Сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од променлив правец. 

Попладне во југозападните делови ќе има услови за локален пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од седум до 15, а максималната ќе достигне од 27 до 32 степена.

Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност, попладне со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне 30 степени.

В петок ќе има зголемена облачност и ќе дува засилен северен ветер, а во јужните делови ќе има услови за крткотраен локален дожд. Потоа следува период на стабилно време со пониски утрински температури. /МИА

На протестот во Москва уапсен е историчарот Валериј Соловеј,критичар на Кремљ (ВИДЕО)

Руската полиција го уапси историчарот и критичар на Кремљ, Валери Соловеј, откако прошета низ центарот на Москва со уште неколкумина демонстранти за да изрази солидарност со граѓаните кои протестираат во Хабаровск.

Видеото објавено на Интернет покажува како неколку полицајци со црни маски на лицето го грабнуваат Соловеј, носејќи го до службеното возило на плоштадот Пушкин, пренесува Ројтерс.

Историчарот Соловеј сега се наоѓа во полициска станица во центарот на Москва.

Обраќање на претседателот Пендаровски на 41. издание на фестивалот „Браќа Манаки"

Претседателот Стево Пендаровски вечерва, во Пациото на НУ Завод и музеј Битола, присуствуваше и се обрати на 41. Издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки".

Продолжувајќи го традиционалното покровителство на оваа значајна манифестација, претседателот Пендаровски истакна дека е добро што и покрај пандемијата на КОВИД-19, „Браќа Манаки" се одржува и годинава во скратена и во изменета форма.

Во продолжение, во целост Ви го пренесуваме текстот од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Дозволете да ве поздравам како покровител на првиот и меѓу стотиците филмски фестивали, еден од само неколкуте во светот, кои се фокусирани на кинематограферите, фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки". Станува збор за еден од најзначајните културни настани во нашата земја, настан во кој е вткаена богата историја, многу ентузијазам и љубов кон филмската уметност. Благодарение на овој фестивал, Битола и нашата држава се препознаени во светот на седмата уметност.

За жал, годинава го нема црвениот тепих и препознатливиот гламур пред Центарот за култура во Битола, ги нема филмските проекции и полната киносала, ги нема драгите гости од светот на филмот. Пандемијата со Ковид-19 ги промени сите планови и предвидената програма за 41. издание на „Браќа Манаки". Сепак, традицијата продолжува, и во скратена и во изменета форма фестивалот и понатаму живее. Годинава го имаме доделувањето на наградата „Златна камера 300" за животно дело или животен опус, чиј лауреат оваа година е полско-американскиот кинематографер Јануш Зигмунд Камински. Исто така ќе биде доделена и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм", а добитник е режисерот и сценарист Столе Попов.

Сакам да им честитам на добитниците и да им посакам уште многу филмски проекти. Во оваа прилика би сакал да го изразам своето уверување дека сите помагачи на фестивалот, централната и локалната власт, бизнис-заедницата, филмските работници, се и ќе продолжат да бидат и понатаму со фестивалот.

Деновите поминати во карантин, во изолација, во нашите домови за време на полициските часови нè потсетија колку значајно место во нашите животи имаат подвижните слики. Тие беа една од основните преокупации и можност за квалитетно поминување на нашето време. Дали пред телевизиските екрани или пред компјутерите, филмовите даваа ведрина и смисла на нашето потполно изменето секојдневие. Токму деновите на пандемијата ни покажаа колку е важна уметноста и, особено, која е моќта и улогата на филмот. Се разбира дека искуството на гледање филм на големото филмско платно е незаменливо и верувам дека со нормализирањето на состојбата, повторно, со зголемен ентузијазам и со љубопитност ќе се вратиме во кино салите.

Ви посакувам добро здравје и бериќетна работа и да се видиме догодина во нормални околности на 42. издание на „Браќа Манаки", рече претседателот Пендаровски во обраќањето.

Во Данска најголем пораст на бројот на заболени од почетокот на пандемијата

Данска денеска забележа најголем пораст на бројот на пациенти во последните 24 часа од почетокот на пандемијата на коронавирус - 589 , објави Данскиот здравствен институт SSI.

Високите бројки се објаснуваат со зголемениот капацитет за тестирање, иако данските власти изразија загриженост за големиот број локални жаришта на болеста во последните неколку недели, вклучувајќи го и Копенхаген.

Рекордниот број е регистриран во време кога се воведуваат новите ограничувања.

Рестораните и кафулињата мора да се затворат во 20 часот, задолжително е да се носат маски во кафулињата, а најголемиот број луѓе на јавни собири повторно ќе се намали на 50.

Данска потврди околу 22 000 случаи на коронавирус од почетокот на пандемијата и 635 смртни случаи.

притисни ентер