Гласаа и за зголемување на средствата за европската гранична агенција Фронтекс, пренесуваат агенциите.
На обврзувачкиот референдум за т.н Lex Netflix, гласачите ќе одлучат дали меѓународните платформи за стриминг мора да инвестираат четири проценти од приходите што ги генерираат во Швајцарија во локалната филмска индустрија, како што прават швајцарските радиодифузери од 2007 година.
Покрај тоа, 30 отсто од содржината на стриминг платформата ќе мора да бидат филмови и серии произведени во Европа, како што мора да биде во ЕУ. Според последните анкети, законот би можел да помине со тесно мнозинство.
Противниците на законот, поддржани од владата и парламентот, велат дека тој може да ја намали понудата на глобална содржина и да ги поттикне услугите за стриминг да ги зголемат цените. Швајцарското Министерство за култура го отфрла овој аргумент, наведувајќи го примерот на Франција, каде што воведувањето инвестициска обврска до 25 отсто од приходите не доведе до зголемување на цените.
„Имаме најголема почит кон демократското одлучување на швајцарскиот народ и го очекуваме резултатот од референдумот“, изјави портпаролот на Нетфликс. Стриминг услугите ќе можат да изберат дали ќе учествуваат директно во продукцијата на швајцарски филмови и серии или ќе платат такса за да ја финансираат промоцијата на швајцарската филмска индустрија.
Филмската продукција во Швајцарија во последните години добила 105 милиони швајцарски франци, соопшти швајцарското Министерство за култура, пренесува АФП. Доколку новиот закон биде усвоен, секторот ќе добива нови 18 милиони франци секоја година, соопшти Министерството.
Доколку Швајцарците се согласат да го зголемат уделот на Швајцарија во финансирањето за вработените на Фронтекс, Швајцарија би плаќала 61 милион швајцарски франци годишно до 2027 година, во споредба со 24 милиони во 2021 година, според владините проценки.
Доколку предлогот биде одбиен, Швајцарија би можела да биде исфрлена од Шенген зоната и од Даблинскиот координативен систем за азил.
„Би ми било многу жал за одлуката Швајцарија да го напушти Шенген. Но, членството во Шенген се заснова на меѓународен договор. И ако Швајцарија одлучи да не ги почитува своите обврски од тој договор, тоа мора да има последици“, рече еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон за весникот Tages-Anzeiger.
Анкетата на gfs.berna за телевизијата SRF покажала дека 69 отсто од гласачите го поддржуваат финансирањето на Фронтекс, додека 25 отсто се против. Законот за стриминг платформи го поддржуваат 56 отсто од гласачите, а 41 отсто се против.
Гласачите ќе одлучат и дали да ја олеснат трансплантацијата на органи, што исто така треба да помине.