Не беше претходно договорено заедничко фотографирање кај знамињата во претседателската вила на Радев, ќе бараме објаснување од Бугарија- велат од Кабинетот на претседателката Сиљановска за Канал 5, по бројните реакции за пречекот без македонско знаме во Софија. Нејзиниот колега бил иницијатор за фотографиите, но од Вила Водно се надеваат дека се работи за превид во протоколот.
„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна.“- Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова
За ова од бугарските институции досега нема објаснување, а истото се случи и на средбата меѓу министрите за култура. Бугарскиот претседател на фејсбук вчера напиша дека независно од поводот не одбива ниту една средба со претседател на друга држава, а волјата на Сиљановска за подобрување на односите очекува да ја практикува новата влада на Македонија.
-Никогаш не сум одбил средба со странски претседател кој е во посета на Бугарија, без разлика на поводот. Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Македонија и очекувам овој дијалог, не само што ќе помогне во нашето културно зближување, економската соработка и туризмот, туку дека со овој дијалог конечно ќе се решат отворените прашања меѓу нас. – пишува Радев.
Средбата на двајцата претседатели е прва откако Сиљановска ја презеде претседателската функција во мај годинава, но беше неофицијална. Од двете страни соопштија дека разговарале за евроинтеграциите и меѓусоседските односи. Иако нема конкретен напредок, поранешните амбасадори Ѓорчев и Никовски оценуваат дека сепак оваа посета е позитивен исчекор во дијалогот.
-Таа се определи за јавна дипломатија како мека дипломатска сила, сила којашто почива на кулутрата, вредностите, на легитимната и морална македонска надворешна политика. Очекувам дека ако во таков дух се продолжи, дека ќе има позитивен бенефит од оваа посета. - Марјан Ѓорчев – поранешен амбасадор
-Бугарската позиција кон Македонија е 150 години стара и промени нема. Да се разбереме, јас се сложувам, секој контакт може да биде корисен, добредојден е, најстрашно е да ставиш ѕид и да нема ништо комуникација. Подобро е да има дијалог, но оваа посета е наметната да се разбереме. Наметната од наша страна. - Ристо Никовски – поранешен амбасадор
Синоќа на оперската претстава „Набуко“ во Софија македонската претседателка, иако првично беше предвидено, не беше придружувана од Радев, кој отсуствуваше поради авионската несреќа во Пловдив во која загинаа двајца пилоти. Таму Силјановска Давкова беш пречекана од десетина бугарски националисти превдодени од Каракачанов, кои со транспаренти и скандирања пред неа бараа правда за Бугарите во Македонија.