Сијарто: Најдоцна во јуни Македонија да ги почне преговорите со ЕУ

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, денеска, на негова иницијатива престојува во работна посета на Македонија.

Во фокусот на разговорите со државно-политичкиот врв во земјава денеска, покрај евроинтегративните процеси, е и конкретна помош од Унгарија за Македонија, за полесно справување со последиците од коронавирусот.

И честитам на Македонија што минатата недела доби согласност за започнување на преговорите со ЕУ и што станавте 30-та членка на НАТО. Ние во Европскиот совет ќе се обидеме да издејствуваме најдоцна до мај да ја затвориме рамката за преговорите и најдоцна во јуни да започнеме со самите преговори. Ние многу добро знаеме колку е важно на Западниот Балкан да владее мир и меѓусебна соработка и овие работи не приближуваат кон тоа, изјави денеска шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто кој се наоѓа во посета на Скопје, по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Шефот на унгарската дипломатија информира дека донел донација за здравствените служби во земјава, со цел подобро справување со кризата предизвикана од коронавирусот, а во контекст на тоа се осврна и на прашањето со мигрантите.

– Не смееме да заборавиме ни во рамки на предизвиците од кризата со коронавирусот дека е друг огромен предизвик. И миграциски притисок на турско-грчката граница и натаму е многу сложена ситуацијата. Унгарските полицајци заедно со македонските полицајци на границата само во оваа година спречиле најмалку 5.600 обиди за илегален премин. Ние сме многу горди на нашите полицајци бидејќи во различни ротации преку 1.300 унгарски полицајци служеле на македонско-грчката граница и му нагласив на мојот колега Димитров дека и натаму Македонија може да смета за помошта на унгарските полицајци, рече Сијарто.

Тој истакна дека Унгарија води одговорна политика кон соседите и веќе обезбедиле помош за Словенија, Хрватска и Србија, и сега, како што рече, за Македонија, бидејќи ако овие држави ослабнат во кој било поглед тогаш и нивните капацитети за одбрана се намалуваат и доколку во таква состојба се соочат со еден миграциски притисок тогаш во тој случај нема да можат да го запрат тој притисок.

– Ние имаме огромен интерес со тој миграциски притисок да се справуваме што подалеку од нас, рече Сијарто.

Шефот на унгарската диполоматија истакна оти успеале да ја донесат помошта затоа соработката со Унгарија и Кина постојано и многу ефикасно функционира и постојано пристигнува медицинска опрема на територијата на Унгарија.

– Ние во изминатата недела фактички купивме од Кина една фабрика за производство на оваа опрема која ќе произведува заштитни маски. Веќе машините се инсталирани и многу бргу ќе започне и производството, така што е возможно на Македонија да и пружиме и конкретна помош, посочи Сијарто.

Во однос на солидарноста меѓу земјите членки на ЕУ за справување со корона кризата, Сијарто вели дека по совладувањето на вирусот ќе мора да се извлечат поуки за тоа како тоа функционираше и дали не функционираше солидарноста на ЕУ.

– Започнувате преговори со ЕУ затоа не би сакал да ви ја одземам волјата за зачленување во Унијата, но во поглед на борбата против коронавирусот е докажано дека најдобро функционираат оние одговори кои секоја држава за себе ги носи. За жал, координацијата помеѓу државите членки на ЕУ беше многу бавна и затоа државите беа оставени на тоа лично да се борат. Се разбира, ние ги поддржуваме сите настојувања на ЕУ на државите од Западен Балкан да им пружиме што поефикасна помош. Се разбира, ние го поддржуваме и тоа ЕУ на Северна Македонија да и пружи што поголема помош. Она што е факт тоа е факт, секоја европска држава, скоро и секоја држава во светот на различен начин се бори бидејќи имаат различни системи, здравствени системи и користат различни средства за борба против коронавирусот, оцени Сијарто.

Според него, сега најмногу се зборува за здравствениот фонд, но има друг фронт каде што економската политика мора да се прилагоди.

– Ние вчера на седница на нашата Влада донесовме еден економски план во кој одговори се даваат на национално ниво и дека доколку ЕУ може тука да придонесува нешто за справување со економската криза тоа е само добро. Се надевам дека овие преговори ќе бидат ефикасни. Според мене, ЕУ има најважна задача во овој поглед да ги прилагоди своите закони во врска со економијата и да ги прилагоди така да тие на најголем можен начин ги поддржуваат извозот и странските вложувања во своите држави, рече Сијарто.

Димитров од своја страна рече дека во време на глобална пандемија на вирусот КОВИД-19 и ригорозни здравствени мерки насочени кон спречување на ширење на коронавирусот и заштита на граѓаните на јавното здравје практично во целиот свет, средбите со неговите колеги се реализираат и под вонредни услови.

– И во вакви услови со мојот драг колега Петер сакаме да потврдиме дека сериозно сме посветени на солидарноста и соработката меѓу Македонија и Унгарија заедно да го надминеме овој заеднички предизвик и кризата со која се соочува и нашиот континент Европа и пошироко. Со таа цел е и денешната посета и помошта што стигна заедно со министерот Сијарто од Унгарија за која што сме благодарни, рече Димитров.

Посочи дека тесната координација и соработка на регионално ниво и со ЕУ ќе бидат важни фактори за соочување со коронавирусот.

