Шилегов: Ќе бараме со децентрализацијата Градот Скопје да добие јурисдикција врз скопските општини

Треба да постои дуализам во делот на инспекторирањето, особено во урбанизмот, токму заради експлицитните примери на непочитување на законот. 

Одговорни носители на функции ги гледаат аномалиите на функционалноста на системот и предлагаат соодветни мерки, така што ќе инсистираме во процесот на децентрализација да можеме да имаме јурисдикција врз единиците на локална самоуправа коишто административно се на територијата на Градот Скопје, изјави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

– Треба да постои дуализам во делот на инспекторирањето, особено во урбанизмот, токму заради експлицитните примери на непочитување на законот. Не постои поинаков начин ако видиме дека немаме самоконтрола, да воспоставиме хиерархиска контрола едни кон други, изјави Шилегов одговарајќи на новинарски прашања по извршената обиколка на претоварна станица во Скопје, каде се одложуваат стари печки и други нееколошки грејни тела, заедно со премиерот Зоран Заев и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Во врска со проблемите на противпожарната единица, Шилегов нагласи дека Градот Скопје, заедно со министерката за одбрана и со синдикатите на пожарникарите, работи на изнаоѓање решение за конечно квалификување на работните места на пожарникарите во правно формална смисла.

– Досега онака како што беше, луѓето беа оставени и не беа додефинирани работните места. За ваша информација, Противпожарната бригада, членовите на Противпожарната бригада на Скопје до сега по основ на тужби за надоместок по работни часови Градот Скопје го чинат 80 милиони денари. Меѓутоа, имајќи ја предвид мојата различност или нашата политичка различност од нашите претходници на ниту еден од нив не му е закането се нешто, ниту е избркан од работа, ниту имал последица затоа што тужел за средства за коишто и ние мислиме дека им припаѓаат и работиме да најдеме законско решение, додаде Шилегов.

Тој ја отфрли како неоснова забелешката дека со актуелната реконструкција на улиците низ Скопје е предизвикан сообраќаен хаос, нагласувајќи дека се работи на различни локации од Градот и не се попречува движењето.

– Градот е голем. Ние годинава реконструираме некаде околу 160 километри, но некаде повеќе од илјада километри градски улици, додаде Шилегов.

Според наго, за реконструкција останале уште две фундаментални улици – „8 Септември" и излезот на Скопје.

– Ако беше пред избори, ќе викавте зошто е пред избори. Во текот на епидемијата градевме четири булевари. Тогаш ја направивме „Пластичарска", го завршивме булеварот „АСНОМ", го работевме булеварот „Босна и Херцеговина", го работевме Клиничкиот центар што беше приоритет во тој период. Инфраструктурата е многу битен елемент и останува како таков, нагласи Шилегов.

Скопскиот гардоначалник најави дека до крајот на овој месец целосно ќе завршат градежните активности, со што во следните 20 или 30 години Скопје ќе има серозно квалитетна и добра инфраструктура.

Пропадна уште еден обид за примирје меѓу Ерменија и Азербејџан

Премиерот на Ерменија, Никола Пашинијан изјави дека примирјето што стапило на сила денеска наутро во Нагорно Карабах, не заживеа, пренесува Спутник.

Од друга страна, Азербејџан денеска го обвини Ереван за ракетни напади врз градот Тертер.

"Јасно е дека уште еднаш не успеавме да го зачуваме примирјето. Не знам каква ќе биде реакцијата на групата Минск, но ерменската страна стори се за да го почитува примирјето и армијата беше воздржана. Но, во вториот дел од денот можеме да кажеме дека не успеавме да го зачуваме примирјето “, рече Пашинијан во видеото објавено на Фејсбук.

Портпаролката на ерменското Министерство за одбрана Шушан Степанјан објави дека „азербејџанската армија денес дури го зголеми интензитетот на нападите, користи артилерија и тенкови, по линијата на раздвојување во Нагорно Карабах“, додаде Спутник.

Во светот се излекувани над 32 милиони лица ,заразени со Ковид-19

Бројот на луѓе во светот кои биле излекувани од ковид- 19 надмина 32 милиони, според податоците на веб-страницата „Worldometers“.

Досега, 32.001.313 пациенти се излекувале од коронавирус во светот, или 96 проценти од 43.520.941, односно сите забележани случаи.

Како резултат на ковид- 19, досега починале 1.161.360 луѓе, што е четири проценти од вкупниот број на пациенти.

Во моментов има 10.358.268 активни случаи. Лесни симптоми на болеста покажуваат 99 проценти од заразените, или 10.280.049 лица, додека 78.219 пациенти се во критична состојба.

Јапонската влада претстави план за достигнување нулта емисија на штетни гасови

Новиот јапонски лидер Јошихиде Суга претстави план според кој земјата треба да постигне нулта стапка на емисии на гасови одговорни за глобалното затоплување до 2050 година.

Новиот премиер го претстави планот во својот прв говор пред парламентот. Претходната влада имала за цел да ги намали емисиите на стакленички гасови за 80 проценти до 2050 година.

„Треба да го промениме нашиот пристап“, рече Суга, тврдејќи дека проактивните структурни промени во индустријата и бизнисот ќе овозможат силен економски раст.

Јапонија, рече Суга, ќе се обиде во голема мерка да ги развива своите обновливи извори на енергија, да ја намали зависноста од јаглен и, кога станува збор за нуклеарните централи, да се фокусира на прашањето на безбедноста.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Твитер го поздрави ветувањето на јапонскиот премиер дека Јапонија ќе стане јаглеродно неутрална до 2050 година.

„Јапонија е добар пријател и сојузник.Светот се обединува во борбата за климата“, објави на Твитер Фон дер Лајен.

Јапонија е потписник на Парискиот договор за клима во 2016 година.

По нуклеарната катастрофа во Фукушима во 2011 година, Јапонија ја прекина работата на нуклеарните централи, а многу од нив сè уште не работат, а недостатокот на електрична енергија го надоместуваат со огромен увоз на фосилни горива.

притисни ентер