Собранието ќе расправа за резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за „црвените линии" со Бугарија

 Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата и националните црвени линии е на дневниот ред на 47. седница на Собранието, која треба да се одржи денеска.

На дневниот ред од денешната седница се повеќе предлог закони, како и барања за давање на автентично толкување на членови од повеќе закони.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа од скопски Карпош побара резолуцијата да биде прифатена од сите политички партии „без условувања и барање на изговори".

Мицкоски вели дека прифаќањето на резолуцијата од сите политички партии ќе значи единство кое ни е потребно за почеток на преговорите со Европската Унија, но, пред се ќе се зацврстат државните позиции на Македонија.

– Колку што имам информација резолуцијата ќе биде ставена на дневен ред во текот на утрешниот ден. Очекувам поддршка од сите политички партии во Парламентот, без условувања и без демагогии, без изговори, очекувам да се надминеме себе си и да покажеме единство кое што мислам дека во периодот кој следи ќе ни биде многу значајно во процесот на отпочнување на преговори со ЕУ и тоа само ќе ги зајакне на позициите на Македонија како држава, потенцираше синоќа Мицкоски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, вчера изјави дека ДУИ ќе ја поддржи резолуцијата за црвените линии во преговорите со Бугарија, доколку се користи уставното име на државата. Според него, резолуција во која нема уставно име, нема правна форма.

– Во однос на резолуцијата од првиот ден како министер за надворешни работи се водам од премисата – прво да не се направи штета. И оттука и мојата анализа и мојот став како министер за надворешни работи во однос на прашањето се водеше по тој принцип – кои се бенефитите и која може да биде штетата од тој пороцес. Затоа прво на што повикав е која било резолуција која треба да ги одрази интересите на државата да биде донесена со консензус. Затоа што макотрпно овие месеци изградивме конснезус што ги поминува етничките, идеолошките линии по однос на ова прашање. И тој консензус којшто не често се случува во оваа држава, ни помогна да добиеме речиси ист таков консензус во самата ЕУ, оцени Османи.

Тој апелираше на внимателност таа политика да не добие етничка и партиска димензија, бидејќи, како што рече, може само да ја ослабе нашата позиција.

Премиерот Зоран Заев, пак, ден претходно, изјави дека нема да гласаат за резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ за разговорите со Бугарија, доколку остане со името како што е сега поднесена. Притоа, информираше дека разговарале со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да се изнајде решение, при што било заклучено дека процесот треба да продолжи, но, притоа мора на дневен ред да продолжи дискусијата согласно Уставот и Законот.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи за „Жешко политичко лето" на Канал 5 телевизија синоќа изјави дека Резолуцијата која е креирана од МАНУ, УКИМ и МПЦ зборува за македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската историја и нема што да се коригира во неа.

На 15-ти овој месец претседателот на Собранието Талат Џафери од собраниска говорница соопшти дека предложната Резолуција од ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата и националните црвени линии е примена во Парламентот и дека најверојатно материјалите за неа ќе бидат испратени до пратениците и таа би можела да се најде на дневен ред на наредната седница.

Пратениците денеска треба во второ читање да ги разгледаат и предлог законските решенија од повеќе закони, помеѓу кои и Предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста, Предлог на закон за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори и Предлог на закон за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема.

По скратена постапка на дневниот ред се и Предлог на закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во услови на КОВИД-19, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, Предлог на закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за концесиии и јавно приватно партнерство, Предлог на закон за изменување на Законот за домување, Предлог на закон за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Ковид-19 врз производството и откуп на тутун, Предлог на закон за изменување на Законот за животната средина, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за рамномерен регионален развој и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Собранието на Република Македонија,

На дневниот ред е и Предлог за именување член на Регулаторната комисија за домување како и првото читање на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и Предлог на закон за продажба на станови во државна сопственост доделени на користење на вработени во Министерството за внатрешни работи и безбедносно разузнавачки служби.

Од денешната седница е повлечен материјалот за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

На денешниот дневен ред, пратениците ќе расправаат и за неколку барања за автентично толкување, помеѓу кои се: Барање за давање на автентично толкување на член 3 точка 8, член 19 и член 20 од Законот за приватните агенции за вработување, а во врска со членот 112 став (5) од Законот за работните односи, Барање за давање на автентично толкување на членот 44 став 1 од Законот за вработените во јавниот сектор и Барање за давање на автентично толкување на член 19 став 1 точка 4 во врска со Член 18 став 1 и член 83 став 1 од Закон за пензиско и инвалидско осигурување.

