Сметките за струја за домаќинствата од јануари ќе бидат повисоки до 10%

Сметките за струја за домаќинствата од јануари и официјално ќе бидат повисоки, потврди министерот за економија Крешник Бектеши.

Владата на затворена седница, одлучила поскапувањето да не биде повеќе од 10%, но призна дека Електрани барале многу повеќе. По која цена ЕСМ ќе ја продава струјата на ЕВН Хоум официјално ќе се знае утре, кога и истекува тендерот на Универзалниот снабдувач.

„Согласно сите проекции, зголемување над 10% нема да има, се отфрлаат сите анализи, сите видувања и од експерти во областа на енергетиката и од политички партии, дека зголемувањето ќе биде 30, 40 па и 50%. Да вистина дека енергетските компании побараа поголемо покачување може и 100%. / Но, ние како одговорна влада, како економски тим, најдовме начин да им излеземе во пресрет на граѓаните и цената нема да се зголемува над 10%.“ изјави Крешник Бектеши, министер за економија

Бектеши тврди дека со зголемено домашно производство државата ќе се справи со енергетската криза и граѓаните нема да почуствуваат големи ценовни шокови. Сепак, во јавноста излегоа информации и дека е можно укинување на дневната евтина тарифа за домаќинствата, а од надлежните изминативе денови веќе стигнаа најави дека се подготвуваат субвенции за ранливите категории граѓани.

Инаку лани во јуни струјата за домаќинствата поскапи за 12,3%, но граѓаните тоа не го почуствуваа бидејќи државата го намали ДДВ-то на струјата од 18 на 5%. Сепак, во јуни 2022та предвидено е тоа да се качи на 10, а наредната повторно да изнесува 18%.

МОН: Наставата од деновите на гласање ќе се надомести во работни денови

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање, 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ во Скопје, наместо во саботи, ќе се надомести во работни денови.

Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците.

Потсетуваме дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни и потребно е да го зачуваме најдобриот интерес на учениците, а тоа подразбира тие во целост и квалитетно да ја совладаат предвидената наставна материја.

Министерство за образование и наука

Четворица млади Германци се уапсени, додека полагале бели рози во куќата на Хитлер

Четворица Германци биле фатени како положуваат бели рози во куќата во која е роден нацистичкиот лидер Адолф Хитлер во западна Австрија на неговиот роденденот, а една жена меѓу нив го извела нацистичкиот поздрав додека се фотографирала.

Полицијата во провинцијата Горна Австрија соопштила дека четворица Германци, две сестри и нивните партнери, на возраст од 20-ти и раните 30-ти, отишле во зградата во саботата за да положат бели рози во прозорците, објави Политико.

Тие се фотографирале пред куќата, а една од жените го извела нацистичкиот поздрав. Патролните службеници ја забележале групата и ги однеле во полициска станица на распит.

Жената рекла дека не била сериозна во врска со поздравот, но полицајците изјавиле дека нашле разговор со други на нејзиниот мобилен телефон, во кој споделувале пораки и слики со нацистички теми.

Полицијата соопшти дека ќе ги пријави сите четворица пред обвинителството поради сомневање дека го прекршиле австрискиот закон за забрана на нацистички симболи.

Хитлер е роден на 20 април 1889 година во Браунау ам Ин.

По долги расправии за иднината на куќата во која е роден, минатата година почна да се работи за нејзино претворање во полициска станица, што требало да ги одврати оние кои го величаат Хитлер и имаат намера да ја посетат.

Венеција почнува да наплаќа влезници за еднодневните посети

Од четврток, Вeнеција ќе почне да им наплаќа влез во градот на еднодневните патници, што е прв ваков случај во светот. 

Градското собрание на Венеција, минатата година соопшти дека ќе почне примена на целосно нова такса од пет евра за туристите кои доаѓаат на посета само за еден ден. Давачката, чија имплементација се одложува неколкупати, ги таргетира само туристите кои влегуваат во стариот дел од 8:30 до 16:00 часот по локално време, соопштија градските власти, појаснувајќи дека целта е да се подобри квалитетот на животот во градот. Потенцијалните казни за непочитување се од 50 до 300 евра. За деца до 14-годишна возраст нема да се плаќа таква такса.

притисни ентер