Силјановска: Во законот за попис не се вметнати европски регулативи

Во законот за попис не се вметнати европски регулативи и се прави злоупотреба на европското знаменце.

На денешната седница во Собранието на Република Македонија пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова истакна дека законот за попис на населението е со низа недоследности во кој не се вметнати регулативите и стандардите на Европската Унија и Евростат а истовремено се прави и злоупотреба на европското знаменце од страна на владејачкото мнозинство.

„Во европските парламенти во членките на ЕУ обично во текот на една година не се носат повеќе од 150 - 160 закони, ние за два месеци оваа собраниска фабрика произведе речиси 170 закони меѓу нив и законот за попис на населението, домаќинствата и становите чии наслов не соодветствува на она што ќе се попишува. Слушам на телевизија, не во текот на расправата од директорот како зборува на Алсат за резидентно население за нерезидентно население но го препрочитав неколку пати законот и не можам да видам таква класификација. Веројатно ќе биде во методологијата но и неа ја нема и ќе ја добиеме еден месец по донесувањето на законот па ве упатувам на други искуства да видете како методолошки упатства се заедно во пакет со законите, со сериозни објаснувања, со сите инструменти на тајмингот на роковите и слично“,нагласи Силјановска.

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска додаде и дека од страна на владејачкото мнозинство се прави злоупотреба на европското знаменце.

„На еден интересен начин дојде овој закон во редовна постапка без европско знаме, потоа го снема, па се врати со европско знаме, си велев зошто било така мислам дека заради повикувањето на регулативата која што кога ќе проверите и пропатните за нејзино спроведување апсолутно не е точно дека е делумно аплицирана, се обидовме точно одредбите од регулативата преку амандманите да ги предложиме меѓутоа тоа не беше прифатено. Епа сега да оцениме дали европското знаме навистина нешто значи. Иначе патем за два месеци речиси 20 закони со европско знаменце повторно и невиден рекорд поминале овде и јас се чудам зошто не добиваме почеток на преговори на таква фантастична европеизација во ова собрание“, заклучи Силјановска.

Гордана Силјановска Давкова пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ:Субвенции за сончеви колектори, за ПВЦ или алуминиумски прозорци, за печки на пелети

Субвенции за сончеви колектори, за ПВЦ или алуминиумски прозорци, за печки на пелети, продолжува борбата за заштита на животната средина.

Силна, бескомпромисна борба за заштита на животната средина и засилен ангажман во акцијата за чиста и здрава животна средна, е еден од приоритетите на СДСМ, преточена во стратешката рамка на Владата „Акција 21".

Во рамките на заложбите за заштита на животната средина и обезбедување на чист воздух за сите, и годинава продолжуваат субвенциите за набавка на еколошки и енергетско ефикасни системи за загревање.

Субвенции ќе се доделуваат за купување и вградување на сончеви термални колекторски системи, за ПВЦ или алуминиумски прозорци, како и за печки на пелети во домаќинствата.

За надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата до 30%, но не повеќе од 10.000 денари по домаќинство за 2021 година, се предвидени средства во вкупен износ од 6.000.000 денари.

За лицата со ниски приходи ќе се надоместува дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи до 70%, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство за 2021 година, за што се предвидени 2.000.000 денари.

Ќе се надоместуваат дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 50%, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство за 2021 година, во вкупен износ од 19.000.000 денари;

До 70%, односно до 25.000 денари по домаќинство ќе се надомести дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата со ниски примања, во вкупен износ од 3.000.000 денари.

Субвенцијата во 2021 година за купување и вградување на печки на пелети во домаќинствата изнесува до 50%, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство, а за лицата со ниски примања до 70%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство.

СДСМ како одговорна партија остануваме силно посветени на заштита на животната средина но и на намалување на трошоците на домаќинствата и истовремено зголемување на енергетската ефикасност.

