Сончево со слаб ветер, температура до 30 степени

Наутро ќе биде свежо, а во текот на денот сончево со мала до умерена облачност. 

Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец кој вдолж Повардарието краткотрајно ќе засилува. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 16, а максималната ќе достигне од 23 до 31 степени.

Во Скопје сончево со умерена облачност и со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 29 степени.

Во следните три дена ќе биде претежно сончево, со мала облачност и засилен северен ветер. Минимална температура ќе се движи од пет до 17 степени, а максималната од 23 до 31 степен.

УХМР информира дека следува период на стабилно време со повремена умерена облачност. В недела и понеделник ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Утринската температура од вторник малку ќе опадне, а дневната температура наместа во Повардарието ќе надминува 30 степени.

Македонскиот јазик во наставната програма на постдипломските студии на Факултетот во Тирана

Македонскиот јазик во наставната програма на постдипломските студии на Факултетот за странски јазици во Тирана.

Предметот македонски јазик влегува во редовната наставна програма на постдипломските студии на Факултетот за странски јазици во Тирана.

- Се работи за нова, современа, иновативна и интердисциплинарна насока на постдипломските студии „Интеркултурна тријазична комуникација во туризмот”. Во рамки на оваа насока, студентите избираат три од понудените јазици, кои се изучуваат паралелно со совладување на нивниот социо-културен контекст, објави весникот „Илинден".

Целта на наставната програма на овие постдипломски студии е создавање на висококвалификувани кадри кои со својот космополитски и полиглотски поглед на светот, ќе ги разбиваат јазичните бариери и ќе создаваат нови мостови меѓу културите преку туризмот.

Според објавата на факултртот, студиската програма за магистерски науки по „Меѓукултурен јазик и комуникација и тријазичен туризам“ (2 години, 120 кредити) доаѓа со иновација за академската 2024-2025 година.

-Оваа целосно реструктуирана програма благодарение на соработката со бизнис и туристичката индустрија во земјава, странските партнерски универзитети и меѓународните експерти во оваа област е златна можност за сите студенти кои имаат страст за комуникација, странски јазици, култура, патување и туризам, наведува Факултетот.

Новата наставна програма е во согласност со највисоките стандарди на оваа струка и ќе биде изработена на три странски јазици. Модулите кои се нудат врз основа на компетенции и проектот им даваат повеќе простор на професионалните и технолошките вештини на студентот. За првпат стручната пракса ќе се протега во текот на три семестри со што студентот ќе има можност да биде поблиску до професијата и пазарот на трудот.

-Иницијативата за повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана беше отпочната во декември минатата 2023 година, кога беше остварен работен состанок меѓу директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје, проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска и претседателот на Македонското друштво „Илинден” во Тирана, Никола Ѓурѓај. Тогаш беше и доставено барање до УКИМ за отворање на Лекторатот на Факултетот за странски јазици во Тирана, наведува весникот „Илинден".

ЗОО Скопје во сабота ги отвара вратите за посетители

Зоолошката градина во Скопје соопшти дека повторно ќе биде отворена за посетители од сабота откако во октомври беше потврден случај на птичји грип.

- Ве известуваме дека од оваа сабота (09.11.2024) Зоолошка градина на град Скопје повторно ќе биде отворена за посетители со редовно работно време од 09:00-16:00 секој ден. Да уживаме заедно во убавите есенски и сончеви денови, ве очекуваме, стои во објавата на Фејсбук.

ЗОО Скопје беше затворена за посетители откако беше потврден случај на птичји грип. Беше спроведен надзор и хумано убивање на 24 патки, шест гуски, пет кокошки и една чавка. Беа наредени мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во Зоолошката градина за присуство на вирусот, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширење надвор од Зоолошката градина кај животните и кај луѓето.

Ѓорѓиевски на отворање канцеларија за поддршка на идни брачни двојки

Ѓорѓиевски на отворање канцеларија поддршка на идни брачни двојки: Создаваме здрави и стабилни семејства.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и претседателката на Здружението на социјални работници, Светлана Трбојевиќ, денеска отворија канцеларија за социјална поддршка на млади брачни парови од општина Кисела Вода, лоцирана во Домот на култура “Билјана Беличанец”. Оваа канцеларија, како што велат од Општината Кисела Вода, е прва и единствена од ваков вид во Македонија и ќе овозможи бесплатна стручна поддршка и совети за надминување на тешкотиите и одржување на здрава комуникација помеѓу идните брачни двојки, што е клучно за стабилноста на секое семејство.

Канцеларијата ќе работи во среда од 16:00 до 20:00 часот и сабота од 10:00 до 16:00 часот. Стручната помош и поддршка од страна на тимот се бесплатни. Потребно е претходно да се закаже термин на телeфонскиот број 02/3212 690. Термините се закажуваат во понеделник од 10.00 до 12:00 часот.

-Денеска со големо задоволство ја отвораме Канцеларијата за социјална поддршка на млади брачни парови, прва од ваков вид во нашата држава, посветена на жителите на Општина Кисела Вода. Оваа иницијатива е плод на нашата соработка со Здружението на социјални работници, кое го обезбедува професионалниот тим, додека општината го овозможи просторот во Домот на култура „Билјана Беличанец“. Ова е единствена можност во Македонија каде младите брачни парови можат да добијат бесплатна и стручна поддршка за навремено справување со предизвиците во нивните односи, изјавил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Канцеларијата, додал, е создадена од потребата да се превенираат и спречат нарушените односи и семејни недоразбирања кои, за жал, сè почесто доведуваат до разводи.

-Наша цел е да ги поддржиме паровите во изградба на стабилни семејства, што има директен позитивен ефект врз благосостојбата на младите, но и на целокупната заедница. Стручниот тим во оваа канцеларија ќе им помогне на младите брачни парови да се справат со секојдневните проблеми, да ги решат предизвиците на заемното разбирање и да создадат основа за силен, стабилен и среќен дом, истакнал градоначалникот на Кисела Вода.

Канцеларијата ќе работи два дена во неделата, секоја среда и сабота, по претходно закажани средби, што овозможува да се пристапи кон секое семејство индивидуално и со целосно внимание. Ѓорѓиевски се надева дека ова е почеток на позитивен тренд кој ќе го следат и други општини, бидејќи, како што истакнал, ваквите услуги се неопходни во едно модерно и динамично општество.

-Искрено се заблагодарувам на претседателката на Здружението на социјални работници, Светлана Трбојевиќ и на сите негови членови за посветеноста и желбата да направат вистинска разлика за нашите граѓани. Заедно градиме општина која се грижи за своите жители, која вложува во иднината на младите семејства и која, со оваа канцеларија, им дава нова надеж и поддршка на сите оние кои сакаат да ги зајакнат своите семејни односи, изјавил градоначалникот Ѓорѓиевски.

притисни ентер