Со одлука на Националниот парк Шар Планина се забранува користењето ратраци за скијачки тури

Директорот на Националниот парк „Шар Планина“, Ибрахим Дехари донел одлука со која се забранува организирање на туристички активности - скијачки тури со ратрак на територија на националниот парк.

Според образложението во одлуката, мерката се воспоставува заради спречување на оштетувањето и уништувањето на биолошката и пределска разновидност, деградација на почвата и губење на нејзината плодност и оштетување врз живеалиштата квалификувани во Планот за управувањето со Националниот парк Шар Планина.

- Ратраците се идентификувани како едни од потенцијалните најголеми закани за заштитеното подрачје со оштетувањата кои ги прават машините во услови на недоволна снежна покривка. Во неколкуте контроли извршени на теренот на кој се организираат ваквите активности евидентирана е потребата за регулирање на оваа дејност. Мерката се воспоставува со цел да се обезбедат поволни услови за заштита и унапредување на природата се до моментот на спогодба за регулирање на меѓусебни права и обврски помеѓу вршители на дејноста и ЈУНП, се наведува во одлуката потпишана од директорот Дехари.

Одлуката се однесува на неопределен временски период, со исклучок од 20 до 25 март за терени на северната страна на кои имаа доволна снежна покривка за завршување на скијачката сезона.

„Кралот на криптовалутите“ ќе биде екстрадиран во САД, одлучи судот во Подгорица

Јужнокорејскиот државјанин До Квон ќе биде екстрадиран во Соединетите Американски Држави, кои го товарат за злосторничко здружување и други кривични дела, одлучи денеска Вишиот суд во Подгорица.

Одлуката не е правно обврзувачка и адвокатите на До Квон имаат право на жалба, пренесува Вијести.

Апелацискиот суд претходно објави дека конечната одлука за екстрадиција на „кралот на криптовалутите“ До Квон е надлежен суд, а не министерот за правда и дека Високиот суд не утврдил кој прв побарал негова екстрадиција, нa чија земја тој е државјанин, на Јужна Кореја или САД.

Апелациониот суд, пак, ја поништил првостепената одлука на Вишиот суд, со која се утврди дека се исполнети законските предуслови за екстрадиција на До Квон за кривично гонење за повеќе кривични дела по барање на двете земји.

До Квон и неговиот деловен партнер беа уапсени на 23 март минатата година на аеродромот во Подгорица кога користеле фалсификувани пасоши од Костарика при пасошка контрола на лет за Дубаи.

„Вива“ заедно со најголемите светски брендови на Gulfood 2024

На глобалниот саем за храна и пијалаци Gulfood 2024, што се одржува во Дубаи од 19 до 23 февруари, учествува и најголемиот македонски производител на природни овошни сокови,нектари, пијалаци, смути и преработувач на овошје – Вива.

На глобалниот саем за храна и пијалаци Gulfood 2024, што се одржува во Дубаи од 19 до 23 февруари, најголемиот македонски производител на природни овошни сокови,нектари, пијалаци, смути и преработувач на овошје – Вива, ја потврдува својата тридецениска успешна приказна во оваа индустрија на светската сцена.

Оваа година, Вива се издвојува како сребрен спонзор на настанот, што е огромен успех затоа што за првпат една македонска компанија се стекнува со вакво признание на Gulfood, кој се смета за најпрестижниот и највлијателен саем во секторот на храна и пијалаци на Блискиот исток, но и глобално.

Како единствена македонска компанија која учествува на годинешниот Gulfood, Вива прикажува спој на квалитет и иновативност во прехранбената и преработувачката индустрија, рамо до рамо со светските брендови во оваа деловна сфера.

ВМРО-ДПМНЕ: За проф-др Гордана Силјановска-Давкова ќе се одлучува на Конвенција

Во врска со Јавниот повик за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија ја информираме јавноста дека крајниот рок за поднесување на пријава истекува денес.

На истиот се пријави проф-др Гордана Силјановска-Давкова која поднесе план, програма за работа и потребен број на потписи на делегати.

Гордана Силјановска-Давкова била професорка по Уставно право и Политички систем на Правниот Факултет Јустинијан Први. Таа е експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.

Таа е актуелен пратеник во Собранието на РМ.

За нејзината кандидатура ќе се одлучува од страна на делегатите на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на РМ која ќе се одржи на 02 март 2024 година.

притисни ентер