СДСМ

Автомобил се забил во куќичка на патарина во Хрватска

Стравична несреќа на автопатот А11  во Хрватска, автомобил се заби во куќичка на наплатната рампа во Мрацлин, загина вработен во ХАЦ.

Утрово околу 5-30 часот во близина на патарината Мрацлин на автопатот А11 Загреб – Сисак во Хрватска возач ја загубил контролата на автомобилот и удрил во објект на патарината, соопштила хрватската полиција. Во несреќата загина работник на патарината а возачот на автомобилот е тешко повреден.

Поради сообраќајната несреќа на овој дел од автопатот сообраќајот се одвива споро со ограничување на брзината во правец кон Сисак на 40 км на час.

Според „Вечерњи лист“ во несреќата наводно загинал вработен на патарината а возачот на автомобилот е тешко повреден.

Извор : 24 sata.hr

Опаѓа бројот на новозаразени со Ковид-19, но остануваат апелите за почитување на мерките

​ Нови 307 случаи со КОВИД-19 од направени 1.854 тестирања беа евидентирани во вчерашниот билтен на Министерството за здравство по изминати 24 часа. 

Починаа 14 лица во болнички услови, а оздравени се 658 пациенти.

Вкупниот број на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 90.124, бројот на оздравени пациенти е 76.045, на починати е 2.768, а бројот на активни случаи изнесува 11.311. Досега во земјата се направени вкупно 439.121 тестирања на КОВИД -19.

Од новите позитивни на КОВИД-19, во Скопје се 137, во Куманово 17, во Велес 15, во Тетово и во Прилеп по 13, Дебар 11, Гостивар, Охрид и Кавадарци по 10, девет во Струмица…

Во Скопје активни случаи има 6.455, во Тетово – 467, во Куманово – 433, во Струмица – 362, во Кавадарци – 355, во Охрид – 349, во Гостивар – 306, Прилеп – 259, Битола – 226… Најмалку активни случаи или седум има во Дојран.

Вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 608 и има околу 580 празни болнички кревети во ковид-центрите, соопшти вчера Министерството за здравство.

Според надлежните, кај нас нема мутација на коронавирусот, слична на таа која се појави во Велика Британија, односно кај нас е присутен истиот вирус.

– Иако е присутен истиот вирус, тоа не е сигнал да ги намалиме мерките. И покрај тоа што опаѓа бројот на новозаразени, се уште треба да бидеме внимателни, бидејќи сега училиштата почнаа повторно да функционираат. Сите мерки за заштита остануваат и натаму. Следната недела ќе ја анализираме состојбата и врз основа на тоа ќе носиме други мерки и препораки, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот за здравство истакна дека сите вакцини се евалуираат, а тоа на што ставаат приоритет е да се осигураат во нивниот квалитет. Филипче смета дека сосема добро може да го спроведат процесот на имунизација и посочи дека ќе останат тука да ги вакцинираат сите наши граѓани, по приротиет така како што се дефинирани групите.

– Имавме разговор со претставништвото на „Фајзер" во Белград и таму се работи на двата договора – нашиот драфт договор за нашите 800 илјади дози и дозволата српските власти да ги дадат фајловите за ние да ги увеземе тие вакцини од нивната земја. Веднаш кога ќе ги добијат фајловите и дозволата ние сме спремни да ги примиме, појасни Филипче.

Премиерот Зоран Заев синоќа најави дека вие денови се очекува да стигнат првите две-три илјади вакцини од договорените 8.000 од српските вакцини од „Фајзер" коишто дефинитивно се усогласени и политички договорени.

– Идната недела се очекуваат првите информации за првите количини преку КОВАКС системот, а во февруари се очекуваат вакцините кои се договорени директно со компанијата „Фајзер", изјави Заев.

Нашата земја, вели премиерот Заев, е целосно подготвена со обезбедени ладилници за вакцините и веќе е изграден системот за вакцинација, а први ќе ја примат медицинските работници од КОВИД болниците кои се 7.850 на број, останатиот медицински персонал, хронично болните и возрасните луѓе.

притисни ентер