Симевски: Нема можност некој да биде изоставен од попишување

Доколку членовите на едно домаќинство кои треба да се попишат не се дома, тогаш попишувачите оставаат порака со временска одредница кога повторно ќе поминат. 

Оставаат и телефонски број во случај ако лицето не е во можност во наведениот период да биде дома, да закаже со попишувачот кога може да се спроведе попишувањето.

– Ова е техника која ја применувавме во сите пописи досега и секогаш се покажувала како успешна. Нема можност да биде никој изоставен и никој нема да седи дома 26 дена за да чека попишувачи, туку нормално си ги извршува своите секојдневни обврски, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симевски.

Повтори дека во случаи кога граѓаните ќе инсистираат на вакцинирани попишувачи, тоа и ќе им биде овозможено, а во однос на бројот на вакцинирани попишувачи, речедека точната бројка ќе се знае деновиве. Две третини, како што посочи, се вакцинирани бидејќи тоа го навеле кога се пријавиле за попишувачи.

– Немаме идеално точна бројка, бидејќи пријавувањето за учество во пописот започна во почетокот на август и во пријавата кажуваат дали се вакцинирани или не. Две третини се вакцинирани во тој период кога се пријавени, меѓутоа дали некои од оние кои не беа вакцинирани, во меѓувреме се вакцинирани, не знаеме до овој момент. Тоа ќе го знаеме во текот на овие денови бидејќи треба да се приберат сите информации и да се регистрираат, рече Симевски.

За заболените од Ковид-19, Симевски појасни дека Министерството за здравство на дневна основа ќе доставува списоци каде има заболени лица и лица во изолација.

– Нашата намера е да сочекаме, ако за тоа има можност, да излезат овие лица од изолација и тогаш да го спроведеме попишувањето, да биде најбезбедно и за самиот попишувач. Меѓутоа, ако не постојат услови за вакво нешто, тогаш имаме посебни протоколи како да се постапува во попишувањето во домаќинства кадешто имаме заболено лице или лица во изолација, појасни Симевски.

Антисемитизмот во САД порасна за 200 отсто за време на конфликтот Израел-Хамас

Во САД се регистрирани над 10.000 антисемитски инциденти.

По нападот на палестинскиот Хамас на Израел на 7 октомври 2023 година, во САД се регистрирани над 10.000 антисемитски инциденти, што претставува најголем број во една година, покажуваат прелиминарните податоци од истражувањето на Лигата за антидефамација (АДЛ).

Ова е највисок број на инциденти против припадниците на еврејската заедница, вклучувајќи злосторства од омраза, навреди, малтретирања и вандализам откако АДЛ почна да ги следи овие настани во 1979 година, пренесе Аксиос.

Бројот на овие инциденти е зголемен за повеќе од 200 отсто во споредба со истиот период претходната година.

Бројот на антисемитски, исламофобични и антиарапски инциденти драстично порасна за време на конфликтот меѓу Хамас и Израел, што предизвика остри реакции на колеџите низ САД. Најмалку 1.200 инциденти се случиле на универзитетските кампуси, додека 2.000 се забележани во еврејски институции.

- Американските Евреи од 7 октомври не знаат за мир, изјави извршниот директор на АДЛ, Џонатан Гринблат. Тој додаде дека, наместо тоа, се соочуваат со огромен број на закани и повици за насилство врз Израелците и Евреите.

По нападите, администрацијата на претседателот Џо Бајден презеде неколку нови иницијативи како одговор на растечкиот антисемитизам низ целата земја. /МИА

Гранди: Израел со нападите врз Либан го прекршува меѓународното право

Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР), Филипо Гранди, денеска во Бејрут изјави дека Израел ги прекршува меѓународните хуманитарни закони со своите воздушни напади врз Либан, бидејќи ги таргетира цивилите и цивилната инфраструктура.

Гранди е во Либан за да помогне во обезбедувањето сместување за повеќе од 1,2 милиони раселени лица, откако Израел ги засили воздушните напади и започна копнена операција.

Тој истакна дека Светската здравствена организација (СЗО) го информирала дека Израел напаѓал здравствени установи на различни локации во Либан.

- Борбите принудија околу 220.000 луѓе да преминат во Сирија, од кои 70 отсто се Сиријци, а 30 отсто Либанци, додаде Гранди.

Тој посочи дека поради израелските бомбардирања, патот до граничниот премин Масна е уништен, што го отежнува бегството на луѓето од Либан во Сирија.

Повеќе од 2.000 луѓе загинаа, а околу 10.000 се ранети во Либан за време на борбите со Израел во изминатата година, при што поголем дел од жртвите настрадаа во последните две недели, соопшти Министерството за здравство на Либан.

Израел соопшти дека во судирите со либанската милитантна група Хезболах, загинале околу 50 цивили и војници. /МИА

Иран ги откажува летовите поради заканите од израелски напад

Портпаролот на Иранската организација за цивилно воздухопловство потврди дека летовите на неколку аеродроми во земјата ќе бидат суспендирани од 21:00 часот вечерва до 5:00 часот утре наутро.

Портпаролот изјави дека се работи за „оперативни ограничувања“ без да наведе повеќе детали.

Во исто време, и тунелите Тохид и Ресалат во Техеран ќе бидат затворени.

Оваа одлука е донесена откако Израел најави напад врз Иран како одговор на лансирањето балистички ракети кон израелските воени бази од страна на Иран.

Претходно денеска, иранскиот министер за нафта Мохсен Пакнеџад ги посети најголемите нафтени постројки во земјата и се состана со највисокиот воен командант на Корпусот на гардата на Исламската револуција во областа за да разговара за безбедноста на локацијата. /МИА

притисни ентер