Втор ден генерален штрајк на приватните специјализанти

Приватните специјализанти утрово продолжија со генералниот штрајк, што почна од вчера изутрина. 

Преку соопштение, тие синоќа информираа дека штрајкот ќе продолжи и денеска, сѐ додека Министерството за здравство по денешната седница на Влада, не излезе со официјален став за нивните барања. Врз основа на одговорот од Министерството за здравство, приватните специјализанти ќе одлучат за понатамошните чекори.

Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на работниот статус.

Нивни претставници вчера попладне имаа средба во Владата со министерот за здравство Илир Демири, заменик министерката за здравство Маја Манолева и проф. Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања, на која им било кажано дека денеска по владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот.

- Најглавното што беше кажано на средбата е дека утре на владина седница ќе има информација во однос на покачувањето, по што ќе добиеме некаква писмена форма за одговорот на Владата во однос на покачувањата на платите. Нивен главен аргумент е дека ова е предизборен период и не можеле да постапат, во смисла, да дадат покачување. Истиот одговор го добивме и за другите наши барања, дека е предизборен период, изјави вчера по средбата во Владата, д-р Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти.

Таа нагласи дека го негираат тврдењето оти штрајкот има политички контекст.

Министерот за здравство во текот на вчерашниот ден на прес-конференција побара трпение од приватните специјализанти. Најави дека по изборите ќе направи напори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.

- Ова е многу битно. Направивме компарација во претходниот заеднички разговор со нив, каква беше нивната позиција, на ваквите специјализанти, пред 2017 година и каква е сега. Има голема разлика оти до 2017 година, тие не примаа никакви примања. Не велам дека сегашните нивни примања се доволни. Јас сакам да бидат како и на специјализантите вработени во јавни здравствени институции. Но, за тоа треба буџетирање што не може сега да се оствари пред изборите, рече Демири, на прес-конференцијата на која беше објавено дека ќе се воведат деветвалентни ХПВ вакцини.

Во Хрватска предизборен молк пред парламентарните избори

Предизборен молк  стапи на сила во Хрватска на полноќ во пресрет на парламентарните избори в среда, на 17 април, а ќе трае до затворање на гласачките места во 19 часот

Во Хрватска ќе бидат отворени повеќе од 6.500 избирачки места за 11-те парламентарни избори, а првиот ден од гласањето е денеска 16 април во дипломатско-конзуларните претставништва во странство, како посебна изборна единица.

На вкупно 165 листи има 2.302 кандидати кои се борат за 151 мандат во хрватскиот Сабор Среда, 17 април ќе биде неработен ден во Хрватска.

Пратениците во 151-члениот парламент се избираат со мандат од четири години.

Од 10 изборни единици се избираат 14 пратеници. Одделно, осум пратеници влегуваат во парламентот како претставници на малцинствата во Хрватска, а три пратенички места се резервирани за дијаспората.

Прекршувањето на забраната за изборна кампања не се санкционира, но Државната изборна комисија повикува на етичко однесување на учесниците на изборите и медиумите.

Со изборниот молк завршува 17-дневната официјална кампања пред парламентарното гласање, кое претседателот Зоран Милановиќ го закажа за 17 април, среда. Во Хрватска парламентарните избори секогаш се одржуваа во недела, со исклучок на 2000 година кога се одржаа на 3 јануари, понеделник.

Во странство денеска и утре ќе се гласа во вкупно 41 држава.

Роналдо се соочува со суспензија на два натпреварa

 Фудбалерот на Ал-Наср, Кристијано Роналдо ќе биде суспендиран на два натпревара, пишува „Asharq Al-Awsat“.

Според тамошниот медиум, откако 39-годишниот Португалец беше исклучен во полуфиналето на Суперкупот на Саудиска Арабија со Ал-Хилал (1:2), дисциплинската комисија на фудбалската федерација ќе одлучи да го дисквалификува Роналдо две средби.

По испрашувањето на напаѓачот за инцидентот, играчот изјави дека е незаслужено исклучен.

Роналдо на мечот против Ал-Хилал го турна противникот без топка по страничната линија, откако претходно му ја исфрли топката од раце. Откако напаѓачот доби црвен картон, замавна со тупаница кон судијата.

Оваа сезона Роналдо одигра 37 натпревари, постигнувајќи 36 гола и 12 асистенции.

притисни ентер