Шилегов на состанок со здружението „До бебе по пат на ИФВ“: Субвенции за ин-витро оплодување

Денес, градоначалникот Шилегов одржа онлајн состанок со претставници на Здружението „До бебе по патот на ИВФ“ на кој се разговараше за потребите и предизвиците на паровите кои се соочуваат со неплодност. 

Тој во својата програма за наредните 4 години веќе вклучи субвенции за млади брачни парови кои имаат желба за потомство преку ин-витро.

„За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид кој не е покриен од Фондот. Ја поддржуваме храброста и упорноста за посреќни семејства во нашиот град“, кажа Шилегов на почетокот од состанокот.

„Имајќи ги предвид укажувањата од здружението за финансиското оптоварување на паровите кои поминуваат низ БПО (ИВФ) процедурите и заложбите за поддршка на овие корисници, јас како градоначалник знаејќи ги реалните потреби, истите ги инкорпорирав во мојата програма. Свесен сум и информиран што се вклучува постапката на ИВФ, каков психолошки притисок се предизвикува кај паровите во нивните напори да формираат семејство и затоа се заложувам да ги поддржиме нашите граѓани преку бесплатен четврти обид или покривање на дополнителната терапија која не е дел од поволностите на ФЗО“, истакна Шилегов во разговор со претставниците на здружението.

На состанокот се разговараше и за потребата од отворање на Центар за поддршка на паровите кои поминуваат низ ИВФ постапка преку што ќе се овозможи психолошка поддршка, семејно советување и стручно медицинска поддршка преку стручни лица од секој сегмент на ИВФ.

„Се очекува оваа соработка да продолжи со цел заедно да создадеме полесни услови за нашите сограѓани во реализација на посакуваното родителство. Оваа активност во делот на здравствената заштита е предизвик и за локалната самоуправа бидејќи проблемите на нашите сограѓани се и проблеми на институцијата која најдиректно се поврзува со потребите на жителите. Моја обврска како градоначалник е да се грижам и за здравствените потреби на граѓаните и така ќе продолжам и во иднина“, истакна Шилегов на состанокот.

Од Здружението изразија благодарност до градоначалникот за отворениот пристап и слухот за потребите на пациентите кои поминуваат низ ИВФ и очекуваат нивните барања да бидат реализирани.

„Нашите заложби за ИВФ поволности и проширување на субвенциите за ИВФ конечно некој ги слушна. Разговаравме за што побрза реализација на нашите барања, финансиските поволности и отворање на центар за поддршка. Ова е многу важно за посреќни семејства и нови родители. Да се има можност секој пар и поединец да се оствари како родител по полесен и финансиски достапен пат. Од прашањето за наталитетот не смее да се бега, не смее да им се затвора вратата на луѓето кои имаат желба да станат родители. Сметаме дека треба да се изнајде решение за нас пациентите кој сме со ин-витро. Да ни се помогне и олесни патот кој го чекориме, патот до единствената наша цел: Да се оствариме и бидеме родители“, кажа Зоја Самандова Петрушева, претседателка и основач на Здружение за хумана репродукција и биопотпомогнато оплодување – До бебе по патот на ИВФ Скопје, се наведува во партиското соопштение.

Реакција на Комисијата за историски и образовни прашања за оставката на членот Ванчо Ѓорѓиев

Македонскиот дел на Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија излезе со реакција по повод соопштението на членот на Комисијата, проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, за негова оставка.

Во продолжение го пренесуваме соопштението во целост:

„Во врска со соопштението за медиумите на нашиот почитуван колега д-р Ванчо Ѓорѓиев за неговата оставка од Комисијата, би сакале да го истакнеме следново. Со колегата д-р Ѓорѓиев изминатите три години заедно и посветено работевме во Комисијата и донесовме добри решенија со кои сметаме дека помагаме во надминување на спорот помеѓу двете држави, зачувувајќи ги националните интереси на македонската држава, Македонците и другите етнички заедници и затоа сме крајно изненадени од тврдењата во неговото соопштение.

Истовремено, сакаме да потенцираме дека научните принципи во работата на Комисијата биле, се, и ќе останат непроменети и дека не постои никаква основа да се тврди дека постои нов принцип на работа, ниту политички притисок од МНР, Владата или политичките партии.

Исто така, вчерашните и денешните разменети предлог-идеи во ништо не отстапуваат или, пак, се разликуваат од досега разменетите предлози и пристапот кој е усогласен од сите членови на македонскиот дел од Комисијата од самиот нејзин почеток и кои во ништо не ги нарушува или, пак, се спротивни на македонскиот идентитет, национални интереси и спомнатите во соопштението на колегата Ѓорѓиев црвени линии усвоени во Собранието". /МИА

Како дејствува и за кого е наменет лекот „Молнупиравир“ против ковид-19?

Единствениот лек за Ковид 19 во форма на таблети ќе биде достапен и во Македонија.

Кога точно „Молнупиравирот“ ќе го има во аптеките и колку ќе чини не се знае, но властите ја започнаа постапката за набавка.

Молнупиравирот може да се зема само во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек се намалува за 50%.

Според микробиологот проф. Д-р Никола Пановски за употреба на овој лек треба да има итно достапни тестирања на државно, оти додека се чека за ПСР тест, ќе мине периодот кога треба да се зема лекот.

Дополнителни дилеми се кој од граѓаните треба да има предност за да го зема овој лек, вели Д-р Пановски.

Овој лек, вели Д-р Пановски, државата треба да го набави, иако една терапија - пет дена по две таблети чини 700 долари.

Сепак, граѓаните мора да знаат оти овие таблети не се замена за вакцината.

Во однос на епидемиолошката состојба, тој очекува зголемување на дневниот број на заразени во наредниот период, но не и силен есенски бран.

Мицкоски: Ги повикувам и останатите членови на историската Комисија да поднесат оставка

Шокиран сум од веста дека Ванчо Ѓоргиев поднел оставка од член на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања, изјави денеска во Битола, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека ако е вистина тоа оти „некој меѓу двата изборни круга одлучува да распродава дел од македонскиот идентитет и да ја продава Македонија и на сметка на тоа политички да опстане", тогаш тој „навистина е шокиран".

– Веднаш повикувам и останатите членови на Комисијата која преговара, да ја следат постапката на професорот Ванчо Ѓоргиев. Ние имаме јасна Декларација во Парламентот и очекувам да се држат до Резолуцијата што ја усвои македонскиот Парламент. Очекувам личните и бизнис интереси да бидат оставени на страна и апелирам до членовите на историската комисија за трезвеност, патриотски чувства, затоа што ова се чувствителни моменти за македонскиот народ и да внимаваат што преговараат и што потпишуваат, изјави Мицкоски.

притисни ентер