Штериев: Капиталните добивки се уште не треба да се оданочуваат

Во предвечерие на најавената даночна реформа околу „жешкото“ прашање за оданочување на капиталните добивки од тргување со хартии од вредност како Македонска берза имаме јасен став – капиталните добивки се уште не треба да се оданочуваат.

Ова го изјави главниот извршен директор на Македонска берза АД Скопје Иван Штериев во обраќањето на 21. Годишна конференција на Берзата, што се одржува денеска во Охрид.

Штериев посочи дека тајмингот да се започне со ова е многу неповолен со оглед на влошените состојби на пазарот. Физичките лица креираат повеќе од 60 проценти од овогодишниот куповен промет и овој данок, како што рече, ќе биде значаен удар за и онака кревкиот и плиток пазар.

Според него, кај законските решенија што се моментално во сила и кои никогаш не се тестирани во пракса, има простор за доработка и за подобрување. -На пример, според сегашната поставеност, за секое купи-продај на Берзата, вие треба веднаш да пријавите и да платите аконтативен данок. Тоа значи, доколку сте поактивен трејдер на Берзата, вие, настрана данокот којшто ви го намалува приносот, ќе имате и голем фреквентен административен товар. Дополнително, во вака замислената даночна постапка има обврски и одговорност за брокерите кои и онака не се идеално екипирани. Мора за ова да најдеме поелегантни, поедноставни и централизирани решенија, рече Штериев.

Тој укажа и дека треба да се направи адекватна дистинкција помеѓу краткорочното или т.н. шпекулативно тргување и долгорочното инвестирање. Според сегашното решение капиталната добивка не се оданочува единствено ако ги држите хартиите од вредност многу долги 10 години. Во многу јурисдикции, посочи Штериев, овој период е многу пократок, на пример, 12 или 24 месеци.

-Сето ова е веќе искомуницирано со Министерството за финансии и се надеваме дека нашите аргументи за продолжување на неоданочувањето на капиталните добивки ќе бидат земени предвид, рече Штериев.

Во Германија почна судењето на мајка на три деца- убила жена од љубомора и избегала во Турција

Во Германија во тек е судењето на Салија К.(50), која е обвинета за убиство на Јасмина Т. со соучесник во 2011 година, бидејќи стапила во романтична врска со тогашниот партнер на Салија, Ибрахим.

По бруталното убиство Салија со двете деца побегна во Турција и дури годинава е предадена на германските власти.

Повеќе од 13 години по убиството на Јамина, Салија, која е мајка на три деца, се најде на суд во Дортмунд.

Таа е обвинета дека го планирала и извршила страшното убиство на младата Јамина со соучесник, кој претходно бил осуден на доживотен затвор, само затоа што тогаш имала односи со партнерот на Салија.

Голото тело на Јасмина било пронајдено на паркинг во Холандија, а две години подоцна за нејзиното убиство на доживотен затвор е осудено нејзиното поранешно момче Адем И.

Утврдено е дека во 2011 година Адем и Салија смислиле план да ѝ се „одмаздат на Јасмина за неверството“. Имено, Јасмина започнала врска со партнерот на Салија, Ибрахим К., кој тогаш имал 35 години. Најпрво за 1.000 евра ангажирале насилници, кои со дрвени стапови во дворот брутално го претепале Ибрахим и му ги скршиле коските.

После тоа имало план да ја киднапираат Јасмина и да ја силуваат, за да ѝ „докажат дека е к**ва“.

„Планирале да ја силуваат за да ја обесчестат и да ја означат како к**ва. Според обвинителството, обвинетиот ја нападнал жртвата, ја врзал и ја одвлекол во продавница. Мажите кои требало да ја силуваат чекале таму. Кога одбиле тоа го направиле пред камери, Адем и Салија ја однеле жртвата во нејзиниот стан“, рече обвинителката денеска на судењето.

Потоа, како што изјавил, решиле да ја убијат Јасмина бидејќи нивниот првичен план за одмазда пропаднал.

Во нејзиниот стан, додека била врзана со сајли, ја претепале, а потоа ја задавиле“, рече обвинителот.

За време на судењето Салија цело време молчела. Треба да сведочи и претходно осудениот Адем И.

Заврши најсмртоносната мисија на ОН- за 10 години загинале 300 „сини шлемови“

Обединетите нации денеска ја завршија 10-годишната мировна мисија во Мали, по барање на владата на земјата, која рече дека силите на светската организација се несоодветни да одговорат на растечкиот насилен екстремизам во оваа западноафриканска земја.

„Товарот во Мали беше огромен и тежок“, рече командантот на силите на ОН од 13.000, Мамаду Гаје, на церемонијата на завршување во главниот град Бамако, пренесува АП.

Тој изрази уверување до безбедносните сили на Мали дека ќе ја решат кризата во земјата.

За 10 години загинале повеќе од 300 членови на мировната мисија на ОН во Мали, што ја прави најсмртоносна мировна мисија во светот, наведува американската агенција.

Малиските власти се борат да го задржат бунтот на исламистичките екстремисти од 2012 година.

Тие беа турнати во градовите на северот на земјата, благодарение на операцијата предводена од Франција, чии војници ја напуштија земјата минатата година.

Меѓутоа, бунтовниците се прегрупираа и почнаа да ја напаѓаат војската на Мали и нејзините сојузници, вклучително и силите на Обединетите нации.

Во јуни, владејачката воена хунта побара од мисијата на ОН да ја напушти земјата.

Град им нудел милиони на луѓе за да се доселат, но имало бизарен услов- никој не се јавил

Градот Каинан во јапонската префектура Вакајама смислил необичен план за привлекување жители, а понудата вклучувала и финансиска помош за новодојдените.

Стратегијата била дизајнирана за 2021 година, но за кандидатите имало услов - тие да го носат презимето Сузуки.

Како „родно место“ на Сузуки, било одлучено да се игра на таа карта, а посебно се мислело на 750.000 граѓани кои го носат тоа презиме и живеат во Токио и соседните префектури (Чиба, Саитама и Канагава).

Најавено е дека секое семејство што ќе се пресели ќе добие по 1 милион јени (6.300 евра), како и исто толку за секое дете под 18 години, пренесува The Guardian.

Меѓутоа, две години по започнувањето на кампањата, објавени се поразителни резултати.

„Потврдувам дека никој со презиме Сузуки не се преселил во Кајнан. Едно лице се распраша, но не отиде подалеку од тоа“, откри Томонари Фуџита, шеф на канцеларијата за развој.

Покрај паричната стимулација, на луѓето очигледно не им делувал и слоганот дека со преселбата „ќе се поврзат повторно со своите предци“.

Забележано е дека кланот Сузуки се преселил во денешен Кајнан за време на периодот Хејан (794-1185).

„Гледаме сериозен пад на бројот на жители. Мислевме дека со кампањата ќе привлечеме луѓе со презимето Сузуки, но се чини дека имало и други пречки“, изјави Фуџита.

Официјалните лица се надеваат дека новиот хотел, чија изградба ќе биде завршена во 2024 година, ќе ги инспирира граѓаните со презимето Сузуки да дојдат и да се поврзат со местото на нивното потекло.

притисни ентер