Сончево и ветровито време

Сончево време со мала до умерена локална облачност ќе преовладува денеска во земјава. 

Синоптичарите најавуваат слаб до умерен ветер од променлив правец. /МИА

Утринската температура ќе се движи од 8 до 16, а дневната од 27 до 34 степени.

Во Скопје слично време со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Утринската температура ќе се спушти до 14, а дневната ќе достигне до 21 степен.

За четврток попладне и во петок се најавува променливо облачно време со локален пороен дожд и грмежи, особено во јужните делови од државата. Во петок ќе дува засилен северен ветер.

Од сабота и во наредните денови ќе преовладува стабилно време, а температурите ќе бидат во опаѓање.

Завршена амандманската расправа за ребалансот на Буџетот

Амандманската расправа за ребалансот на Буџетот заврши доцна синоќа, соопшти денеска заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, порачувајќи дека ликвидноста на Буџетот е добра и ќе бидат исплатени сите обврски кон буџетските корисници.

Одговарајќи на новинарски прашања по денешното положување на цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк, Ковачевски истакна дека мерките кои се имплементирани во ребалансот на Буџетот се во насока на одржување на стандардот на граѓаните и на стопанството.

– Вчера до доцна во ноќта, Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија ја завршија амандманската расправа во однос на ребалансот на буџетот. Мерките што Владата ги предложи, а кои се имплементирани во вториот ребаланс на Буџетот на 2020 година, се во насока на одржување на стандардот на населението во светло на економската криза што ја имаме во Европа и во целиот свет, а вклучително и во нашата држава, изјави Ковачевски.

Во однос на проекциите на Светска банка за македонската економија, Ковачевски рече дека со нив само се потврдени предвидувањата на Владата и на другите меѓународни финансиски организации за негативните стапки на раст предизвикани од кризата.

– Во светло на тие проекции се креирани мерките и граѓаните и компаниите не треба да се грижат, порача Ковачевски.

Смета дека мерките што ги носи Владата како поддршка за граѓаните и за стопанството не се задоцнети, но, како што рече, остануваат отворени за разговори со сите засегнати страни. Најави дека и во иднина сите мерки ќе се креираат низ дијалог.

– Во Владата секојдневно сме на располагање и во текот на трите месеци кои се пред нас до крајот на годината, но и во 2021 година која исто така ќе биде година што ќе почне погодена со вирусот. Постојано ќе работиме со нив и ќе ги адаптираме мерките онака како што најдобро можат да и помогнат на секоја индустрија поединечно, рече Ковачевски. /МИА

Неексплодирана бомба од Втора Светска војна пронајдена во кичевско

Завчера во 18 часот било пријавено дека во село Длапкин Дол, кичевско, при изведување земјоделски работи, била пронајдена една неексплодирана бомба од Втората Светска Војна.

Како што соопшти МВР, извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Кичево, а од страна на ДЗС истата била безбедно подигната за понатамошна постапка.

Празнична изложба на книги во Градската библиотека во Битола

Во фоајето на Градската библиотека во Битола изложени се повеќе книги од македонски автори.

Националната установа универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски"-Битола промовира празнична изложба на книги од македонски автори чија инспирација е внатрешната македонска револуционерна организација и македонската национална борба за слобода и независност.

Во фоајето на Градската библиотека во Битола изложени се повеќе книги од македонски автори меѓу кои и книгата „Писмата на Гоце Делчев" кои ги собрал и редактирал Љубен Лапе публикувана во 1951 година, книгата „ВМРО 1893-1903" од авторот Ванчо Ѓоргиев, потоа книгите „Илинденски факел 1903-2003", „Крушевски Манифест", „Смилево славно во оган гори" од Филип Каваев, а посетителите може да се потсетат и изнајмат по затворањето на изложбата, и книгата „Гоце Делчев во спомените на современиците" од Христо Андонов Пољански.

Според востановената традиција НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски" во Битола приредува тематска празнична изложба на книги, а годинава за 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба во фоајето на библиотеката селектира и изложени се и авторски дела, книги од Иван Катарџиев, Алексо Мартуков, Александар Христов и други македонски автори./МИА

притисни ентер