Смилевски: Во новиот мандат, градиме нова детска градинка и училиште

На денешната трибина на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина" актуелниот и кандидат за градоначалник на Општина Бутел, Велимир Смилевски,  истакна дека се она што било предвидено, е реализирано или започнато да се реализира.

„Ќе ги видиме изградени и полициската станица и противпожарниот пункт, и градинката, и училиштето. Но, ви најавувам и нова градника во Расадник, ново училиште во село Љуботен, нови детски игралишта. Жителите на Скопје Север, Радишани и Живко Брајковски ќе добијат монтажни катни гаражи. Бутелчани ќе добијат плоштад, зелен парк и спортски центар. Младите ќе добијат културен центар во Радишани и мултифункцонален центар за забава. „Радишанска" и „Бутелска" ќе бидат целосно реконструирани, а бизнис заедницата ќе биде партнер на општината во креирањето на развојните политики. Процент од општинскиот буџет како и досега ќе биде одвоен за локалниот младински совет. И младите ќе бидат наши партнери'', се само дел од планираните проекти кои Смилевски ги посочи на средбата.

Смилевски истакна и дека затекнал општина во која 12 години не се мислело ниту на здравјето на граѓаните, ниту на развојот на општината, ниту на иднината на младите. Но, по неговото доаѓање на функцијата градоначалник со помош на централната власт веднаш започнале со работа на терен.

„Заедно со мојот тим ги поставивме приоритетите, а со поддршка на Владата и Градот Скопје започнавме и со нивна реализација. Во нивните планови беа предвидени повеќе висококатници, а помалку градинки, училишта, игралишта и зелени површини. Ама затоа, ние ги предвидовме и започнавме со нивната реализација. Допревме до сите улички во општината, отидовме и онаму каде што 50 години не е поставен асфалт. Започнавме со планска изградба на фекална,канализација и водоводна мрежа и се обврзувам дека во новиот мандат ова ќе биде висок приоритет за мене, затоа што зборуваме за потреба, а не за луксуз", рече Смилевски.

Смилевски од граѓаните побара поддршка на изборите во недела за да продолжи развојот на општината, се наведува во партиското соопштение.

Успешно завршен проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“

Имаме реализација на највисоко ниво на се што беше потребно за да се добие соодветна законска рамка за работењето на задругите, вели Хоџа.

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, присуствуваше на завршен настан по повод затворање на проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“. Завршниот настан се реализираше во присуство на претставници од релевантни национални и меѓународни организации, институции, ѓраѓански организации, задруги, земјоделци и групи на земјоделци.

Проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“ е од исклучителна важност за развој на задругарството во Република Македонија. Финансиски е поддржан од Европската Унија, имплементиран од страна на CARE International и Македонската развојна фондација за претпријатија. Краен корисник е МЗШВ и сите земјоделци.

На настанот поздравни обраќања имаа министерот Арјанит Хоџа, г -дин Константинос Супилас – Програмски менаџер Делегација на ЕУ, г -ѓа Сумка Бучан – Регионална директорка на CARE, г -дин Лазар Неданоски – Извршен директор на МРФП и г-ѓа Сузана Димитриевска – Претседателка на Македонската асоцијација на земјоделски задруги.

„Во изминатиот период Министерството направи сериозен исчекор во развојот и поддршката на задругарството. Земјоделците ја препознаа поддршката од државата и реалниот бенефит кој го имаат од членството во задруги. Тие имаат можност да купуваат државно земјоделско земјиште, поволности при бодувањето за финансиска поддршка и можности за субвенционирана набавка на опрема и механизација која ќе им го олесни производството и ќе придонесе за поголеми резулати во нивното работење. Исто така, достапни се европските фондови, наскоро ќе стартува и ИПАРД 3 програмата, со што се отвораат нови можности и нови средства на располагање“ изјави Хоџа. Тој се заблагодари на поддршката која континуирано ја добиваме од Делегацијата на Европската Унија, како и на сите учесници во проектот.

Г -дин Константинос Супилас – Програмски менаџер Делегација на ЕУ, изјави дека е многу задоволен што денеска одбележуваме завршување на уште еден проект, реализиран со поддршка од Европската Унија. Тој се заблагодари на сите учесници кои беа директно вклучени во процесот и кои заеднички ги постигнаа проектираните цели на проектот.

Претставниците на CARE International и Македонската развојна фондација за претпријатија, ги претставија конечните достигнувања на проектот. Меѓу друго резултатите вклучуваат: подобрување на правната рамка која го регулира формирањето и функционирањето на земјоделските задруги; зајакнување на улогата на чадор –организацијата на земјоделските задруги; подобрување на улогата на МЗШВ за следење на перформансите на земјоделските задруги преку креирање на посебен софтвер; подготовка на Стратегија за МЗШВ за развој на земјоделските задруги (2022-2028) и последно, но не и најмалку важно, презентирање на инвестициите од проектот во рамките на грантовата шема за 18 земјоделски задруги низ целата земја.

Вкупниот износ на проектот е 1,98 милиони евра и има за цел да се зголеми конкурентноста на пазарот и соработката меѓу земјоделците во земјата, преку создавање поволни услови за развој на постојните и создавање нови земјоделски задруги.

Предупредувачки штрајк на образовните работници во Србија

Членовите на Синдикатот за образование на Србија денеска одржуваат предупредувачки штрајк и нема да ги одржат првите часови во прва и втора смена низ училиштата.

Штрајкувачите бараат од српската влада да почне да го применува законот за плати на вработените во јавниот сектор (платни групи и оценки) од 1 јануари идната година, а доколку не почне примената на тој закон за сите вработени во образованието, да биде зголемена платата за 15 отсто. Образовниот синдикат на Србија бара и изедначување на цената на трудот за сите дејности во образованието, формирање паралелки со помал број ученици во основните и средните училишта, како и стручни соработници и ненаставен кадар финансиран сразмерно на број на часови.

„Вработените во образованието речиси две години работат во тешки пандемични услови и го одржуваат образовниот процес во вонредни околности. Не е познат бројот на болни вработени и ученици, а владата и министерството за образование, наука и технолошки развој се глуви на апелите на синдикатот дека просветните работници се материјално и професионално понижени”, се наведува во соопштението.

Реакција на Владата по повод оставката на Ванчо Ѓорѓиев

„Владата и било која нејзина институција, ниту сега, ниту било кога, не влијаеле на работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања.“

Владата во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала било какво политичко влијание во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија. Напротив, секогаш ја поддржувала нивната работа, како научници кои сами, заеднички двете страни, ги утврдија своите принципи на работа.

Категорично отфрламе било каква инсинуација дека имало било какво влијание на одлуката на професорот Ванчо Ѓорѓиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или било која нејзина институција.

Поаѓајќи од начелото на целосна независност и слобода во работата на Комисијата, секој член на нашиот дел од Комисијата има право да донесе одлука во врска со понатамошното учество.

Во случајот за професорот Ванчо Ѓорѓиев ја информираме јавноста дека само пред една недела професорот Ѓорѓиев го потпиша со слободна волја договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата.

Сметаме дека со тонот, инсинуациите и тајмингот избран да се пласираат невистини, професорот Ванчо Ѓорѓиев, си дозволи да го искомпромитира сопствениот научен интегритет и да пласира политички пораки кои немаат никаква врска со реалноста и работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија.

Со ова соопштение укажуваме на овие непобитни факти, ја почитуваме неговата одлука и се заблагодаруваме за неговиот досегашен ангажман.

притисни ентер