година, потпишан е владин договор „Прекуграничен резерват на биосферата Преспа", според кој германската влада ја финансираше втората фаза од проектот со грант од 3,5 милиони евра, со времетраење од 2016 до 2020 година, рече тој.

Стерјовски наведе дека ова е четврта година од имплементацијата на овој проект и нема реални инвестиции поддржани од овој проект во областа на паркот Преспа,

Тој апелира граѓаните кои живеат на територијата на Националниот парк „Преспа"да му ги соопштат нивните мислења, сугестии и предлози по овие прашања за да може да ги опфати во неговите дискусии со министерот Клоси во албанското Собрание.

На еколошката катастрофа што му се заканува на Преспанско Езеро неодамна алармираше и македонското друштво„Илинден"-Тирана./МИА

САД прогласија повторно воведување санкции кон Иран,без поддршка од сојузниците

САД еднострано преку ноќ објавија дека санкциите на ООН за Иран се повторно во сила и најавија дека ќе ги казнат сите оние кои ги прекршиле, изложувајќи се на опасност од уште поголема меѓународна изолација, но и поттикнување на тензиите во светот.

„Денес, САД го поздравуваат враќањето на скоро сите санкции на ООН во Исламската Република Иран кои претходно беа укинати“, рече државниот секретар Мајк Помпео во вчерашната изјава.

Според него, овие казнени мерки, предвидени со Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на ООН, „повторно се на сила“ од недела во 2 часот по средноевропско време.

Особено владата на Доналд Трамп јасно се заканува со воведување на таканаречени придружни санкции за казнување на земја или субјект што ги крши санкциите на ООН, дури и ако е меѓу ретките во светот што сметаат дека се на сила. Тоа е многу опасна алатка: на прекршителите идентификувани од Вашингтон ќе им биде забранет пристап до американскиот пазар и финансискиот систем.

„Ако земјите-членки на ООН не ги исполнат своите обврски во спроведувањето на овие санкции, САД се подготвени да користат свои алатки за казнување на прекршителите“, предупреди Мајк Помпео. Тој најави дека „овие денови“ ќе објави „мерки“ на САД против „оние што ги кршат санкциите на ООН“.

Шест недели пред претседателските избори на кои сака да добие втор мандат, претседателот Трамп може да ги објави мерките во својот говор пред Генералното собрание на ООН во вторник.

Но, Вашингтон е сам против сите: другите суперсили, Русија, Кина и европските сојузници не ги поддржуваат.

„Секоја одлука или мерка донесена за повторно воведување на санкции “нема да има правно дејство“, објавија Франција, Велика Британија и Германија во заедничкото писмо до Советот за безбедност во петокот, чија копија беше примена од Франс Прес.

Самите Американци се „свесни дека ова е лажна изјава“ и „пропаганден трик“, изјави иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф.

Тој рече дека американскиот потег нема правна основа затоа што САД се повлекоа од договорот за ограничување на иранскиот нуклеарен договор потпишан во 2015 година во 2018 година и повеќе не можат да се повикуваат на Резолуцијата 2231 на ООН, со која Советот го поддржуваше тој договор и пропишуваше санкции во случај на повреда.

Ова мислење го делат 13 од 15-те членки на Советот за безбедност на ООН.

„Ништо нема да се случи“, предвидува дипломатот на ООН. „Тоа е исто како да го стиснете чкрапалото и куршумот да не излезе од цевката“.

Друг дипломат жали за „едностраната“ одлука: „Русија и Кина гледаат со задоволство, како се поделени Европејците и Американците“.

Но, ако САД ја сфатат својата закана од придружни санкции, ескалацијата може да продолжи.

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, вчера пред Советот за безбедност на ООН изјави дека не може да преземе никакви активности врз основа на најавата на САД, бидејќи „се чини дека постои двосмисленост“

„Не е на генералниот секретар да се однесува како да нема такви нејаснотии“, напиша тој во писмото до Советот за безбедност. Објектот на ООН обезбедува административна и техничка поддршка на Советот за безбедност при спроведување на режимот на санкции.

Гутереш напиша дека нема да пружи таква поддршка се додека не се расчисти статусот на санкциите против Иран.

Песната „Сакам да кажам" од Нокаут победничка на 35-то издание на „Макфест"

Победничка песна на 35-то издание на „Макфест" е „Сакам да кажам"  од групата Нокаут, втората награда е за „Ден по ден" изведена од Ѓоко Таневски и трета награда за „Ако те изгубам" во изведба на Омар Џаферовски.

Никола Перевски-Пере од Нокаут за МИА вели дека ова е награда по 24 години работа, а слатка трема немал да почуствувано никогаш.

-По 24 години конечно нешто да освоиме, публиката тоа го примети дека има некаков квалитет, што сме го направиле. Се разбира тука е жирото кое гласаше за нас и веројатно жирото, тоа го почуствувало. Најважно е за мене да почуствува песната, да се пренесе енергијата, кај публиката, еве и кај жирото и сметам дека е заслужено, вели Пере од Нокаут.

Тој во разговорот за МИА открива дека песната е направена пред три години, а инспирацијата доаѓа од љубовта. Прашан како го доживува „Макфест" по 35 години, одговорот му е „Како никогаш досега, затоа што „Макфест" досега се правеше на затворено, а сега за првпат е кога „Макфест" се организира под отворено небо и навистина чувството е прекрасно и мислам дека треба да продолжи во ваков некаков континуитет, рече Перевски-Пере од Нокаут.

Досега на „Макфест" имал две композиции едната е „Танго" во 2014 и победничката е втора песна со која настапи на 35-то издание.

Публиката синоќа не гласаше, изборот на наградите го направи стручното жири, составено од познати македонски музички имиња, актери, од модата. Што се однесува за почитувањето на здравствените протоколи фестивалот беше беспрекорно организиран. Волонтерите на ОО Црвен Крст постојано беа меѓу публиката, кои предупредуваа на држење дистанца и задолжително носење на заштитни маски./MИА

Сончево и топло преку ден, утринските температури ниски

Сончево време со мала до умерена локална облачност ќе преовладува денеска во земјава. ќе дува и слаб до умерен ветер од променлив правец.

За денеска, според метеоролозите, утринската температура ќе се движи од 6 до 16 степени, а дневната од 24 до 29 степени.

Слично време ќе преовладува и во Скопје каде утринската температура ќе се спушти до 13-тиот степен, а дневната ќе се искачи до 28-тиот степен.

Се најавува период на претежно стабилно време но со ниски утрински температури. Во вторник и во среда во западните делови можна е појава на нестабилна облачност со повремен дожд и ретки грмежи.

притисни ентер