Првпат освен прибирање на податоци директно од населението на терен, ќе се користат и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.
Ова го забрзува целиот процес, што значи дека до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022 треба да бидат објавени податоците – кои ќе бидат од интерес и важност за речиси секоја сфера од живеењето и работењето во државата. Ќе добиеме точна бројка колку не има во државата и каде сме точно распоредени, ќе се добие прецизна слика за половата, старосната, образовната, економската структура на населението, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, во интервју за МИА, вели дека по успешно спроведениот попис овој септември, нашата држава, во наредниот циклус на пописи околу 2030 година, ќе може да спроведе попис целосно базиран на регистри.
За протоколите за здравствена заштита, дали има доволен број на попишувачи, што е комбиниран попис и претпописна база, кога ќе ги имаме првите податоци, што точно значат овие податоци и како ќе се користат, прочитајте во интервјуто во продолжение.
По 20 години во државата започнува најсложената статистичка операција – попис на население и објекти и тоа во услови на пандемија. Што предвидуваат протоколите и како ќе тече попишувањето на терен?
Протоколот што е подготвен за спроведување на Попис во време на пандемија со Ковид-19 е многу строг и прецизен. Нашите попишувачи се запознаени со Протоколот, веќе им се распределени заштитени маски КН95 и средства за дезинфекција и точно знаат како треба да се однесуваат и што треба да направат при влегување во едно домаќинство. А тоа е:
– правилно да ја носат маската, да побараат од домаќинот, доколку не носи маска, да стави маска, да ги дезинфицираат рацете пред да влезат во домот како и лаптопот со кој ќе го вршат попишувањето и доколку попишувањето се врши во затворен простор, да замолат да се отворат прозорците и распоредот на седење да биде со задолжителна дистанца од најмалку 2 метра.
– Секаде каде што дозволуваат условите се препорачува попишувањето да се спроведува на отворен простор и мислам дека временските прилики ќе ни го дозволат тоа.
Имаше конкурс за попишувачи, а Владата донесе и одлука за ставање на располагање на дел од вработените од централно и локално ниво. Колку попишувачи се ангажирани? Како се поделени? Како ќе се движат по реони?
Значи, за секој од 50-те пописни реони е предвиден оптимален број на попишувачи. Но, тоа не значи дека и со помал број не може да се заврши работата. Во моментов, само за неколку пописни реони ќе се ангажираат лица според одлуката на Владата, а во другите реони има доволен број на попишувачи кои ефикасно и успешно ќе ја завршат својата обврска. Впрочем, овој пат Пописот трае 25 дена што е доволен период за целосен опфат на населението на целата територија на државата.
Ова, меѓу другото, е и првиот попис со комбиниран модел. Што тоа значи?
Комбинираниот модел подразбира одење на терен, односно попишување лице в лице и користење на податоци од бази. Вообичаено, овој комбиниран метод е преодна фаза меѓу класичниот попис и пописот базиран на регистри.
Што подразбира тоа: прибирање на податоци директно од населението на терен и користење на податоци од таканаречената Претпописна база на податоци која е компилирана од повеќе бази кои постојат во државата и чијшто квалитет е анализиран и проверен. Со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.
Секако остануваат прашања на кои лицето ќе мора да даде одговор бидејќи за тоа не постојат записи во базите, а ова особено се однесува на чувствителните прашања за етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинството. Ова се прашања со кои се искажува лично чувство и затоа се внесуваат одговори онака како што ќе се изјасни лицето.
Пописот ќе трае од 5 до 30 септември. Кога треба да бидат објавени првичните податоци од пописот?
Според Законот за Попис, Заводот има обврска да ги објави податоците 6 месеци по завршувањето на теренските активности, но ние веруваме дека ќе успееме да ги завршиме обработките многу порано и до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022 да ги објавиме податоците. За разлика од претходно, кога имавме првични, па следеше долг процес на внесување податоци, со овој процес сега ќе објави само дефинитивни конечни податоци.
Што точно ќе може граѓаните, институциите или потенцијалните инвеститори да добијат како податок, откако ќе биде завршен пописот?
Ова е многу опширно прашање бидејќи со Пописот ќе се добијат огромен број на податоци кои ќе бидат од интерес и важност за речиси секоја сфера од живеењето и работењето во државата.
Прво и основно , ќе добиеме точна бројка колку не има во државата и каде сме точно распоредени, односно прецизна територијална распределеност на населението дури на километар квадратен. Ќе се добие прецизна слика за половата, старосната, образовната, економската структура на населението. Потоа ќе се добие прецизна слика на станбениот фонд во државата и неговата состојба, карактеристиките на станбените единици и нивната разместеност, ќе се добие слика на условите за живеење на населението – тоа е навистина едно огромно богатство на податоци, показатели кои ќе не насочуваат каде и како треба да се движиме во иднина.
Согласно Законот за попис, граѓаните кои се во странство може да се самопопишат на веб страницата на ДЗС. Оваа можност ќе трае до 30 септември. Колку граѓани досега го направиле тоа?
Досега се самопопишаа приближно 191 000 македонски државјани во странство. Очекувавме поголем одзив кој некако спласна по одложувањето на пописот во април и сега очекуваме дека повторно ќе се интензивира овој процес.
Од соседството Србија го одложи пописот за октомври 2022 година, во Бугарија е од 7 септември до 3 октомври, додека Хрватска ќе го спроведе во две фази од 13 септември до 17 октомври. Какви се нивните искуствата и подготовки во однос на протоколите за КОВИД-19?
Искуствата ќе ги дознаеме откако ќе ги спроведат пописите. Сега засега, не може ништо да се каже и од причина што секоја од овие земји спроведува поинаков попис. Така што, воопшто не можеме да се споредуваме, а искуствата ќе ги размениме и сигурно ќе имаме прилики за дискусии откако сите успешно ќе ги завршиме пописите во своите земји.
Се повеќе европски земји се откажуваат од традиционалниот метод и преминуваат на комбиниран или попис само на регистри. Според податоците на Економската комисија на ОН за Европа во 2010 седум држави во Европа спровеле комбиниран, девет попис само со регистри и 23 традиционален, додека за кругот во 2020 комбиниран планираат или спровеле 12, традиционален 13, а најмногу 14 земји попис само со регистри. Кога ние би можеле да се откажеме целосно од традиционалниот попис?
И ние сме една од тие 12 држави кои спроведуваат комбиниран метод на Попис. Силно верувам дека по успешно спроведениот попис овој септември, нашата држава, во наредниот циклус на пописи околу 2030 година, ќе може да спроведе попис целосно базиран на регистри./МИА.