Сончево, студено и ветровито

 Времето денеска во земјава ќе биде сончево, студено и ветровито. Претежно во северните делови ќе има мала до умерена облачност. Вдолж Повардарието ќе дува повремено засилен северозападен до северен ветер.

Минималната температура ќе биде во интервал од -7 до 3, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.

Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне 9 степени.

Од УХМР најавуваат дека до понеделник ќе се задржи стабилно и суво време со слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец.

Во недела и понеделник ќе има услови за појава на утринска магла по одделни котлини, а во вторник се очекуваат локални врнежи од снег, само понекаде на пониските места повремено од дожд.

Оризопроизводителите најавуваат протест ако поддршка за арпата не добијат повеќе земјоделци

Производителите на ориз од кочанскиот регион бараат што повеќе земјоделци да бидат опфатени со финансиската помош – три денари за килограм предадена арпа, а за тоа е неопходно, велат, рокот за предавање на арпата да се продолжи до јуни.

На Министерството за земјоделство му даваат рок од две недели да најде начин како ова да го спроведе. Во спротивно, најавија, ќе организираат нови протести и ќе ги блокираат магистралните патишта.

Производителите до петок очекуваат ресорното Министерство да организира средба на која ќе ги образложат барањата, но се надеваат и дека ќа се најде заедничко решение за да се избегне блокирањето на сообраќајниците.

-Нашите сознанија се дека само на 15 отсто од земјоделците кои успеале до 15 декември да ги предадат произведените количини, им е исплатена финансиската помош од КОВИД мерките. Тие временски не можеа да стигнат да ја продадат арпата, зашто жетвата на оризот завршува до крајот на октомври, ниту пак откупувачите физички со своите капацитети можеа да стигнат да ги исполнат условите. Исто така, не се опфатени ниту земјоделците кои арпата ја преработиле во бел ориз. Затоа бараме, редовните субвенции да останат по 3.000 денари за декар и да бидат исплатени за 15 дена, а рокот за откуп на арпата заради добивање дополнителната финансиска помош да се продолжи до јуни. Ако не добиеме позитивен одговор, ќе излеземе на протести со блокада на патиштата, изјави земјоделецот Здравко Коцев од Облешево.

Земјоделците кои произведуваат ориз се во дилема како ќе ја почнат сеидбената сезона оваа година поради драстично зголемените трошоци на вештачките ѓубрива и заштитните препарати.

-Една вреќа ѓубре од 25 килограми сега чини 1.650 денари, а ќе се покачат и цените на хербицидите, што значи дека трошоците по декар се зголемени за сто отсто. Со сегашните откупни цени не можеме да ги покриеме давачките, а не станува збор за заработувачка. Затоа очекуваме арпата да се откупува по 40 денари, а белиот ориз по 80 денари за килограм, истакна Стојче Ташевски, земјоделец од Облешево. /МИА

Одложено првото рочиште за случајот „Софтвери“ поради отсуство на една од обвинетите

Екс владиниот секретар Драги Рашковски од домашен притвор денеска беше спроведен во скопскиот кривичен суд каде започна судењето за набавката на сообраќајните софтвери.

Но рочиштето беше одложено поради отсуство на една од обвинетите и очекувањето на Апелација да се произнесе по жалбата на Рашковски според кој Обвинителството на незаконски начин прибавило докази против него, заради што вети интересен судски процес.

-Не може да имате во кој Обвинителството на својот компјутер во Word направиле текстуални пораки и заборавиле да го сменат времето и во една секунда има 43 пораки. Јас проверував, Гинисовиот рекорд е дека за педесет и нешто секунди можете да испишете една порака а не 43 во една секунда. Не може во 2015 година средства да потекнуваат од кривично дело од 2017, не треба да сте ни правник. Едноставно Холивуд да го режира ова не може така да го направи, вели Рашковски.

Освен по жалбата за доказите, Апелација треба да одлучи и по жалбата на Рашковски за одлуката на судот да му го замрзне имотот во април лани додека траеше истрагата по што и антикорупционерите дојдоа до сознанија дека стан од 65 квадрати во Скопје и земјиште од 11 илјади квадратни метри во викенд населбата Побожје, префрлил на своите малолетни деца. Рашковски тврди дека нема разлика во имотниот лист во времето пред и по завршувањето на функцијата во Влада, освен во подароците на децата.

-Од 2017 година кога сум влегол на функција до 2021 кога сум излегол, ќе видите дека не постои разлика освен подароците на моите две деца прибрани од родендени, крштевки, мекици итн. Друг податок за зголемување на имотот не постои. Значи сето тоа е само префрлено, како секој родител, ние сме традиционална земја, вели Рашковски.

Обвинителката Ивана Трајчева уверува дека во случајот се постапувало како и во други предмети. Вели и дека располага со цврсти докази против Рашковски и останатите обвинети.

-Постапувањето на Обвинителството во овој предмет ништо не се разликува од постапувањето во други предмети а за кои има правосилни судски одлуки и се познати во јавност како Рекет и 27 Април.Во суштина станува збор за докази од кои ќе се докажат сите факти кои се наведени во диспозитивот на обвинителниот акт, за секоја постапка посебно како и за хонорарците а и за кривичното дело перење пари, вели Трајчева.

Рашковски и уште шест лица одговараат за злоупотреба на службената положба и перење пари. Ден пред судењето тој во допис до медиумите, тврдеше дека системот за сообраќајни прекршоци кој никогаш употребен а исплатен над 70 илјади евра, ќе спасуваше животи на улиците. Следно рочиште е закажано за 24 февруари.

СДСМ: Законите важат за сите подеднакво, денеска тоа го потврди и Транспаренси

Соопштение за јавност - реакција на прес-конференцијата на Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Законите важат за сите подеднакво, без разлика за кое име и презиме станува збор, а тоа е потврдено и со случајот којшто го споменува ВМРО-ДПМНЕ.

Фактите се дека има судска пресуда за овој случај, потврдена и од Апелацискиот суд. Споменатите лица се осудени на затворска казна и ја имаат издржано казната.

Од ВМРО-ДПМНЕ очигледно не можат да се воздржат од пласирање на невистини и конструкции.

Денешниот Извештај на Транспаренси интернешнл потврдува дека законите важат за сите.

Една од главните причини за напредокот од 24 места е тоа што земјата има преземено конкретни чекори за кривично гонење на високи функционери од власта.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

притисни ентер