Штипска педијатрија доби два нови апарата

ЕКГ апарат и апарат за сукција доби детското одделение при Клиничка болница Штип, а донацијата е  од општествено одговорна приватна компанија.

Апаратите се од големо значење за одделот, посочи денеска директорот на болницата Ален Ѓеорѓијев. Тој истакна дека со новите апарати се олеснува работата на здравствените рабвотници, а ќе се овозможи и непрекинато лекување на дечињата.

-Овие апарати се потребни за дијагностиката, како и за помош на дечињата кои имаат континуирана нега. Со оваа апаратура ја олеснуваме работата на здравствените работници кои укажуваат здравствена заштита на нашите најмали, а уште поважно е што дечињата ќе имаат непрекинато лекување, вели Ѓеорѓијев.

Старите апарати се веќе дотраени, а потребата од нови беше неопходна, потенцираше педијатар Луиза Донева, која додаде дека се работи на отворање и на кардиолошки кабинет.

-Ќе ни биде олеснета работата, исто во план е отворање на кардиолошки кабинет. Имаме докторка на супспецијализација, вели Донева.

Во изминатиот период Одделението за детски болести при Клиничка болница - Штип беше во центарот на активностите.Се работеше на подобрување на инфраструктурата, набавка на нови апарати, како и вработување на нов кадар.

-Во изминатите неколку месеци овде на овој оддел се реконструираа комплетно тоалетите, се доби нов апарат, 21 болнички кревет, денес добивме апарат за ЕКГ и сукција, но најважно од се е дека вложуваме во кадарот. Во моментот одделот за детски болести има доктори кои се на супспецијализација, веќе година се таму и од октомври имаме докторка која ќе почне на специјализација на педијатрија, додаде Ѓеорѓијев.

Директорот на Клиничка болница-Штип Ѓеорѓијев се заблагодари на донацијата од фирмата „Адиент“, која е во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ)-Штип. Ова не е прва донација на оваа компанија и изрази надеж дека соработката ќе продолжи и во иднина.

Активистите кои ја обоија Бранденбуршката порта, со закана за маратонот во Берлин

Активисти од германското движење Letzte Generation се закануваат дека ќе го затворат Берлинскиот маратон во недела, една недела откако со спреј го бојадисаа споменикот кај Бранденбуршката порта, целта на настанот.

„Ќе го прекинеме маратонот. Не можеме да побегнеме од климатската катастрофа“, велат од движењето, без да наведат дополнителни детали. Letzte Generation веќе се обиде на 12 септември, во заедничка акција со француското движење Derniere Renovation, да го прекине фудбалскиот натпревар меѓу Германија и Франција во Дортмунд.

Акцијата не успеала, а пред тоа биле уапсени четворица активисти.

Меѓутоа, во неделата, активистите успеаја да ја испрскаат Бранденбуршката порта, најпознатиот споменик во Берлин, за да повикаат на забрзување на излезот од фосилните горива и поактивна борба против глобалното затоплување. Чистењето на портата, изградена на крајот на 18 век, сè уште не е завршено бидејќи е неопходно да се нанесе специјален производ за отстранување на обоените честички на блоковите.

„Се надеваме дека нема да се случи ништо лошо во однос на демонстрациите, но имаме планови да се справиме со такви случаи“, рече Јирген Лок, генерален директор на маратонот.

„Организаторите и берлинската полиција работат заедно за да обезбедат непречено одвивање на трката“, додаде тој, апелирајќи „секој што има намера да протестира да не се меша директно во настанот“.

Татко - херој: Се удавил додека го спасувал својот син (ВИДЕО)

Американецот Гери Симард (44) се удавил на плажа во Масачусетс додека се обидувал да го спаси својот син.

Тој кобниот ден бил на плажа со семејството. Неговиот син пливал во океанот, кога струите наеднаш го одвлекле од брегот во длабочините.

Гери го слушнал како вика за помош, а потоа се втурнал во водата за да го спаси.

Неговиот син бил извлечен на безбедно од двајца пливачи, но Гери за жал се удавил.

Лекарите од Итната помош се обиделе да го реанимираат на плажата, бил префрлен во болница, но сепак починал.

Семејството на Гери го опишале како голем херој кој живеел за своите деца.

"Мојот син е херој. Го спаси својот син и го загуби животот", изјавила неговата мајка Линда.

Зад себе ги остави сопругата и четирите деца, објави Њујорк Пост.

Европската Комисија ќе обезбеди помош од 500.000 евра за Нагорно Карабах

Европската комисија ќе обезбеди хуманитарна помош од 500.000 евра за поддршка на населението погодено од воените операции во Нагорно Карабах.

Во соопштението на ЕК се наведува дека помошта од ЕУ е наменета за жртвите да ги задоволат нивните основни потреби. Вонредното финансирање е како додаток на хуманитарната помош од 1,17 милиони евра што ЕУ ја посвети на почетокот на годинава за решавање на кризата во Нагорно Карабах, се наведува во соопштението за медиумите, а пренесува порталот „Ерменија Ајкор“.

„Ескалацијата на конфликтот во Нагорно-Карабах имаше сериозни последици за цивилното население. Како одговор, ЕУ обезбедува дополнителни 500.000 евра итна хуманитарна помош за поддршка на раселените лица. Ние внимателно ја следиме ситуацијата на терен и сме подготвен да понудиме дополнителна помош“, изјави еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич.

Тој ги повика сите страни во конфликтот да обезбедат непосреден и непречен пристап до хуманитарните организации. ЕУ е во близок контакт со хуманитарните партнери на терен и е подготвена да одговори на новите хуманитарни потреби во случај на натамошна ескалација, се заклучува во соопштението на ЕУ, која обезбеди повеќе од 21 милион евра хуманитарна помош за Ерменија и Азербејџан од ескалацијата на конфликтот во 2020 година.

По новиот бран конфликти, вчера беше постигнат договор за прекин на огнот меѓу азербејџанските вооружени сили и ерменските трупи во отцепениот регион Нагорно-Карабах, населен главно со Ерменци.

Договорот беше постигнат со посредство на рускиот мировен контингент, откако официјален Баку започна „антитерористичка операција“ во Нагорно-Карабах за да го врати уставниот поредок во областа контролирана од ерменските сепаратисти.

притисни ентер