– Сакам исто така да му се заблагодарам на Петер и за поддршката во однос на нашите тридецениски аспирации да се зачлениме во НАТО. Скоро се видовме преку видеоконференција на неодамнешниот министерки состанок на Северноатлатнскиот совет, а сакам да му се заблагодарам и за поддршката за конечно добивање политичка одлука од страна на ЕУ да ги почнеме пристапните преговори. Имавме еден многу конкретен телефонски разговор ден пред одржување на Советот за општи работи на ЕУ. Сакам да му се заблагодарам за сето ова, за тоа што е тука лично во период полн со предизвици и вонредни околности, мислам дека оваа посета зборува многу повеќе од зборови во смисла на пријателството и посветеноста, заклучи Димитров.

Ужас во Словачка: Родители си ги тепале своите четири деца со синџири и ремени, ги изгладнувале

Во брутален случај на злоупотреба на четири деца во Словачка, полицијата ги уапси мајката Јарослава (32) и таткото Милан (42).

Децата доживеале неверојатна тортура, родителите наводно ги тепале со ремени и синџири. Откако ќе ги претепале, ги затворале и ги изгладнувале. Сепак, Јарослава за време на сослушувањето го обвини таткото за сѐ, објавија локалните медиуми.

Таа наводно рекла дека имала многу лоши односи со Милан. Според неа, тој наводно бил алкохоличар во последните 10 години. Во една прилика тој наводно го претепал синот Адријан со ремен, а потоа рекол дека не сака да го прави тоа. Според медиумите, мајката знаела дека таткото не им дава храна на децата.

Јарослава тогаш изјавила дека Милан не им дозволувал ништо на децата, кои многу се плашеле од него. Милан наводно во една прилика го претепал Адријан со тоа што го извлекол од креветот и го удирал со таква сила што момчето се онесвестило.

Катанците во куќата наликувале на затворски. Биле ставени на шкафовите, на вратата од детската соба, но и на фрижидерот, за децата да не изедат сѐ. Низ куќата одекнувале грди зборови.

Оваа ужасна злоупотреба била откриена минатата недела. Резултатите од истрагата покажуваат дека злоставувањето било откриено за време на часот по физичко, кога Адријан се пресоблекувал во спортска облека во соблекувалната.

Момчето наводно не сакало да каже ништо пред тоа бидејќи се плашело од тоа што може да го чека дома. Тој рекол дека татко му го тепал со синџир.

Медицинскиот извештај на Универзитетската болница во Трнава покажува дека Адријан се здобил со контузија и хематом на градниот кош.

На Милан сега му се закануваат 15 години затвор. Сепак, неговото семејство не се согласува со обвинувањата, додека неговата сестра тврди дека Милан никогаш не злоставувал деца.

„Одеше на работа додека жена му беше дома, таа не ни готвеше. Добро се грижеше за децата. Имаа брава на вратата да не ја отвораат децата. Децата го земаа јогуртот, јадеа малку па го фрлаа во ѓубре“, тврди сестрата на обвинетиот.

Полицијата ја продолжува истрагата.

Повторно е нападната американската воена база во Ирак

Вчера била нападната американската воена воздухопловна база Ал Асад во западниот дел на Ирак, а во нападот не е направена никаква штета и никој не е повреден, изјави неименуван американски функционер за Тајмс оф Израел.

„Ова беше втор напад врз американските сили од 4 февруари“, додаде американскиот официјален претставник, мислејќи на нападот во неделата кога беа истрелани пет ракети врз истата база од пограничниот град Зума.

Во тоа време, САД објавија дека сојузничкиот борбен авион уништил ракетен фрлач во Сирија, додавајќи дека ниту еден американски воен персонал не бил повреден.

Бранот од 165 напади врз американските војници во Ирак и Сирија започна во октомври минатата година, откако Хамас го нападна Израел, а заврши во февруари кога САД извршија воздушни напади врз цели поврзани со Иран во Ирак и Сирија.

Ен Хатавеј се потсети на одвратната аудиција, на која морала да се бакнува со 10 колеги (ВИДЕО)

Ен Хатавеј вели дека тестовите за хемија меѓу актерите во раните 2000-ти биле одвратни, пишува IndieWire.

Во интервју за магазинот V, актерката се присети на незгодните аудиции за романтични комедии во кои глумеше на почетокот на кариерата.

„Во 2000-тите беше нормално да се бара од актерите да се бакнуваат за време на аудиција, да се тестира хемијата, иако тоа е најлошиот начин да се тестира хемијата - дури и мене ми се има случено“, рече актерката. „Тие рекоа: „Имаме десет момци кои доаѓаат денес, а ти ја доби улогата. Зарем не си возбудена да ги бакнуваш? Мислев дека нешто не е во ред со мене бидејќи не бев возбудена.“

„Бев толку млада и знаев колку е лесно да изгубиш сè ако некој рече дека ти е тешко да се работи, па се преправав дека сум возбудена“, објаснила ѕвездата од „Дневниците на принцезата“. „Тоа не беше игра за моќ, никој не се обидуваше да ме повреди или да биде ужасен. Тоа беа различни времиња и ние денес подобро знаеме“.

Наскоро ќе можеме да ја видиме Хатавеј во романтичниот филм The Idea of ​​You, кој пристигнува на Prime Video на 2 мај. Во филмот, актерката толкува 40-годишна самохрана мајка која влегува во врска со 24-годишен музичар, кој го игра Николас Галицин.

Филмот беше премиерно прикажан на филмскиот фестивал South by Southwest, кој се одржа во март годинава. Критичарите на Rotten Tomatoes го оценија The Idea of ​​You со 95 проценти.

притисни ентер