Собранието го донесе ребалансот на Буџетот

Собранието попладнево со 67 гласови „за“, седум против и без ниту еден воздржан, го усвои ребалансот на Буџетот за 2024 година.

Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на 318,2 милијарди денари што е 2,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, вкупните расходи се планирани на 362,8 милијарди денари или за 5,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, капиталните расходи се планирани во висина од околу 44,7 милијарди денари, а дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4 проценти на 4,9 проценти од БДП.

Како што рече министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во експозето пред пратениците, ребалансот е обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите што имаат соодветна динамика.

-Треба да се обезбеди ликвидност, исплата на зголемени пензии, права на вработените и доспените обврски кон стопанството, истакна Димитриеска Кочоска.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го повторија партискиот став, дека со ребалансот се обезбедуваат средства за плати, пензии, студентски оброк и стипанедии, земјоделски субвенции, средства за општините, за сервисирање на долговите, за спортистите,...

-Ребалансот е обид да ги прераспределиме слабо или нереализираните средства, да го дочекаме крајот на годината во што понормална состојба, подвлекоа пратениците, обвинувајќи ја претходната власт за, како што истакнаа, расипничко трошење на народните пари.

Прв за збор во општата расправа на пленарната седница се јави Димитар Ковачевски кој кажа дека СДСМ и коалицијата нема да го поддржат ребалансот. Пратениците од Европски фронт, пак, ја напуштија седницата зашто беше симнат од дневен ред Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање.

Седницата на која, покрај ребалансот на Буџетот, има повеќе точки треба да продолжи утре во 12 часот.

Ангелов: Попладневните дождови помогнаа во гаснењето на пожарот во прилепско Мариово

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов информираше дека денеска на територијата на државата регистрирани се 13 пожари на отворено, од кои 9 од нив се активни. 

Ангелов посочи дека попладневните дождови помогнаа во гаснењето на пожарот во прилепско Мариово, кој претходно денеска тој го посочи како најкомплициран.

– Рано утрово таму се упатени 100 припадници на армијата, 25 припадници на полициските специјалци „Тигри“, 30 вработени во „Национални шуми“, како и два тима од Дирекцијата за заштита и спасување со повеќе од 25 лица. На терен се и прилепските пожарникари, а помош има и од пожарните од околните градови, рече Ангелов.

Истакна дека во моментов функционален е само еден „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, додека другите два авиони на ДЗС, како и двата полициски хеликоптери се неисправни.

– Околу 10 часот во гаснењето на пожарот помогна и еден „Ер трактор“ на ДЗС. За жал, другите два се неисправни и не можат да летаат. Истото се случува и со двата полициски хеликоптера кои се неисправни, но оптимисти сме дека во текот на утрешниот ден големиот полициски хеликоптер ќе биде функционален и ќе можеме да го користиме во текот на утрешниот ден, рече Ангелов.

Поголеми пожари има и во Дервен, селото Смолане, Општина Долнени и во скопско Катланово. Пожарот кај Катланово е активен од вчера бидејќи тежок е теренот за гасење, но Ангелов вели дека нема закана и опасност да бидат загрозени куќи.

МД „Илинден“-Тирана: 8 Септември го трасираше патот за посветла иднина на нашата матична држава

По повод 8 Септември-Денот на независноста,  македонското друштво „Илинден“-Тирана упати честитка, посакувајќи „да е вечен овој голем ден, да го почитуваме и славиме“.

-Во мое лично име и во името на македонското друштво „Илинден“ – Тирана срдечни честитки по повод 8 Септември – Денот на независноста на татковината Македонија. Пред точно 33 година македонските граѓани покажаа исклучителна демократска зрелост и донесоа одлука со која сите се гордееме и која го трасираше патот за посветла иднина на нашата матична држава, стои во честитката.

Овој историски ден, се додава во честитката, е симбол на одлучноста и непоколебливоста на македонскиот народ да го оствари својот вековен стремеж и да изгради независна и суверена држава.

-Нека ни е честит и вековит денешниот празник, нека е вечна нашата татковина, Република Македонија, се наведува во честитката потпишана од Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Трипуновски: Повторно ќе го враќаме лозарството и винарството што ќе значи задоволни земјоделци

Повторно ќе го враќаме лозарството и винарството да биде гранка што ќе значи задоволни земјоделци, изјави попладнево министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски во Кавадарци. 

- Денеска сме на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“, сакам да посакам успешна манифестација, успешна берба, квалитетно грозје и квалитетно вино што Република Македонија со гордост ќе се претставува надвор од Република Македонија. Досега, согласно бербата, откупени се некаде околу 53 милиони килограми винско грозје што е сериозен пад од она што некогаш Република Македонија го произведувала, тоа е накратко заради оние лоши политики во изминатиот период и да Македонија денеска падне на ваква минимална количина. Знаете дека во минатото сме имале над 150 милиони килограми од што се произведувало околу 110 милиони литри вино, подвлече тој.

Оваа година гледаме, додаде, како и минатата, има катастрофална ситуација.

- Она што ние како Влада, како Министерство, сме се обврзале во нашата предизборна програма и програма на Влада, дека во наредниот период, наредните години, повторно ќе го враќаме лозарството и винарството да биде гранка што ќе значи задоволни земјоделци, сериозен девизен прелив на Република Македонија и нормално, гранка што ќе биде за респект и производство на квалитетно вино што и понатаму ќе ја претставува Република Македонија надвор од границите, посочи Трипуновски.

притисни ентер