Синдикалците ќе ги обжалат измените на Законот за работни односи пред Уставен суд

Синдикатите не се сложуваат со законското решение за работни односи кое вчера го потпиша претседателот Пендаровски, па веднаш по објавата во Службен весник ќе го обжалат до Уставниот суд.

Според Иван Пешевски од синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање при ССМ новата формулација на законот е уште полоша и дозволува повеќечасовна експлоатација на работниците кои ќе ги градат коридорите 8 и 10д. Вели наместо 60, со измената на законот можат да работат и до 72 часа неделно, па доколку институционално не се најде решение, најавија и можни протести.

-Една многу срамна одлука, пред се на пратениците, а понатаму и на Претседателот на државата имајќи во предвид дека со ова новото законско решение ќе биде полошо од 60 часовна работна недела, со минимумот со кој што мора да одмара еден работник, ќе видиме дека неделен одмор е 24 часа и другите 6 дена по 12 часа се 72 часа. Остануваат во простата математика 72 часа работа, а тоа ќе биде работа што ќе градат, дали домашни или странски работници на овие коридори, за нас како синдикат повторно е неприфатливо едно вакво законско решение.

Тоа не се луѓе кои што ќе работат во канцеларија, туку ќе бидат изложени на надворешни услови каде постои и висок ризик, предупредува Пешевски, бидејќи праксата покажала дека најголемите број на жртви и повреди се токму во трудоинтензивните дејности. Според нив, поиделано е решението да има две смени, каде работниците ќе работат по 8 часа...

-Доколку не сакаме да ги угинеме и оние малку работници што ги имаме, сметам дека не треба да дозволиме да се донесе едно вакво законско решение, дека треба да ги преземеме и ние како синдикати сите правни механизми, дали ќе го оспоруваме пред уставен или преку протести и штрајкови, да не запреме тука, бидејќи не е поповолно за работниците. Не е поповолно да ги терате работниците да потпшуваат да работат прекувремено, бидејќи сите повреди и жртви се во прекуврементите часови.

Претседателот Пендаровски вчера ги потпиша указите за законотЕ, мегу кој и законот за работни односи, со образложение дека тој не предвидува 60 часовна недела..Во новата потпишана верзија стои дека прекувремената работа може да трае повеќе од 8 часа неделно и 190 часа годишно по претходна дадена писмена согласност од страна на работникот. Работата над 40 часа неделно се смета за прекувремена и истата дополнително ќе се плаќа...

АХВ: Трипуновски повторно лажно шири паника, млекото со афлатоксин се враќа во Србија

Мостри се земаат на граничните премини, односно пратките не се пуштаат во промет до добивање на задоволителен резултат од тестирањата.

Неосновано ширење паника и доведување на граѓаните во заблуда е последната објавена вест на претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ Цветан Трипуновски, дека на рафтовите во продавниците се пласирани над 20 тони трајно млеко од Србија со афлатоксин М1 над максимално дозволените концентрации, реагира Агенцијата за храна и ветеринарство.

АХВ апелира, граѓаните да бидат спокојни зашто „канцерогено” млеко со афлатоксин по потекло од Србија, како што тврди Трипуновски, на полиците во маркетите нема. Денес, со согласност на извозникот, од граница, тоа се враќа во Република Србија согласно законски дефинираните процедури.

-За да нема идни шпекулации и замајувања на јавноста, дека граѓаните во земјава пијат небезбедно млеко со афлатоксин, одговорно тврдиме дека со цел спречување на ризикот по јавното здравје, поради утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1, на сила е Решението за безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко и храна за исхрана на животни од 1 декември минатата година кое го донесе Агенцијата за храна и ветеринарство. Со него се врши задолжително лабораториско тестирање на присуство на афлатоксин М1 на секоја пратка со млеко и производи од млеко која се увезува во земјава, а е по потекло од Република Србија или од Босна и Херцеговина. Мостри се земаат на граничните премини, односно пратките не се пуштаат во промет до добивање на задоволителен резултат од тестирањата. Оттаму, небулозно е денешното тврдење дека небезбедно млеко по потекло од соседна Србија завршило на рафтовите во продавниците. „Веста“ на Трипуновски за афлатоксинот во сурово млеко по потекло од една од поголемите млекарници е стара неколку месеци, иако и со неа денес се обиде да манипулира. Ова млеко, во согласност со операторот, уште во април годинава нештетно е уништено и не стасано во прометот, наведува АХВ во реакцијата.

Брнабиќ: Продолжува теророт на Курти врз Србите на Косово

Теророт на Албин Курти врз Србите на Косово и Метохија, очекувано продолжува, согласно сето она што го кажуваме и она што со месеци го зборува претседателот на Србија, Александар Вучиќ, терор и малтретирање на Србите на Косово и Метохија.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека продолжува „теророт што го спроведува косовскиот премиер Албин Курти врз Србите на Косово и Метохија“, нешто што и таа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, до сега предупредувале, јави дописникот на МИА од Белград.

Брнабиќ на новинарско прашање за настаните на северот на Косово рече дека косовската полиција од утрово врши претреси во српските општини на северот од Косово, дека влегле во КБЦ „Косовска Митровица“.

-Теророт на Албин Курти врз Србите на Косово и Метохија, очекувано продолжува, согласно сето она што го кажуваме и она што со месеци го зборува претседателот на Србија, Александар Вучиќ, терор и малтретирање на Србите на Косово и Метохија, изјави Брнабиќ.

Таа посочи дека единствена цел и желба на Курти е да ги протера сите Срби од Косово.

-Ја следиме ситуацијата, разговараме и со КФОР, со меѓународната заедница, од утрово претседателот Вучиќ има средби на оваа тема, се слушнав и со директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, теророт продолжува, заклучи Брнабиќ.

На новинарско прашање дали има информации за тоа кои се вооружените лица во Бањска и каква е улогата на Милан Радојичиќ во тоа, Брнабиќ одговори дека медиумите кои и го поставиле тоа прашање го пренесуваат секој „збор на (министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ) Свечља како да е вистина“.

-Свечља вели дека некој се лекува во ВМА, а вие трчате да видите дали навистина е на ВМА. Верувам дека сите ги имате сите информации, па прашајте ја Приштина, рече Брнабиќ.

Премиерката на Србија во врска со предвремените избори изјави дека должината на нејзиниот мандат не ја одредува претседателот на Србија, Александар Вучиќ, туку дека Владата излегла во пресрет на опозицијата која побарала распишување парламентарни и избори во градот Белград.

Таа потсети дека уште во јуни понудила оставка и додаде дека верува и се надева дека изборите ќе се одржат во декември.

Од понеделник отпочнуваат градежните на наплатната станица Глумово

Јавното претпријатие за државни патишта денеска информира дека од понеделник ќе отпочнат градежните и инсталатерски работи на наплатната станица Глумово. 

Градежните работи и реконструкцијата, предвидено е да звршат во рок од шест месеци.

При извршувањето на градежните работи, како што е најавено, наплатната станица Глумово ќе биде во делумна функција и сообраќајот ќе се одвива со времен режим одобрен од МВР и од Министерството за транспорт и врски. Од ЈП за државни патишта апелираат на одговорно учество во сообраќајот и на почитување на времениот режим.

Инаку, потсетуваат од Државни патишта, реконструкцијата се инвестира преку заем од ЕБОР во вредност од 948.261,21 EUR. Изведувач на работите е конзорциумот Аселсан Жикол, а надзор е Институтот за патишта, Дооел Велес. Кон крајот на месец октомври ќе отпочне реконструкцијата и на наплатна станица Желино.

притисни ентер